Сребреница: Национализмот и негационизмот не спласнуваат
10 јули 2020„Преживеав. Би можел да се викам како било, Мухамед, Ибраим, Исак, не е важно, јас преживеав, многумина не. Преживеав на истиот начин на кој останатите умреа. Помеѓу нивната смрт и мојот опстанок нема никаква разлика, затоа што останав да живеам во свет кој трајно и неповратно е обележан од нивната смрт. Доаѓам од Сребреница. Всушност, од некое друго место, но избрав да бидам од Сребреница. Само од таму си дозволувам да кажам дека доаѓам, како што само таму си дозволив да се упатам во време кога не можев никаде другде. Токму поради тоа верувам дека местото на раѓање е небитно во споредба со местото на смртта. Првото за нас не кажува ништо, тоа е обичен географски податок; местото на смртта пак кажува се за нашите убедувања, верувања, изборите кои сме ги направиле и до кои сме се држеле до самиот крај, до моментот додека смртта не не стигне. Можеби се ова е погрешно, можеби човек сепак не може да го избере местото на смртта, како што не може да го избере ни местото на раѓање. Тие пак, сепак, умреа онаму каде што се родени, каде во годините на војната побарале и пронашле засолниште, каде во заедничката агонија преживувале ден за ден. Тие ја одбраа Сребреница со цел да преживеат, и тоа ја прави нивната смрт дотолку пострашна".
Ова е мал извадок од книгата-сведоштво на босанскиот новинар и книжевник Емир Суљагиќ, „Разгледници од гробот“. Околу Сребреница се напишани стотици книги, но делото на Суљагиќ и понатаму останува единственото сведоштво на еден преживеан. Суљагиќ е еден вид на балкански Примо Леви, кој додека раскажува не е бесен, не мрази, не бара освета, не навредува и не се дере, тој само раскажува како да се преживее, и се прашува: како човек да се помири со злосторот?!
Како и многу други босански муслимани Суљагиќ ќе пристигне во Сребреница на почетокот на војната, бегајќи од веќе уништените места и градови во потрага по спас, за само да стане заробеник на тригодишната српска опсада над градот, се до денот кога ќе почне масакрот.
11 јули 1995 година, на тој ден Ратко Младиќ мора да се чувствувал како Бог. На тој ден ќе го испразни градот од своите 40 илјади жители, ќе ги депортира жените и децата и ќе нареди убиство на 8 до 12 илјади мажи и момчиња. Така ќе го спроведе најголемиот светски масакр и геноцид после Втората Светска војна, како што подоцна и ќе утврди Меѓународниот суд за воени злосторства во поранешна Југославија, за нас попознат како Хашкиот трибунал. Спротивно на сите очекувања, Суљагиќ тој ден ќе го преживее. „Јас сум жив затоа што Младиќ ја имаше апсолутната моќ да одлучува за животот и смртта“. На 17 годишниот преведувач за ОН, генералот Младиќ ќе го праша што прави, ќе му ја провери личната карта и ќе му каже дека е слободен да си замине.
Деновиве се навршуваат точно 25 години од геноцидот каде систематски, во само неколку дена, според тоа колку лица досега се идентификувани, беа убиени 8372 мажи и момчиња. Оваа година поради последиците од пандемијата комеморативните настани ќе бидат послабо посетени од вообичаено. Но, илјадници луѓе повторно ќе се најдат во Поточари, девет тела кои се идентификувани оваа година ќе бидат погребани и ќе им се приклучат на 6600-те кои лежат под пратеријата на бели надгробни камења. На 25 годишнината од масакрот, тоа што и понатаму гори и повредува, настрана загубата на саканите, е политичката и општествената клима во Босна, во Република Српска, па и во Србија, каде признавањето на тоа што се случило, соочувањето помеѓу џелатите и жртвите, она што се нарекува „соочување со минатото“, и понатаму не напредува, туку напротив, се уназадува.
Повеќе на темата:
-Неизбришливите детски спомени од војната во Сребреница
-БиХ: Негирање геноцид и величање воени злосторници
-Караџиќ - од поет до диригент на масакри
Знаме дека постои пресуда за геноцид, знаеме дека двајцата најодговорни, лидерот на босанските Срби Радован Караџиќ и воениот командант Ратко Младиќ се во затвор. Знаеме за уште илјадници нивни извршители кои се претворија во политички и национални херои или се спасија од казната, знаеме и зошто масакрот се изврши: за тој агол од Источна Босна да биде ослободен од несрпското население, односно, заради етничко чистење.
Тоа што најчесто забораваме или го игнорираме во овие 25 години е како, на кој начин беше изведен геноцидот. Ќе се потсетиме благодарение на романот на хрватскиот новинар Ивица Џикиќ, „Беара“, каде откако истражил стотици илјадници страници од Хаг, испитал стотина сведоци и ги споредил нивните верзии, успева да го индивидуира и разглоби методот на систематски геноцид употребен во Сребреница и технички обмислен и спроведен од полковникот Љубиша Беара. Љубиша Беара, роднина на Владимир Беара, култен југословенски голман, во свое време сметан за еден од двајцата најдобри на светот заедно со Русинот Јашин, на 13 јули 1995 година по наредба на Младиќ, од тврдокорен титоист и верник во „братство и единство“, ќе се претвори во српски Химлер на чело на четиридневната операција за убиство на преку 8 илјади луѓе и уништување на нивните тела.
За Беара масакрот не преставувал морален проблем, туку технички. Одлуката за геноцидот за разлика од освојувањето на Сребреница не е однапред донесена и испланирана, туку е донесена одеднаш, без претходни подготовки. Оттука, Беара со сметководителска ревност се нафаќа да ја организира геноцидната машинерија, бирократскиот синџир за убиство „на големо“, без да пропушти ниеден детал кој можел да ја загрози операцијата. Морал да реши неколку математички равенки. Колку автобуси се потребни за да однесат преку 8 илјади луѓе што подалеку од главните патишта за потоа да се егзекутираат? Колку бензин ќе биде потребен? Колку тешка механизација е потребна за набрзина да се ископаат масовните гробници големи неколку илјадници кубни метри? И конечно, колку убијци е потребно да се најмат на саат со цел да се заврши работата, пресметувајќи ја и непредвидливоста колкумина од нив ќе се уморат од стискање на чкрапалото, или пак, колку шмајзери и оружја ќе се заглават или прегрејат од употреба?!
Други колумни од Ивор Мицковски:
-Германското претседателство и македонските преговори со ЕУ
-Дали вирусот го убива национализмот?!
-Градот мора одново да се обмисли
Беара во тие часови и денови на ѕверско резонирање ќе се соочи и со сомнежот на сериски убијци кои во четирите години на босанскиот конфликт ќе се истакнат по својата суровост, однесувајќи се како банда на месари и џелати иако делувале зад името и симболот на една армија, ослободени од сите воени закони и правила. Ќе се соочи со старешини од свој ранг, па дури и генерали, скептични во позајмување на војниците под нивна команда за да учестуваат во стрелачките одреди. Не заради хуманоста во нив, туку затоа што биле доволно префригани да претпостават дека еден масакр од такви пропорции не може да помине незабележан, и дека порано или подоцна некој судија ќе се појави, дека неизбежен е некој нов Нирнбершки суд.
Ќе се соочи и со политичари од партијата на Караџиќ, кои нема да се спротивстават на масакрот, се додека тој се спроведе некаде подалеку, надвор од нивната јурисдикција и надлежност. Ќе се соочи со граѓани на кои им сметал мирисот од концентрационите кампови и трулежот од телата, кој се ширел во близина на нивните домови. Сите тие проблеми Беара морал и ги решавал, одел напред, имал план А, Б, В, Г. Беара својата работа ќе ја изврши и покрај лошата состојба на бојното поле, затоа што неговата колатерална активност отргнувала луѓе и средства од борбите со војската на босанските муслимани. Конечно, и покрај се поевидентниот и отворен раздор помеѓу политичкото крило на Караџиќ и военото крило на Младиќ, двајцата соучесници во босанскиот хорор, Беара неуморно и беспрекорно ќе ја изврши својата крвава задача.
Побрзо, побрзо, ќе наредува полковникот, кој од командант на југословенската морнарица и вљубеник во Далмација ќе се претвори во џелат кој оперира по планините на Босна. Во рок од четири дена, со соучество на преку илјада лица, што материјални извршители, што запознаени со случувањата, Беара ќе го заврши масакрот. Нивната мафијашка омерта - заверата на молкот подупрена од стравот да не бидат откриени, сепак нема да им помогне, кога благодарение на сателитските снимки и исцрпната антрополошка форензика, ќе се пронајдат местата каде ги закопувале, па откопувале и потоа презакопувале жртвите. Во 2004-та година пред Хашкиот трибунал Беара ќе се правда дека тие јулски денови бил во Белград на роденден кај својата ќерка. Нема да му се поверува и во 2015-та ќе биде осуден на доживотен затвор. Ќе почине во 2017-та, на 77 годишна возраст, во берлинскиот затвор. Ниедно друго место не би можело да биде повеќе индикативно.
Сега кога се потсетивме, кој, зошто и како е одговорен за геноцидот во Сребреница, но и за бројни други масакри низ Босна, време е да проговориме околу растечкиот негационизам, ревизионизам и национализам во Република Српска и Србија. Република Српска првично го негираше геноцидот, па потоа го призна, за конечно пак да го негира. Србија и понатаму одбива да преземе одговорност за Сребреница. Проблемот оди дотаму што негационизмот и ревизионизмот дотолку излагаат од пропорција, што лицата инволвирани во злосторствата добиваат дополнителна политичка заштита и кредибилитет низ поранешна Југославија. Во Србија повторно на неодамнешните избори имаше кандидати како Воислав Шешељ, Драган Васиљковиќ и други осудени воени злосторници. Според законот пратениците во Србија го губат мандатот доколку се осудени на повеќе од шест месеци затвор. Но, српското правосудство и Влада и понатаму затвораат очи, додека Вучиќ спроведува историски и државен ревизионизам, а неговата политичка клика, исто како и Додиќ во Бања Лука отворено ги негираат злосторствата низ Босна и останатите делови од Југославија.
Самиот поим геноцид доживува инфлација благодарение на државните политики низ поранешна Југославија. Самите држави, конкретно Србија, Босна, Хрватска, а денес и Косово, играат меѓусебен пинг-понг со меѓудржавни оптужби за геноцид. Прво Босна поднесе тужба против Србија, па Србија противтужба против Босна. Потоа се уклучи и Хрватска. Тужбите меѓу Хрватска и Србија ќе бидат отфрлени во 2015-та, и така ќе се заврши спорот кој траеше цели 15 години. Дури и Косово преку Хашим Тачи во 2016-та се закануваше со тужба за Србија, но имајќи предвид дека пред Меѓународниот суд за правда тужба може да покрене само држава членка на ОН, таа опција пропадна, а во меѓувреме Тачи со уште девет други поранешни борци на ОВК се обвинети за серија злосторства против човештвото и воени злосторства, од страна на Специјалното обвинителство во Хаг.
Како што деновиве пренесува БИРН властите на Република Српска, ентитетот во кој се наоѓа Сребреница, не ги прифаќаат масакрите како геноцид и го доведуваат во прашање дури и бројот на жртвите. Бошњаците во Сребреница сметаат дека овие обиди за минимизирање на нивната трагедија се вознемирувачки и тие се загрижени поради конзистентноста на националистичката реторика. Градоначалникот на Сребреница, Младен Грујичиќ, кој на локалните избори во 2016 година беше избран за прв небошњачки повоен градоначалник на Сребреница, е еден од оние што негираат дека е извршен геноцид.
Хрватскиот филозоф Жарко Пуховски смета дека со користење на терминот геноцид одреден воен злочин се поместува од нивото злочинец-жртва, на ниво каде злочинецот е целиот колектив. „Тоа е тежок термин со кој една нација се воведува како жртва во играта, како објект и автоматски друга нација или друга политичка група се воведува како извршител, повторно колективно“. Но, Пуховски додава и дека вистинското прашање е зошто денес се отфрла терминот геноцид онаму каде што му е место, како што е случајот со Сребреница. „Геноцид е тоа што судот кажува дека е геноцид, и во случајот на Сребреница работата е кристално чиста – станува збор за убивање на луѓе врз основ на нивното потекло“.
Постојат премногу приказни за крв, за мирисот на смртта и за рушевините, но тоа што се почесто мора да се раскажува е веќе историјата на еден втор злочин, оној за обидите да се отстрани, сокрие или негира вистината. И покрај бескрајните сведоштва на жртвите, бројните новинарски истражувања, илјадниците книги, огромниот број на откриени и отворени масовни гробници, тоните документи врз кои се базираат пресудите на Хашкиот трибунал, и понатаму постојат луѓе и политичари кои се обидуваат да негираат се, да реконструираат преку употреба на лаги, да го дисторзираат тоа што е совршено документирано и што е можеби медиумски најследениот геноцид во историјата на човештвото.
За крај ќе ја оставам пораката на мајките од Сребреница: „Живееме, зашто мора да се сеќаваме“. За жал и после 25 години, покрај борбата против заборавот, мораме и понатаму да се бориме и против лагите, историскиот ревизионизам и негационизмот.